Еротски приказни: ЉУБОВ В БОЛНИЦА
Седев во болничкиот ходник и ги броев минутите. Со мене во ходникот имаше три жени и заедно чекавме. Ги набљудував сите три и ми беше чудно што сите нѐ спои една личност. До пред еден час немаше никогаш да се замислам во оваа состојба во која сум – да седам овде со непознати личности.
Меѓутоа, некогаш мигот е доволен за да пресече многу настани. Тој миг го менува текот на нормалните настани, други личности влегуваат во животот и едноставно му се прекројува иднината што почнува да тече во сосем друга насока. Доволен е еден телефонски повик за да се промени сѐ, да го вознемири човекот, да го фрли во воздух и да го однесе којзнае каде.
По кратко седење започнавме разговор. Постарата жена плачеше, а другата се запозна со мене и ми објасни: „Јас сум Даниела и сум му сестра на Далибор. Оваа жена до мене ни е мајка“.
Со очите погледна накај девојката која седеше до неа и продолжи: „Девојкава се обучува кај Далибор. Направиле сообраќајна незгода, но возачот од другото возило бил крив. Далибор не бил многу повреден“.
Јас се насмевнав и тивко ѝ одговорив: „Јас сум Каролина, имавме вечерва договорено за да се видиме со Далибор. Ми се јави пред малку и веднаш дојдов“.
Девојката ме гледаше милно и со многу топлина. Потоа стана, отиде и ни донесе кафе од автоматот што беше на крајот од ходникот. Се напив голтка од кафето, меѓутоа не можев да ја голтнам. Некоја горчина ми ја беше обземала устата. Продолжив да го пијам кафето со сила, а Даниела ме забележа. Таа се насмеа и ми кажа: „Седиме подолго време и ние сме изморени. Испиј го кафето, ќе ти даде сила“.
Иако првпат ги гледав, колку повеќе поминуваше времето, толку почнував да чувствувам доверба кон нив. Разговаравме и се почувствував како да се знаеме многу години.
Во меѓувреме, излегоа докторите и ни рекоа: „Направивме снимки на главата и лабораториски наоди од крвта, но ќе направиме и други испитувања. Во овој момент параметрите се добри, меѓутоа никогаш не се знае. Сега засега дел од ногата и дел од раката се во лонгета и повеќе ништо не можеме да кажеме. Да се надеваме на добро“.
Мајка му почна да плаче а Даниела ја смируваше. Девојката која ја обучуваше кога слушна дека е добар издивна длабоко, се поздрави со нас и си замина.
Ние поседовме уште некое време и потоа ги пуштија да влезат мајка му и сестра му. Ги почекав да излезат и јас потоа влегов. Далибор беше блед, меѓутоа лицето му блесна кога ме виде. Не ми беше убаво кога го осетив чувството на немоќ кога некој лежи в болнички кревет, но Далибор веднаш почна да се шегува со мене како кога го видов првиот пат. Ми кажа: „Ете, требало овде да се видиме. Изгледа оној што сака да те види, ќе дојде и ќе те види. Ти благодарам што дојде“.
Неговиот ведар глас ми ја отпушти здрвеноста и веќе бев подобра. Всушност, ситуацијата беше сериозна, меѓутоа јас се чувствував поласкано бидејќи Далибор не го сокри од мене овој непријатен настан туку и ми се јави и го посетив. Мала искра, но некогаш многу значајна.
Не мора да имаме класична врска, сакав да имам друштво до себе, некому да му се доверам, едно кафе на раат да испијам, да отидеме и да бидеме некаде заедно. Оној пријатен израз на лицето што го направи Далибор кога ме виде „ми требаш“, не ќе можам да го заборавам и долго време ќе биде со мене.
Се разделив со Далибор и ми рече дека ќе ме информира за здравствената состојба и за тоа кога да го посетам. Утре има регуларна посета, а потоа ќе видиме како ќе се одвива ситуацијата со неговото здравје.
Кога дојдов дома, седнавме со моите и им раскажав што се случува. Им кажав само дека сме со Далибор пријатели, но не можев да им ги раскажам деталите. Тие се загрижија и за Далибор. Меѓутоа, важно е на главата да нема повреда, а првичните резултати од томографијата се добри иако падот бил незгоден. Следните денови ми беа исполнети со посета кај Далибор в болница, слушање на телефон, а со тоа уште повеќе се зближив со двете, а особено со Даниела. Таа ми се приближи гледајќи ме колку се грижев за Далибор. Бевме некоја слична возраст со неа, а и карактерно си одговаравме. Неколкупати си седнавме на кафе за да си правиме муабет.
Поминаа две недели. На Далибор му беше подобро. Јас кога влегував, обично Даниела и мајка му ќе поседеа малку и нѐ оставаа сами. Подготвував супи, хранливи чорби и салати со цел да му подигне имунитетот на Далибор. Од почеток разговаравме за здравјето, но како поминуваа деновите се рашири нашиот хоризонт на запознавање и преминавме на други теми.
Ние си откривме многу заеднички карактеристики. Сакаме да јадеме иста храна, двајцата сакаме возење и брзи коли, пливање и авантури. Двајцата обожуваме да гледаме хорор и романтични филмови и сакаме да читаме слични книги. Му раскажував за моето семејство, му покажував слики од наши патувања. Сакаме и двајцата романтика. Си ги кажувавме нашите физички недостатоци и меѓусебно се шегувавме.
Љубовта не доаѓа веднаш. Прво се случуваат пеперутките, меѓутоа не се доволни – за сѐ треба време. Овие две недели беа пресудно време. Време за нова љубов. Тоа што се случи во колата беше едно физичко искуство – желба за страст. А сега го гледав со други очи. Започнавме со обични бакнежи. Потоа продолживме со долги бакнежи, со милување на лицата и на вратот и подоцна преминавме на запознавање на телата. Јас бев повешта бидејќи на Далибор едната рака и нога му беа в лонгета и делуваше мошне интересно.
Дојде време за да си оди дома. Отидов в болница и го однесовме кај него дома. Откако го сместиме Далибор в соба, Даниела ме покани да пиеме кафе, јас прифатив и седнавме во дневната соба.
ОСАМЕНА