Еротски приказни: НА БАЊА В ПЛАНИНА

Добивај вести на Viber

Откако ја видовме мајката шарпланинец со своите малечки, многу се расположивме. Таа мечта за продолжување на животот кај сите живи суштества, особено кај домашните галеници, постоела кај мене отсекогаш. Се чувствував многу возвишено и благословено што сосем случајно ја открив оваа особина и кај Далибор. Навистина сум била привилегирана што патиштата ми се вкрстија со него. Колку повеќе сме заедно, толку повеќе ни се множеа заедничките особини. Се чувствував гордо кога по нашиот пат кон бањата сретнавме штотуку родени мали кученца со нивната мајка. Сакавме веднаш да ги земеме, но не знаевме како ќе биде и затоа им оставивме храна, вода и ќебе и се договоривме дека ако има можност, ќе ги однесеме таму.

  Стигнавме до хотелот со спа центар. Пред еден планински завој се исправи пред нас повисок објект со неколку убави монтажни бараки. Колку убава глетка. Воздухот беше ладен и остар. Ветерот што дувкаше смело ја нарушуваше тишината како да сакаше да каже дека ќе биде бучно нашето доаѓање. На сребрено-синото небо имаше раштркани облачиња што светеа и што се нишаа лево-десно. Беа спуштени толку долу што ми доаѓаше да скокнам и да ги фатам. Далибор застана, го погледнав и ми рече: „Морам да го видам ова сјајно небо и да го фотографирам“.

  Пред нас имаше мала куќичка на која пишуваше пријавница. Се појавија од обезбедувањето. Се претставивме, а тие нѐ упатија каде да се пријавиме. Таму нѐ пречекаа едно момче и една девојка кои кога нѐ видоа, се насмеаја и ни кажаа дека нѐ чекале.

  Веднаш отидовме во амбулантата за докторот да одреди каква терапија ќе зема Далибор. Тој ги виде снимките на Далибор и ни кажа дека оваа бања е доста ефикасна за неговиот вид скршеници и му одреди терапија. Исто и мене ми препорача терапија за да си ги релаксирам мускулите на рацете и на нозете.

  Потоа отидовме во хотелот што изгледаше многу поубаво од сликите што ги гледавме. Светлата портокалово крем боја што иако дречеше, совршено се совпаѓаше со дивата природа. На рецепција беа три момчиња од кои едното веднаш излезе за да ни ги донесе куферите. Ни дадоа клуч и нѐ советуваа да отидеме веднаш во апартманот за да се одмори Далибор. Апартманот беше многу комфорен и убаво наместен. Имаше тоалет со бања со када поврзана со изворска вода. Спалната во која имаше поставено голем брачен кревет беше поврзана со тоалетот. Во дневната имаше голем телевизор и компјутер со интернет. Стилот ми беше ептен погоден. Далибор легна за да се одмори додека јас ги отпакував куферите.

  Тргнавме прво на терапија, па подоцна на ручек. На терапија беше убаво бидејќи водата беше топла и мирисаше убаво. Ни беше препорачано и пливање, но тоа беше за приквечер. Во бањата имаше многу луѓе. Јас се изненадив затоа што нѐ видов луѓе кога доаѓавме. Можеби одмараа и една сестра ни објасни дека во зависност од барањата има различни типови сместувања и во бараките има доста луѓе. Таа додаде дека оваа бања е позната по своето лекување и престој и низ целата година има луѓе. Отидовме в соба и еден час лежевме покриени и потоа слеговме на ручек.

  Не се чувствував гладна, едноставно не ми се јадеше. Искрено, размислував за мајката шарпланинец. Ние ѝ оставивме храна за денес, меѓутоа утре што ќе јаде? Далибор си јадеше и ми кажа дека оброкот е многу вкусен. Трпезаријата беше многу интересна, на нивоа и мебелот беше во разни бои и ѕидовите. „Во бањава сѐ што видов, ми се допадна“, си реков во себе.

  Изгледа кога му кажував на Далибор, бев гласна и еден човек и една жена што седеа до нашата маса се насмеаја и ми рекоа: „Ние повеќе од деценија ја посетуваме бањата и сме заљубени во неа. Вие можеби првпат доаѓате овде, но сигурно нема да ви биде последен “.

  И ние со Далибор се впуштивме во разговор со нив. Седнавме на иста маса. Кога е некој пријатен со тебе, се препознава и ти се опушташ и почнуваш да разговараш за сѐ. Ни објаснија дека всушност ова е приватна бања и дека сопственикот има желба овде да има луѓе и да се лекуваат, а не да заработи многу пари. Персоналот се обучува да внимава на гостите за да бидат задоволни со сѐ. Тогаш јас им раскажав за мајката шарпланинец дека е во шума сама со своите кученца и тие се нажалија и ни рекоа дека утре ќе побараат помош и од персоналот и дека ќе одиме да ги згрижиме. Искрено се успокоив. Ми се врати апетитот и каснав малку колку да ми се врати силата. Луѓето беа постари од нас, Лина и Људмил. Ни кажаа дека навечер има забава со музика и дека ќе се сретнеме ако дојдеме. Се договоривме дека ако може Далибор ќе дојде, ако не, може ќе одам сама и ќе поседам со нив. Потоа, станавме, се поздравивме со нив и заминавме во апартманот.

  Беше мирно и тивко. Легнавме ва спалната. Далибор се стутка до мене: „Каролина, кога бевме в кола и водевме љубов, не чувствував ништо за тебе, но ми беше мила и пријатна. Тоа чувство почна да расте во мене по сообраќајката. Претходно имав неколку долгогодишни врски, меѓутоа хаосни – ниту се почитувавме, ниту се сакавме“. Малку подзастана и продолжи: „Мислев дека така треба да се одвиваат работите. Кога дојде на болница и беше таму покрај мене, почувствував дека на некој му значам и дека се грижи за мене. Љубовта пламна во мене. Првпат срцето ми тропа од возбуда, всушност срцето ми пее од радост. Среќен сум што те имам, што си покрај мене, што се почитувате со мајка ми и со сестра ми, што се грижиш за мене, што ме сакаш со целото срце и душа“.

ОСАМЕНА