Еротски приказни: СЕ ЗАОКРУЖИ ЕДЕН ПЕРИОД ОД ЖИВОТОТ
Заврши викендот. Се разделивме срдечно и секој тргна по свој пат. Планирав да одам кај мене дома, но се премислив. Кај мене можно е да се случи некој непредвиден настан и споменот за овој убав викенд ќе се упропасти. Затоа, му сугерирав на Ставре да ме донесе во куќата на моите родители. Се поздравивме со Ставре, ми кажа дека ќе ме побара деновиве за да се видиме и заѕвонив на влезната врата.
Ангела уште од врата ме избакна и се галеше со мене небаре не сме се виделе со месеци. За да ја прекинам ѝ реков: „Ангела не сме се виделе само три дена“. Таа ми одговори милно со нејзиниот нежен глас: „Ми недостигаше многу, дадо“. Мајка ми и татко ми притрчаа и сите четворица се прегрнавме и си направивме круг со кој сакавме да покажеме дека сме семејство и дека ништо и никој не може да нѐ раздели.
Вечерта седевме до доцна, а утредента бев прва смена на работа. Кога си легнав, веднаш сум заспала и утредента бев свежа и одморена. Можеби бев под влијание на планинскиот воздух што се разликува многу од загадените градови.
Утредента, кога влегов в кујна, беше вообичаена маса луѓе. Престојуваа гости кои присуствуваа на семинар и се подготвуваше различни видови храна. Сите работеа брзо и молчеа, а и не бев многу расположена да им објаснувам како го поминав викендот. Но, нешто ми беше сомнително. Се знае секогаш кога е вештачко молчењето, а кога е природно. Шефот ми беше чуден, не ме ни погледна.
Не можев да ја поднесам оваа неприродна тишина и морав да прашам на глас: „Многу сте ми чудни и нерасположени утрово. Што се случило?“ Сите ме погледнаа со насолзени очи. Шефот ме погледна в очи и изусти: „Дојди со мене кај директорот“. Директорот беше близу до нас, само неколку скали погоре.
Ме фати паника. Нозете почнаа да ми се тресат и не можев да се движам. Сигурно многу побледев кога шефот почна да ме успокојува: „Ајде со мене“. Ме грабна под мишка и буквално ме качи по скалите.
Влеговме кај директорот. Тој од врата нѐ погледна и целиот се заплетка. Шефот ми подаде стол и ме седна. Директорот со треперлив глас ми кажа: „Каролина, утрово починал Милан. Сега се јавија од болница. Јас веднаш се јавив кај вас дома. Се јави татко ти и веќе е тргнат за наваму за да те однесе дома“.
Не можев да се соземам. Почнав да плачам. Милан сѐ уште го сакав. Иако бевме пред развод, имав во мене искра надеж дека може ќе се смириме. Сега е готово. Завршено. Нема назад.
Главата ми стана тешка како железо. Се чувствував отсутно, како ова да му се случува на некој друг. Горчината од желудникот почна да ми се крева нагоре, ми се гадеше и забите почнаа да ми се тресат. Ми се забелее и како низ магла го видов татко ми како влезе и како силно ме прегрна.
Не се сеќавам понатаму. Кога се освестив, видов како човек во бело ми мереше притисок. Татко ми ме успокојуваше: „Каролина, сѐ ќе биде добро, не се плаши. Повикавме брза помош, сѐ ќе биде ви ред“.
Потоа, разговараа со докторот, кој им кажа дека е нормално во ваква ситуација да се биде во шок. Станав полека. Докторот уште еднаш повтори дека сѐ ќе биде во ред и потоа заминаа заедно со сестрата.
Не можев да прифатам дека Милан повеќе го нема. Со последниве лоши настани си наштети себеси. Убаво се рекло, секој што си прави, за себе лошо си прави. А особено со последните испади, тој ги разочара луѓето кои му веруваа и кои го почитуваа и никој не очекуваше дека на ваков начин ќе го заврши животот.
Татко ми се поздрави и мене ме однесе дома, а тој продолжи да ги заврши сите останати процедури што беа потребни во тој момент.
Влегов дома со плачење и мајка ми ме гушна и храбро ми кажа: „Се јавив в болница, смртта настапила како последица од тепање. На сите ни е жал. Мора да бидеме храбри и да ги издржиме овие тешки моменти“.
Тие лоши денови ми поминаа в кошмар. Не сакам ни да се сетам и а по долго време не можев да си дојдам на себе, одев на работа бидејќи тоа ми беше единствена сатисфакција. Во меѓувреме, ја реновиравме мојата куќа и мебелот го освеживме. Ставре сигурно знаеше за ситуацијата и не ми се јави. Можеби му беше непријатно или можеби ова му беше алиби за да не се јави. Не знам. Додека Ален никаде го немаше. Едноставно, сѐ остана некаде во минатото закопано. Изгледа дека така е подобро – минатото да се претвори во спомени.
Сите ми зборуваа дека морам да продолжам да живеам, но не сакав да прифатам. Се обвинував себеси иако не бев виновна. Времето поминуваше, но јас не реагирав на околината.
Меѓутоа, мора нешто да се случи за да продолжат работите. Мајка ми имаше реума и еден ден лежејќи дома се вкочанила. Татко ми беше на пат. Повикавме брза помош, таа доцнеше. Едвај најдовме такси. Ангела и јас бевме многу вознемирени додека да дојде таксито за да ја однесеме в болница. Некако во тој момент се почувствував беспомошна и со грижа на совест. Колата ми стои во гаража, не се вози и за кратко време ќе се расипат сите делови. Се подготвував за да полагам за да земам возачка дозвола, но се случија многу настани. Решив да уплатам и да завршам со возачката. Еден период од мојот живот ќе биде заокружен.
Кога бев да полагам тестови, имаше едно момче кое таму работеше и се шегуваше со сите додека чекавме. Мене ме гледаше директно в очи, меѓутоа не му обрнав внимание. Денот кога требаше да започнам со часови, отидов во автошколата за да ми доделат инструктор. Влегов и со газдата седеше едно момче. Го препознав. Тоа беше момчето што се шегуваше и ме гледаше директно во очите.
Беше сериозен и ми се претстави: „Јас сум Далибор. Јас ќе ве обучувам. Се надевам дека ќе соработуваме и дека ќе бидете задоволни со обуката“. Јас му одговорив: „Се надевам дека и вие ќе бидете задоволни од мене“.
Така почна сѐ.
ОСАМЕНА