Еротските сцени возбудуваaт, вознесуваат, но не се преминува границата на умереноста: Ана Антовска за својот прв роман

Ана Антовска, го издаде својот прв роман  „Совршен допир“. Жанровски сеопфатен, предизвик за љубителите на романси, драми, мистерии,еротика, „romantic suspense“.  Позната ни е како текстописец на некои песни на Биба Додева, Ребека и други изведувачи. На минатогодишниот „Макфест“ со песната „Твоја“ на музика и аранжман на Роберт Билбилов, во изведба на младата Марија Данева, освои трето место.

- Иницајлната каписла за да го напишам овој роман беше потребата да оставам пишан збор, дел од мојата ДНК на хартија. Воедно, пандемискиот начин на живот ме поттикна на креативност, која очигледно на крајот се исплатеше- вели Антовска и додава дека романот го напишала за три месеци.

- Идејата беше созреана во мене, нормално мојата уредничка Ивана Спасев од издавачката куќа „Сакам книги“, беше дел од целиот процес, советувајќи ме, споделувајќи го своето знаење, насочувајќи ме во вистински правец. Сите ликови кои се појавуваат во романот, ги создадов како живи, и тој дел посебно ме фасцинира. Раделбата со нив ја доживеав многу емотивно, како да се одвојувам од сопственото семејство. Воопшто не ги очекував емоциите кои ме пресретнаа додека го создавав ова дело. Вложив многу емоции во текот на целиот процес, влог кој несомено моите читатели ќе го почувстуваат. Имаше моменти кога се будев од сон и ги забележував своите мисли, за да не ги заборавам. Ми се случуваше додека возам да го вклучам телефонот и да снимам цели пасуси кои ми извираа како лава. И многу сум среќна заради тоа, бидејќи во тие моменти се родија многу убави делови од книгата – посочува писателката.

За романот вели дека преставува пионерски потфат во македонската литератута, од аспект на опишување еротски сцени.

- Експлицитноста за која се решив е мошне софистицирана. Тие возбудваат, вознесуваат, но не се преминува границата на умереноста. Како жена писател, особено сум горда што се осмелив да го направам тоа, и го постигнав ефектот кој ми беше цел. Се работи за двајца млади архитекти меѓу кои се јавува силна хемија, кои се борат со своите чувства и страст. Има една тајна која главниот лик Марија ја потиснува 18 години и која и се заканува дека тотално ќе ја скрши. Половина од дејствоо се случува во прекрасната Италија , во Белаџо на езерото Комо. Тоа е приказна која цело време ве држи во тензија, проткаена со многу емоции, желби, страст, внатрешни стравови, надежи, животни премрежја на една млада жена – открива Антевска.

По професија е нутриционист, девет години вработена во клиничката болница „Аџибадем Систина“ и тоа ќе остане засекогаш. Нутриционизмот не е само нејзина професионална определба, туку и љубов во која се безрезервно се дава себеси.

-  А успешните приказни кои се дел од моето секојдневние, ми даваат поттик да бидам уште подобра во она што го работам. Неверојатно сум благодарна на моите претспоставени и колеги кои искрено ме поддржаа за оваа моја прва книга. Пишувањето како мое хоби ми дозволува да допрам височини кои никогаш не би можела да ги допрам на друг начин, мој благослов од кој немам намера да се откажам. Мојата издавачка куќа ми помогна да го стварам сонот и од срце им благодарам за професионалноста и перфекционизмот со кој работат – посочува на крајот од нашиот разговор.

Соња Алексоска Неделковска