ЕВН донираше апарат за рана дијагностика на оштетувања на слухот во Општата болница Куманово

Добивај вести на Viber

ЕВН донираше  апарат за рана дијагностика на оштетувања на слухот кај новороденчињата во Општата болница Куманово. Годишно на одделот за акушерство и неонаталогија во оваа болница се раѓаат околу 1.400 деца на кои отсега ќе им се извршува овој важен преглед. Досега, за овие прегледи сите деца од внатрешноста на Македонија мораа да патуваат на Клиниката за уво нос и грло во Скопје. Донацијата ЕВН ја реализираше со поддршка на Project HOPE во Македонија.

„Апаратот што го донираме денес е задолжителна опрема на неонаталните одделенија во Западна Европа и истиот е според највисоки европски стандарди. За нас најбитно е што на родителите, чиишто деца се раѓаат на регионалната болница во Куманово, им скратуваме една грижа во најсензитивниот период од животот. Тие досега за ваков преглед мораа да патуваат до Скопје и тоа дури откако ќе забележат проблеми во слухот кај нивните деца. Голема благодарност до Project HOPE за тоа што ни укажаа каде е неопходна нашата помош, но и ни пружија поддршка во реализација на оваа донација“ изјави  г-дин Штефан Петер, Претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија за време на примопредавањето на опремата.

„Квалитетен живот значи квалитетно здравство. За постигнување на оваа цел, задолжителна е поддршката на сите чинители во општеството. ЕВН треба да послужи како позитивен пример за компаниите во приватниот сектор со тоа што ја препозна потребата за донирање во здравството. Но, Project HOPEсе оние кои помогнаа да се насочи соодветно добрата волја на приватните донатори. Благодарни сме за нивната долгогодишна поддршка на македонското здравство, а во последните две години особено во унапредувањето на здравјето на мајките и бебињата што за нашата влада претставува исто така една од примарните цели.“ изјави Министерот за здравство, г-дин Венко Филипче.

Благодарност до ЕВН и Project HOPE упати и д-р Снежана Захариева, директорка на Општата болница Куманово. Таа истакна дека болницата во Куманово која ја посетуваат пациенти од северно-источниот регион, но и пошироко, претставува една од болниците во Македонија каде што има најмногу раѓања и постојаното унапредување на условите на одделот за акушерство и неонаталогија е од огромна важност.

Project HOPE е интернационална организација која претставува мост што ги поврзува донаторите со здравствените инстутуции и гарантира за соодветно трошење на донираните средства. Тие најавија дека ќе продолжат со подобрување на опремата и квалификациите на персоналот на одделот за акушерство и неонаталогија во Куманово. Г-дин Јан ван ден Берг од Project HOPE Германија посочи дека ЕВН е редок пример во Македонија што ја практикува оваа форма на одговорно донирање. Тој потсети дека Project HOPE во континуитет ги опремуваат и Клиниката за детски болести во Скопје и Специјалната болница по гинекологија и акушерство во Чаир. Овие напори се во склоп на глобалните цели на организацијата, а тоа е здравјето на мајките и бебињата.

Евентуалните проблеми со слухот вообичаено треба месеци, а понекогаш и години да се откријат во отсуство на соодветна апаратура. Со раното откривање, децата ќе може да се соодветно и навремено да се третираат и со тоа да живеат поквалитетно и покрај оштетувањето. Персоналот на одделот за акушерство и неонаталогија во Куманово истовремено со инсталација на опремата ќе добијат и обука за правилно користење на апаратот за скрининг на слух и со тоа уште веднаш ќе започнат со реализација на прегледите.