(ФОТО) Каролина прва во регионот, блесна во два елегантни аутфита на MAC
Спектакуларното музичко шоу Music Award Ceremony (MAC) на кое учествуваа најголемите музички ѕвезди од Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, за прв пат се одржа вчеравечер во белградската Штарк арена.
Нашето македонско девојче Каролина Гочева, со својата песна „Ти не дојде“ од последниот албум „Извор“, ја доби наградата „Најдобра етно нумера“ од гласовите на публиката.
Пејачката на црвениот тепих се појави во црна комбинација, над која имаше бел капут со кој ја разби монотонијата. Инаку малиот црн фустан со своите детали изгледаше одлично на тенката фигура на Гочева.
На сцената на MAC, пејачката се појави во комбинација со црни панталони. Светкавата блуза одговараше на исто светкавите чизми.
Беретката и болерото додадоа само еден убав шмек на целата комбинација која е автентична на Каролина.
Таа ја изведе „Ти не дојде“ во живо и доби само пофалби за својот глас и изглед.
Пред Каролина следуваат 4 концерти од кои првите два се целосно распродадени, а вторите концерти со Македонската филхармонија кои се закажани за 20-ти и 22-ри февруари, се пред распродавање, како што информираат од Авалон продукција.