(ФОТО) Што морате да видите ако одите на Тасос?
Уникатни мермерни плажи, природната атракција „Ѓола“, заливот Алики со неговите неверојатни таверни кои како да опстојуваат стотина години, стари цркви, пикторескните села стиснати во борови шуми под планинскиот врв Ипсарио.. Другото ќе ви го кажат во сите туристички агенции
Најзелениот грчки остров Тасос, ова веројатно е флоскулата што прво ќе ви ја кажат во која и да е туристичка агенција која го нуди овој грчки остров што се наоѓа во близина на големиот грчки град Кавала.
Тасос, освен тоа што е најзелен, има неколку скриени убавини и понуда што го прави многу поразличен од другите грчки острови. Овој текст всушност е наменет токму на оние кои би да го одберат Тасос, но доколку знаат дека таму можат да видат нешто посебно и поразлично од она што го виделе на другите грчки острови. Ако ги оставиме на страна прекрасните долги и пространи песочни плажи, уникатниот ситен песок, гостопримливите домаќини, лежалките, чадорите, баровите, уникатните таверни со посебен шмек, плитките пространства на кои може слободно да ги пуштите децата без да се „цимате“ Тасос сепак има да понуди и по нешто друго.
Што треба да видите на Тасос?
Најпрвин прочуениот „Ѓола“, чудо на геологијата, базен во стена која всушност е брег на Егејското море кое го заплиснува Тасос на неговата јужна страна помеѓу заливите на Алики и на Астрис.
„Ѓола“ што всушност во слободен превод на Македонски јазик значи „Ѓолот“ е природен базен издлабен од природата во стена на брегот. Базенот со радиус од дваесетина метри е издлабен на работ на стената која всушност е морски брег. И се полни со морска вода која потоа ја менува својата сина боја во зеленикава. Затоа што базенот не е поврзан под вода со морето и тука е големата геолошка мистерија. Во секој момент на стените околу „Ѓола“ се распослани десетици туристи, а во базенот има пливачи, а и похрабри – скокачи кои се нурнуваат во зелената вода од работивите на литицата. Најхрабите тие што скокаат од врвот редовно добиваат аплаузи и овации од сите присутни што создава симбиоза меѓу посетителите и остава чувство на припадност и заедништво. За да стигнете во оваа природна атракција е потребно пешачење од 10 до 15 минути во еден правец од магистралниот пат. За да се стигне до локацијата се поминува стрмина која во последните стотина метри е стена. Потешкиот дел е качувањето затоа што нема сенки и изложеноста на сонце е речиси целосна, но вреди. Во непосредна близина на „Ѓола“ има и таверна, да може да се приседне и освежи секој посетител.
Единствените мермерни плажи
Економијата на „Тасос“ има две брзини. Едната е туризмот кој носи многу пари затоа што туристичката мрежа е силно развиена. Другата брзина е вадењето камен и тоа еден од највредните – мермер. Тоа го прават кога не е туристичка сезона. И можеби тоа е и поголемиот бизнис, но тоа сега не е важно. Во нашата приказна важно е дека некој претприемач се сетил природните пристаништа на кои се товара и превезува мермерот сместени во заливи да ги претвори во плажи. Тие се уникатни! Сите што многу шетале по Грција и виделе различни места, доколку не биле, треба да ги посетат мермерните плажи „Марбл Бич“ (Порто Вати) и „Салиара“. Први треба да имате во себе авантуристички дух! Затоа што до овие плажи не се стига по рамно. Да, се стига со автомобил. На асфалтниот пат од пристаништето Тасос во подножјето на планината пред селото Панагиа има исклучување кое води по црн односно земјен пат и по него се вози десетина километри. На патот имате возбудливи серпентини, големи нагиби затоа што патот е правен пред се за механизација која вади мермер од утробата на планината. Патот дури делува на моменти и непријатно, но и тоа е дел од авантурата. Најпрво впечаток остава копот од кој се вади мермер од утробата на планината. Импозантно е кога минувате покрај планина половина исечена во напречен пресек и ги гледате огромните мермерни блокови кои чекаат да украсат нечии домови, фасади, канцеларии... Надолу по серпентините, само во втора брзина, и кроце. Полека од тесната клисура се отвора поглед на прекрасниот залив, тиркизно море, мини плантажа со стари маслинови дрвја, бар и мермерното пристаниште. Лежалки и чадори, средена плажа, многу елементи изработени во мермер. Се загледувате меѓу прстите на нозете и не ви се верува мермер ситен како песок. Приказна која вреди да се конзумира, уникатно место. Зад кривината по „Порто Вати“ ќе дојдете и до „Салиара“.
Уникатните планински села Потамиа и Панагиа (Богородица)
За сите кои што сакаат да го почувствуваат и темпераментот и менталитетот на локалните островјани топло препорачуваме да ги посетат горенаведените села, од кои особено Панагиа и Потамиа за да го почувствуваат секојдневието на островјаните. Се разбира во планински амбиент. Селата се сместени во пазувите на планината чиј врв се вика „Ипсарио“ и до него може да се испешачи за три часа. Од таму има уникатна глетка на сите страни од островот. Патот почнува од селото Потамиа кое е на три километри од две најголеми плажи „Рајската плажа“ и „Златната плажа“. И двете села многу приличат на наше Крушево, стиснати се во густа борова шума. Во Панагиа има неколку таверни, слаткарници, продавници под столетни дрвја и во многу зеленило. И многу туристи. Во Потамиа е поразлично, многу повеќе се чувствува локалниот дух. Приемчиви и гостољубиви домаќини, средечно ќе ве упатат ако залутате во некое од сокачињата. Се гледа дека се големи домаќини, се се чисто и средено, иако не се богати луѓе. И верници затоа што во селото има четири православни цркви. За Теологос ќе прочитате многу и во туристичките понуди.
Уникатното заливче „Алики“
Во ова заливче добивате чувство дека времето застанало. Нема мегаломански нови градби. Збиено мало рибарско село во кое сите куќи во првиот ред до морето се претворени во одлични уникатни таверни со старински дух, уредени со многу љубов и топлина. Скромен инвентар во препознатливи грчки бои поставен на мермерни патоси, покриен со густи лозници и украсен со многу цветови. И поглед на прекрасната тиркизна боја на морето. Може ли човек да посака нешто поубаво. Дел од куќите кои се зачувани повеќе од стотина години се издаваат за туристи. Навистина уникатно.
Веруваме дека ви дадовме доволно причини да ѕирнете во душата и традицијата на еден од најубавите острови со многу традиција и култура. Многу други детали ќе добиете на интернет, на социјалните мрежи или во некоја од туристичките агенции.
Како до Тасос?
За нас Македонците главно има две опции. Првата од Гевгелија или од Солун, а втората е низ Бугарија, па оттаму по автопатот кон Кавала. Втората е пократка за жителите на Источна Македонија. Првата е побрза затоа што најголем дел од патот возите по автопат низ Македонија и низ Грција. Ако одите низ Македонија по минување на границата пред Солун тргнувате кон Кавала. Има две патарини по 2,4 евра секоја. Патот до Кавала е околу 170 километри од граница. До Тасос се стига со траект. Има две пристаништа. Поевтината варијаната е траектот во Керамоти. Мало место на 30 километри југоисточно од Кавала. Втората варијанта е Кавала од каде возењето со траект е подолго и поскапо. Од Керамоти чини 16 или 22 евра за автомобил (во зависност од големината) и уште по 4 евра за возрасен и 2 евра за дете. Траектот од Керамоти носи до Тасос и до Лименариа, двете пристаништа на островот Тасос. Траектот од Кавала води кон Лименариа.