(ГАЛЕРИЈА) Сите сме исти: Силни пораки за подигнување на јавната свест на Скопскиот маратон
Рекордни 12.500 учесници од 58 земји денеска трчаа на 15-от „Виз ер Скопски маратон“ поделени во неколку категории - маратон, полумаратон, мешан штафетен маратон (мажи и жени) и на ревијалната трка на пет километри.
Учество земаа и рекреативци и професионалци, тимови од јавни претпријатија и приватни фирми, од здруженија и хуманитарни организации кои преку своето учество испратија силни пораки за подигнување на јавната свест.
Оваа година стартот и целта на трката беа пред Собранието, а се трчаше кон Владата, лево по булеварот Илинден кон Ѓорче Петров, оттаму по булеварот Теодисиј Гологанов, кон Центар, населбата Јане Сандански и назад до Собранието.
Чалаче Тируне (Етиопија) е победникот на 15. јубилен „Визер скопски маратон“. Тој истрча со време од 2:15.37 часа, а зад него завршија Вилфред Корир од Кенија и неговиот сонародник Гатаје Гелав. Најдобропласиран Македонец беше Александар Кираџиев, кој заврши на шестото место.
Во женска конкуренција Јунис Мухири (Кенија) со време 2:33.38 часа постави рекорд на маратонот, додека на второтои третото место завршија нејзините сонароднички Јулитер Тануи и Наоми Лимамуреи.
Дарио Ивановски е победник на полумаратонот со време 1.21.31 пред Србинот Кристијан Стошиќ и Милош Ранчиќ од Македонија. Кај дамите Унгарката Зита Качер беше најбрза, 1.22.53, пред Миљана Ристиќ од Македонија, односно Емилија Тодоровска – Елиас од Шведска.
На трката на 5.000 метри во машка конкуренција на подиумот се најдоа, Леонид Вандевски, кој прв ја заврши трката пред Павле Јовановски односно, Пепи Аникијев.
Во женска конкуренција, победничка на трката беше Марија Стоќановска, на второто место заврши Ања Еклер, додека Ирма Хајдари беше трета.
Фото: Вангел Тануровски