(Галерија) Уживање во италијанската кујна со специјалитетите на Шеф Армандо Кодиспоти

Добивај вести на Viber

Вчеравечер во „Дистрикт бар и ресторан“, со почеток во 20 часот, гостите имаа можност со вкусовите да се најдат директно во срцето на Италија.

Амбасадорот на Р. Италија, Н.Е. Карло Ромео имаше свое обраќање, а потоа ѕвезда на вечерта беше одликуваниот шеф од Италија, Армандо Кодиспоти.

Препуштени на рацете на врвниот готвач со богато искуство во повеќе италијански ресторани, како и ресторани со една и две Мишелин ѕвезди, присутните уживаа во трите необични специјалитети.

Њоки со неколку вида на сирење, интегрални тестенини со специфичен вкус и необично рижото со јајце- беа трите специјалитети на вечерта, кои измамија насмевка на гостите присутни во убавиот амбиент на „Дистрикт“.

Италијанското просеко беше нераскинлив дел од вкусната вечера. 

Љубителите на италијанска храна и специјалитети ќе имаат можност да уживаат во врвната кулинарска уметност на италијанскиот Шеф Армандо Кодиспоти и во „Воденица“ во петок.

Третата Недела на Италијанската Кујна во Светот  (19-25 Ноември 2018 година) е настан од светски рамки, организиран под покровителство на Италијанското Министерство за Надворешни работи, со цел промоција на италијанската ено-гастрономска култура и традиција, сo посебен акцент на богатството на специјалитети и состојки типични за италијанските региони, нивната историја и територија. Токму тој медитерански начин на исхрана, таканаречената Медитеранска диета, е централна тема на овогодинешното издание на Неделата на италијанската кујна во светот.

Фото: Маја Јаневска-Илиева