Гледај да ти чади оџакот право
Светот разви едно чудо теории на заговор
откако принцезата од Велс ја снема од очите на јавноста. Умрена била, убиена е,
изневерена била, имала двојничка, вака било, онака било. Читам и не ми се
верува дека планетава е како една зграда во која секој знае се’ за секого (читајте, никој ништо не знае), па меѓу две
запршки и три машини за перење, се збираат комшивките по тераси за да оговараат
или поточно кажано, да ги ги почешаат јазиците. И конечно излезе вистината на
виделина. Жената си има проблем како и секој смртник. Иако е Кејт принцеза и
иако е Чарлс крал, сепак сите сме од крв и месо и се соочуваме со радост, тага,
болест и смрт. И она што е најинтересно, како да им олесна на сите што конечно
се дозна зошто Кејт ја снема од јавниот живот. Сега на репертоар се обидите да
се погоди од каков вид канцер боледува и во која фаза е. Како тоа да ќе смени
нешто во животот на секој од нас и како да е нешто што ако го знаеме, ќе ја
ублажи траумата на целото семејство.И ај што ние неважните си муабетевме за
кралското семејство, туку целата фама ја направија медиумите кои никако, ама
никако да научат дека има некои работи кои навистина не се ничија работа, освен
на тие кои ги преживуваат и нивните најблиски. Чудо невидено е потребата за
сензационални вести, пикање нос онаму каде што не треба и измислици за да се
подигне тираж. Некогаш се прашувам дали би им дошол умот на сите ако треба
своите лични работи да ги изнесат надвор. На пример, чие дете е вакво или
онакво, кој со кого дели постела надвор од бракот, дали дома се караат, тепаат
или молчат, дали се коцкаат, пијат или имаат нормален живот.
Да, знам дека многумина од вас ќе си кажат и ќе ми кажат дека не сум во право, оти се работи за јавни личности. Глава сечам оти на прсти се бројат оние кои знаат со што се’ се бави некоја позната личност, оти тоа баш и не е интересно. Ама и те како е интересно дали се болни, од што, дали имаат афери или што им се случува меѓу четирите ѕида кои се нарекуваат дом. Почит за приватност, нула. Најважно е кој со кого, зошто и како, дали се развел некој, која била причината. Па не дај боже да имаат после врски, страшно нешто! Еве, кај нас е тоа толку многу изразено што некогаш ми се поткрева желудникот од приказните. Разводот ќе се влече по медиуми, без оглед дали е пријателски или непријателски завршен, па повторно рекла-казала теории кој бил виновен, дали имале нешто отстрана. Како да се храниме со работи кои ама воопшто не се наша грижа. За секоја јавна личност тука кај нас, сите знаеме и тоа што треба и тоа што не треба. Па ќе излезе фотографија на двајца кои се во врска, а се разведени и одма сме експерти за тоа дали си одговараат или не, па дали ќе потрае. Да простите, ама многу сме за никаде!
На постот на наша позната пејачка и прекрасна жена дека стагнира со нејзиниот проект кој носеше радост за многу деца и кој беше еден од ретките проекти кои се бавеа со несебична хуманитарна работа има “цели” 143 лајка и 4 споделувања (заклучно со сабота, 23.03.2024). На веста дека познат кошаркар има љубовна врска со исто така исклучителна жена, има над 200 коментари, од кои, има и такви за коса да ви се крене на глава. Коментари кои утре ќе ги читаат нивните бивши партнери, децата и родителите. Коментари кои се полни злоба, потсмев и лошотилак. Не, не се воопшто бенигни коментарите, оти ја прикажуваат психологијата која ја носиме со себе и во себе. Не е воопшто бенигно да се коментира и да се шират лажни вести за човек кој лежи во болница и најмалку е бенигно да се шири говор на омраза за било кој. Дури и кога се работи за некој кого лично не го сакате или не го поднесувате, има нешто што е основа на човечноста и се вика емпатија. Без емпатија, човек е психопат...ова не го измислив јас, го имате во секоја книга за психологија. Згора на се’, има уште еден страшен феномен кој сум го приметила. Лажна емпатија која ако ја прочачкате, под неа ќе наидете на прилично малициозна содржина. Тоа е она “нека е Бог со него/неа иако .......(продолжете сами)”. Плакнење уста со божемно сочувствување е на ист ранг како и отворен простотилак. И ако порано се прашував каде ќе им оди душата на оние кои на туѓа несреќа се сладат, отворено колнат, коментираат и лаат, сега со сигурност знам дека за да им оди душата некаде, прво треба да ја имаат.
Секој од нас го живее животот онака како што тоа му налагаат внатрешните норми, начела и принципи. Се’ додека со тоа не загрозуваат некого или не ги кршат законските прописи, ама ич не треба да не’ засега што прават. На крајот од денот, образот и устата треба да ни се чисти за да имаме мирен сон. Не џабе се вели за некого дека има погана уста, не џабе се поговорките дека добриот збор и железна врата отвора, но и оние кои велат дека јазикот не е сабја ама сече. Зошто толку лошотилак се збрал во сите нас? Колку и да сме исфрустрирани од било што, злобата нема да ни ги реши проблемите, ниту туѓата несреќа ќе ни влијае за да сме посреќни. Наместо да работиме на себе, на целите кои си ги имаме поставено, ние се занимаваме со туѓото гајле. Мојот оџак ќе чади право само ако се грижам за него, а не ако енергијата ја насочам кон тоа како му е на комшијата и на молитви да му е полошо отколку ми е мене (да му цркне козата де). Ама пусто, не учиме и не научуваме. Многу ми е жал што сами се вовлекуваме во круг од кој нема никаков излез. Приватноста стана толку потценета, што чинам дека фали уште да станеме едно големо Труман шоу во кое секој ќе има увид во сечија спална соба.
Многу сум крута и невообичаено гневна кога се работи за пикање нос во туѓата приватност. Сум била во ситуација да слушнам за себе работи кои не само што биле невистинити, туку ми навлегувале и во детето. А кога се работи за детето, фитилот ми е многу, многу краток. Додека сама плаќам сметки, додека никој не прошетал во моите чевли и додека сама си ги решавам сите проблеми, ниту еден човек одмнадвор нема право да се меша. А она што не сакам да ми се прави, не го правам на другите. Ете, толку е просто. Ако можам да помогнам, ок. Ако можам да олеснам, ок. Ако не, тогаш не лаам оти лаењето ниту ми носи парче леб, ниту ме храни духовно.
И да, треба малку институциите да се позанимаваат со оваа проблематика и тоа сериозно. Не може секој да кажува ама баш се’ што ќе му падне на ум, особено ако се работи за туѓ живот. Сепак, секој од нас мора да има и да сноси одговорност за зборовите и делата со кои директно ќе влијае на нечие ментално и/или физичко здравје. Како што не сакам ќерка ми да чита блуеници за мене, имам на ум дека и оние за кои дури и ми доаѓа некогаш да искоментирам, имаат деца. А децата се светост, секогаш и без исклучок и не се нималку виновни за било што.
Следен пат, пред да отвориме сите уста или да ги наостриме прстите врз тастатурата, да имаме на ум дека тркалото се врти. Секогаш, ама баш секогаш Универзумот си работи на многу чуден начин и ќе врати. Дали со арно или лошо, зависи од нас.
Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Скроти си го јазикот
Не му давај слобода
Која нечиј затвор ќе е
Ниту да го пушташ да лета
Оти птица не е, ниту ќе биде
Скроти си го зборот
Кој ќе навреди и повреди
Оти секој од нас во градите меко носи
Кое ако се пресече надве
Никојпат целосно не зацелува
Скроти си го умот
Кога со црнила ти се полни
Оти мал е патот од умот до срцето
Та душата темнина ако ти ја обземе
Ден-видело не ќе видиш
Скроти си ја раката
И не ја пуштај за да удри
Врз образ кој е нежен
Оти еднаш ако замавнеш
Сиот живот грев на себе ќе имаш
Скроти си ја мислата
Со која некому зло посакуваш
Оти злото само еден господар има
И ќе се врати кај оној кој во себе го носи
Порано или подоцна, во тебе ќе се пикне
Скроти се
И скроти во себе
Се’ што нечовек ќе те стори
Оти еднаш ако тргнеш по тој пат
Не ќе знаеш како назад
До себе, кај себе да се вратиш
Нема збор
Нема мисла
Нема удар
Нема поганлак
Кое ќе те стори среќен
И кој сон мирен ќе ти донесе
Оти што во себе ќе насадиш
Тоа во тебе ќе никни
И со тоа ќе се храниш
Дур на овој свет си
Дур век имаш на земјава
Та животот или медовина ќе ти е
Или пелин во устата ќе имаш
Скроти го ѕверот во себе
За тој тебе да не те скроти
И да не му слугуваш
Оти чоек престанува чоек да биди
Кога злото ќе го стаса
Кога злото ќе го навјаса