„Гледајќи го татко ми и неговиот однос кон клиентите полн со љубезност и почит научив дека ова е единствениот пат кон успех“: Интервју со Мерт Исак, син на познатиот бербер Рера
Иако честопати може да прочитаме наслови дека берберскиот занает е во изумирање, ланецот на најпозната градска берберница „Рера“ може да го потврди сосема спротивното. Не само што не изумира, туку пред фризерските салони на градскиот берберин Исак Рера и неговиот син Мерт, се чека долг ред за потстрижување коса и средување брада.
Рера повеќе од 30 години се занимава со овој занает, а сега неговото искуство го пренесува на синот кој веќе тргна по негови стапки. Љубезноста и широката насмевка на Мерт ќе ви посака добредојде и ќе ви ја даде најдобрата услуга по која сте дојдени во фризерскиот салон.
Мерт Исак за Женски магазин раскажа како го печалел занаетот, додека неговиот татко ги опслужувал муштериите.
„Како мал често одев во фризерскиот салон „Рера“ во Капиштец. Тука се роди мојата голема љубов кон занаетот. Следејќи ги стапките на мојот татко почнав да го изучувам. Секојдневно по завршување на училишните обврски со голема возбуда одев во фризерницата. Сега имам 21 година, а фризерскиот занает почнав да го изучувам од мои 13. И така чекор по чекор се надоградувам во оваа област“.
Први негови клиенти биле другарите од училиште. Додека работел со фризерските алатки Мерт имал трема, бидејќи тоа биле негови другари со кои пораснал.
Неговиот татко Исак Рера е и негов гуру, човек во кој гледа идол. Горд е на него бидејќи го научил на фризерскиот занает, но и на меѓучовечките особини и вредности кои се многу важни за еден човек да се изгради во добра личност.
„Со голема радост пред сè и со голема гордост можам да кажам дека мојот херој и идол е мојот татко кој го следев во секој чекор. Секако дека научив многу нешта од него, а пред сè за хуманоста и грижливоста кон луѓето, за емпатијата и почитта кон сите луѓе без разлика на нивнот сталеж во општеството. Гледајќи го татко ми и неговиот однос кон клиентите полн со љубезност, почит бескрајна грижливост научив дека единствениот пат кон долготрајниот успех во работата е токму тоа“.
Стекнување доверба помеѓу луѓето оди малку потешко, таа треба да се заслужи. Но како што вели Мерт за да се стекне доверба кај клиентите, потребно е големо трпение и убав збор.
„Во денешно време луѓето многу тешко стекнуваат доверба без разлика за што и да се работи, така и во нашата област. Потребна е голема истрајност, професионалност и пред сè отворен и пријателски однос кон клиентите. Довербата се стекнува со текот на времето, но со нашата професионалниот, љубезност и голема почит кон клиентите мислам дека ја имаме нивната доверба, што не прави и едни од најдобрите и најпрестижните салони во градот. Довербата на клиентите е всушност нашиот најголем успех, без нивната доверба не би биле тоа што сме во градот“.
Најдобриот совет што го добил од неговиот татко е дека само со упорна работа, трудољубивост и голема љубов кон занаетот успехот е неизбежен.
Најважно за Мерт и неговиот татко е нивните клиенти од фризерскиот салон „Рера“ да си заминат задоволни, а потоа нивното задоволство прераскажано на блиски пријатели е непроценливо бесплатна реклама.
„Кога клиентот е задоволен од нашата услуга и професионалност тој по инерција тоа го раскажува и тоа е можеби и најдобрата реклама што луѓето ја прават, а нивната препорака не прави нас уште помотивирани и посреќни. Со поддршката на клиентите се трудиме уште повеќе да се надградуваме во нашата област и да внесуваме новитети кои се примамливи за истите“.
Следејќи трендовите, еден маж во овој фризерски салон може да ги добие сите услуги за нега и разубавување, кои се моментален моден тренд.
„Услугите кои ги нудиме во нашите фризерски салони се: потстрижување, фарбање, бричење, обликување брада и мустаќи, нега на лице и веѓи, депилација на носни и ушни влакна. Како познат бренд во градот постојано се трудиме да воведуваме новитети следејќи ги примерите од светските метрополи“.
Одењето на фризер во женскиот свет е еден вид терапија, каде може да си ги го прераскажат денот, да споделат проблеми со кои се соочуваат или едноставно да озборуваат. Секојдневието на Март потврдува дека и мажите не се ништо подалеку од жените, токму и на нив им е потребен фризер-терапевт.
„Секако дека е така и мажите имаат потреба да си ја олеснат душата и да кажат за се она што ги опкружува, а честопати и она што ги загрижува. Така што често ја имаме и таа улога на психотерапевти секако со голема дискреција“.
Често во нивниот фризерски салон кој е препознатлив бренд во градот може да се сретнат познати личности од јавниот живот, политичари, луѓе од високи позиции, лидери на политички партии како и личности од естрадниот свет, пејачи и музичари.
Габриела Додевска Глигоровска