,

ГЛЕДАЈТЕ: Прва епизода од детската серија “СВЕЌИЧКАТА ОГИ”

Добивај вести на Viber

Македонската компанија Дримленд, сопственик на познатиот ланец игротеки во Скопје, лансира онлајн серија за деца од претшколска возраст. Од денес, на YouTube каналот на "Свеќичката Оги" сите деца може да ги следат авантурите на најсимпатичната роденденска свеќичка во земјата на соништата, Дримленд. Преку другарувањето со Свеќичката Оги,  Тортичка, нилското коњче Лила и бувот Бубу, децата ќе се забавуваат и ќе го запознаваат светот преку игра, смеа и песна. 

"Веруваме дека многу родители ќе се согласат со нас дека на интернет недостасуваат содржини за деца на македонски јазик. Тие понекогаш поминуваат и по неколку часови на телефон и таблет конзумирајќи YouTube видеа на англиски, српски, хрватски, па и на други јазици, во  клучни возрасти кога се развиваат нивните когнитивни способности, меѓу кои и говорењето на мајчиниот јазик. Како семејна компанија чија дејност е поврзана со растењето и развојот на децатa, решивме да направиме серија која ќе им нуди забава, водејќи грижа тоа да биде и корисно за нив", изјави сопственикот на Дримленд Игротеки, Александар Јаковлески.

Меѓу причините да се продуцира "Свеќичката Оги" е и напливот на т.н. клик-беит содржини кои го привлекуваат вниманието на детето со силни бои, звуци и други психолошки трикови, без да го поттикнат самото да си игра и размислува.

"Со Свеќичката Оги и другите ликови од Дримленд, дечињата ќе ги учат бројките, буквите, боите, формите како и многу други активности кои се важни за нивниот психички развој. Сето тоа низ игра, забава и популарни детски песнички, меѓу кои поголем дел се за првпат испеани на македонски јазик", рече Јаковлески.

"Свеќичката Оги" е комбинација од играна акција и анимација, така што во неа сѐ е цртан филм освен главниот лик кој е всушност и новата маскота на Дримленд и со кого децата ќе можат да имаат интеракција во живо, во самите игротеки. Првата епизода од "Свеќичката Оги" може да ја гледате на линкот долу, а нова епизода ќе има секоја среда.


Сите семејства се поканети да нѐ следат на YouTube каналот на Свеќичката Оги, како и да станат фанови на Фејсбук страната на компанијата, со што лесно ќе им бидат достапни новите епизоди. Известувања со линкови од новите епизоди ќе се испраќаат и преку мобилната апликација на Дримленд.

Дримленд постои 11 години и со континуирано вложување во својот развој стана најпрепознатлив македонски бренд во својата област, со над 20 илјади прославени детски родендени и над 150.000 часови поминати во безгрижен дневен престој.

"Изградивме заедница од десетици илјади семејства со кои играме, растеме и славиме заедно. Благодарни сме за нивната доверба и тоа нѐ мотивира постојано да инвестираме во квалитетот и разновидноста на нашите услуги. "Свеќичката Оги" e уште една таква инвестиција и наш начин да возвратиме на довербата на семејствата кои со години го бираат Дримленд за своја игротека", истакна Јаковлески.