Го одмарам лицето со природни масла: Пред огледало со Наташа Сарџовска

Добивај вести на Viber

Наташа Сарџоска е поетеса, писателка, антрополог, преведувач и перформер. Со своите 16 години усовршила класичен балет и современ танц, но ужива и во аргентинското танго. Нејзините поетски изведби ги комбинира со вокални експерименти, акапела пеење, техники на современ танц и често настапува со музичари, танчери и сликари. Ова се нејзините тајни за природен, свеж и убав изглед

*Kаков е твојот дневен козметички ритуал? 

-Го мијам лицето и вратот со студена вода со природен сапун, потоа го масирам со серум и нанесувам хидратантна крема. Нанесувам и околу очите посебен витамински крем. Ја масирам главата и правам основни асани или пилатес вежби за истегнување. Пијам многу вода и многу чај: зелен, ајурведски, црн, мате и јадам овошје.

*Со какви препарати го негуваш лицето?

-Сакам да ги менувам. Омилени ми се оние на Ланком и Кларанс. Но и некои производи со термални води како Авен, Уриаж, Виши или хербалните производи на Доктор Ошка. Користам дневни и ноќни креми, но често кога имам слободно време нанесувам природни маски за освежување: од пивски квасец смешан со мед и лимон, од кокосово масло. Има една едноставна маска, со сода бикарбона, јаболков оцет и куркума. Често, за да одморам од хемиски или индустриски препарати, го чистам лицето само со лимонов сок и маслиново масло, или масло од авокадо или кајсија.

*Посетуваш ли козметички салони?

-Да, редовно. Третмани на лице, на тело, масажи, крио-терапии, разна нега што му е потребно на телото. Еднаш во шест месеци правам медицински третман на лицето, а почесто и класичен хидратантен третман. Борбата против гравитацијата не престанува ни за миг!

*Кaко ja негуваш косата?

-Со маски со масло од сусам, со маслиново и кокосово масло и ги оставам да делуваат подолго време. Ми се допаѓаат производи коишто се на хербална основа, како Окситан ен Прованс.

*Дали се шминкаш и што сакаш да прикриеш, а што да истакнеш со шминката?

Многу ретко, ми пречи шминка, имам чувство дека ќе ме задуши. На лето никогаш не се шминкам, а во зима ставам течна пудра на Ланком. Не сакам ништо да прикријам освен уморните очи, а сакам да ја нагласам устата со црвен кармин на Ланком или на Ив Сен Лоран.

*Кои се твоите омилени козметички производи?

Ги има многу и за мене се еден вид на талисмани. Пилинг креми, парфимирани масла за тело, путер за тело, етерични масла, пудри, руменила, секакви креми за секое време од денот и за секое делче од телото. Убаво е да се негувате, да се сакате.

*Омилен парфем?

Номад на Клое. Манифесто на Ив Сен Лоран. И еден одамна што го нема Сицилија на Долче и Габана.

*Како ја одржуваш линијата?

Со редовни кардио тренинзи, некогаш пилатес, често јога, трчање, планина и пливање. Танцувам и танго, тоа секако ме одржува, ми влева внатрешна хармонија и ведрина. Некаква свежина. Од време на време посетувам часови по класичен балет за да одржам исправена постура.

*Што за тебе е пресудно за добар изглед?

Редовен сон, спорт, најмалку два литра вода на ден, свежа и здрава храна, промени на средината, убави мисли, стаменост, самодоверба, но најпресудна за мене е добрината, великодушноста на срцето.

M.П.Г.