Го однела синот на Малдиви, ќе го отплаќа кредитот со години, но не се кае: Дали оваа маjка е во право?

- Спомените што ги земаме од одморите се бесценети, за тоа живееме - вели самохрана мајка на 11-годишно момче

Додека го гледала нејзиниот син како гледа низ видеата од егзотични дестинации на ТикТок, Саманта Деј одлучила дека и двајцата треба да одат на луксузно патување, без оглед на цената. 

Оваа 46-годишна самохрана мајка ја изгубила работата за време на пандемијата на корона вирусот.

Но, и покрај тој факт, таа ни помалку ни повеќе не се откажала од заминувањето на Малдиви со момчето. Тоа задоволство ја чинело 7.200 евра.

- Свесна сум дека овој одмор ќе го плаќам со години, но свесна сум и дека на моето дете му овозможив одмор од соништата - вели Саманта.

Таа има дополнителна причина зошто „до гуша се во долгови“.

- Двапати имав рак на дојка... Затоа сакам да го искористам секој момент, бидејќи никогаш не знаеме што ќе ни се случи утре. Сакам да создавам убави спомени додека сè уште можам. Годинава си помислив: „Ако сега не одам на Малдиви со моето дете, којзнае дали некогаш ќе го сторам тоа“ – вели Саманта.

Во меѓувреме успеала повторно да се вработи, но, како што вели, трошоците за живот во однос на 2020 година драстично се зголемени, па затоа е свесна дека одморот на Малдивите ќе мора да го отплаќа неколку години.

- Спомените што ги носиме со себе од одморите се бесценети, за тоа живееме - вели Саманта. 

Нејзината одлука предизвика различни реакции. Додека едни ја поддржуваат, други ја прекоруваат, сметајќи дека постапила незрело и несериозно.

- Јас сум самохрана мајка, цел живот ми е борба. Работам напорно, не пијам, не излегувам. Ако не можам да го однесам моето дете на убав одмор, тогаш која е поентата на животот? Не сакам да живеам само за да работам - искрена е Саманта.

Таа додава дека по две години живеење во пандемија, одењето на Малдиви било одлична можност да биде со своето дете на прекрасно место каде и двајцата ќе уживаат.

- За неколку години ќе се заљуби и можеби никогаш повеќе нема да сака да патуваат некаде заедно - објаснува Саманта и додава:

-Кога ќе погледнам колку е среќен што одморот го поминавме на дестинацијата од соништата, не жалам што тоа патување ќе го платам во наредните години.

Што мислите, дали оваа мајка постапи правилно? Споделете со нас во коментари.


Фото: unsplash