Ви откриваме кога е најдобар период да ја посетите Венеција и како најевтино да си поминете

Добивај вести на Viber

Ако посакате да побегнете од звуците на моторите и сирените, од нервозaта и брзината на секојдневнето битисување а при тоа имате кондиција и можете да пешачите по неколку километри на ден, Венеција е идеално место кое треба да го посетите на листата на градови.

Скопјанката Оливера Јовановска која живее во Венеција и е сопственичка на дуќанот „Мама рент“ за изнајмување на бебешки реквизити, препорачува градот да го посетите меѓу април - јуни или меѓу септември - ноември.



- Во тој период се наоѓаат евтини авионски билети и од 10 евра ако ги купите два до три месеци однапред. На тоа треба да се додаде автобускиот превоз од Тревизо до Венеција. Повратна карта е 18 евра. Сигурно ќе најдете приватен смештај меѓу 70 до 100 евра ноќевање – вели Јовановска. 







Препорачува да се купат бродски карти од следните опции: за  24 часа цена 25 евра, за  48 часа цена 35 евра, за 72 часа цена 45 евра и за 7 дена цена 65 евра. Не ги препорачува картите од 75 минути за 9,50 евра или таа одење и враќање од 15 евра за две возења.

- Ако сте со автомобил во Италија и сакате на еден ден да ја посетите Венеција, тогаш резервирајте си преку интернет, паркинг на еден од трите што се наоѓаат на плоштадот Пјацале Рома. Тоа е точката каде што завршува земјата и во градот не можете да се возите со автомобил туку само со брод или да одите пешки. Паркинзите се следни:

Општински паркинг или Autorimessa Comunale, цена за еден ден 30 евра преку интернет, од 17 часот до 5 часот цена 15 евра. Паркинг Сант Андреа, секој два часа плаќате по седум евра. Паркинг Гараж Сан Марко, цена 40 евра за 24 часа, или 20 евра од 17 до 5 часот. Од таму имате 2 км да стигнете до Сан Марко, што значи за 30 минути. 

Базиликата „Свети Марко“

Но, тие 30 минути знаат да бидат и 5 часа бидејќи попатно ќе се изгубите во убавините на Венеција, богатата туристичката понуда и желбата да се фотографирате на секој агол – посочува таа и советува прво да отидете со брод до островот Мурано или Бурано. 


- Откако убаво ќе ги прошетате одете на Сан Марко и од таму шетајте ја Венеција. Од железничката, односно од Сан Џобе, земете го бројот 4.2 што директно оди до Мурано. Откако ќе го видите островот, земете го тој што оди до Бутан. Возењето до Мурано трае само 20 минути, а до Бурано околу пола саат. Во Мурано ќе видите како се изработува венецијанското стакло, ќе можете да си купите производи директно од фабриките и ќе уживате во убавините што тој остров ги нуди. Бурано е приказна за себе, каде што куќите се во различни бои. Таму сте во една бесконечна обоена димензија – открива Оливера.

Бурано

Бурано

Бурано

За гурманите препорачува венецијански чикети (мезе од мали лепчиња на кои има различни додатоци, како на пример пршут, сирење, риба, зеленчук). Цената е меѓу 2 и 2,50 евра едно. Да се напиете венецијански спритц, направен е од вино Просеко, Аперол и кисела вода. Цената е 3,50 евра. Обично кафулињата прават промоции од типот 1 спритц и 4 чикети за цена од 10 евра.  Сладолед- една топка е минимум 2 евра.


С.А.Н