ГОЛЕМ ИНТЕРЕС ЗА МЛАДИНСКИОТ ПРЕДИЗВИК – ГЕНЕРАЦИЈА БЕЗ ГРАНИЦИ, ПРИЈАВЕТЕ СЕ!
Вчеравечер, во просториите на
Телеком се одржа првиот ИНФО - ДЕН за
третиот по ред младински предизвик: „Генерација без граници“ (Generation Unlimited), кој го организираат УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за
Македонија.
Повеќе од 60 млади луѓе, средношколци и студенти подетално се информираа за годинешниот предизвик, на тема: „Технологија за планетата – Дигитални технологии за справување со климатските промени“.
Оваа година, предизвикот за млади го спроведува Центарот за социјални иновации БЛИНК 42 – 21. На вчерашниот настан, Марија Василевскаод БЛИНК 42-21 зборуваше дека предизвикот е отворен за сите млади од 16 до 24 години коишто ќе се организираат во тимови од 3 до 5 ученици. Таа сподели и неколку факти во врска со климатските промени и важноста од преземање акција на денешните генерации.
На инфо – денот, учесниците имаа можност да слушнат и конкретни примери за веќе развиени мобилни апликации коишто придонесуваат за поздрава животна средина. Имено, Горјан Јовановски, основач на Air Care – Мој Воздух и Стефан Алексиќ, основач на Challenger.mk ги споделија своите лични искуства за развојот на овие мобилни апликации. Тие говореа за начинот на кој ја креирале и имплементирале својата идејата, но и за важноста истата да биде применлива, реално остварлива и одржлива во заедницата во која живееме, но и во други држави.
Во делот за дискусија, младите прашуваа за уникатноста на идеите, поставеноста на нивниот тим, вештините кои треба да ги поседуваат во оваа почетна фаза од предизвикот и сл.
Тие се уверија дека е доволно само да се креира квалитетна идеја, којашто во следните фази ќе се развива со поддршка од стручни ментори, кои имаат долгогодишно искуство во делот на животната средина и ИТ.
Повикот за овој младински предизвик е активен до 14-ти јуни, а во следните денови ќе бидат одржани инфо-сесии и во други градови. Младите можат да се регистрираат на овој линк.
На 31 мај (вторник), од 14:00 часот, ќе се одржи инфо-ден во Струмица, во просториите на Europe House. На 1 јуни (среда), младинскиот предизвик ќе биде претставен и пред средношколците и студентите во Крива Паланка. И овој настан, ќе се одржи во просториите на Europe House со почеток од 11:00 часот.
Младите луѓе секојдневно можат да се информираат за предизвикот преку следење на Facebook настанот: https://fb.me/e/2mQv4pCND.