Горан Герасимовски: Го сакам центарот на Скопје, но Капиштец ми е во срцето

Добивај вести на Viber

Професионално директор на Државниот завод за индустриска сопственост, приватно сопруг, татко и вистински вљубеник во природата и рекреативните спортови. Својот мир го наоѓа на падините на Водно, а пак вели дека од срце го сака целиот град. Со оптимистичен “can-do” став, вели дека нема нешто што не може да се оствари и „секоја планина е достижна“ ако се има позитивна мисла. Каков е всушност приватно Горан Герасимовски? Разговараме одблизу во ексклузивно интервју за Машки магазин.

ММ: Важите за човек кој постојано има ангажмани и постојано е во движење! Дали некогаш му давате време на времето или сепак сте од оние кои дејствуваат веднаш?

- Доколку ги оставаме работите за понатаму, истите или ги забораваме, или понекогаш ги занемаруваме и остануваат нерешени. За каква било работа и да станува збор, гледам да се реши веднаш, меѓутоа речиси секогаш сакам прво добро да се анализира, да се осмисли и да се изнајде соодветно решение. Му давам целосно време на времето единствено кога сум на одмор.

ММ: Вашата работа налага специфичен дрес код на облекување, односно најчесто костум, но дали ви е пријатно во него? Како треба да се облекува еден политичар, а како би го дефинирале вие вашиот стил?

- Искрено не секогаш ми е удобно во костумот, но понекогаш чувството на носење добар костум во специјални прилики е навистина посебно. Точно е дека во политиката, официјалните средби и протоколите често налагаат формален дрес-код, но кога би можел да го одбегнам, мојот стил би го дефинирал како “business casual”. Најчесто избегнувам да носам вратоврска, гледам да комбинирам панталони, фармерки со сако, а кошулата ми е секојдневен пријател, и тоа по неколку различни во денот.  Задолжително практикувам да носам часовник и очила за сонце, во зависност од комбинациите.

ММ: Кои ви се омилени нешта од облеката? Во што се чувствувате свој на своето?

- Фармерки, спортска блуза и патики. Или пак фармерки, кошула и „кежуал“ обувки.

ММ: Дали брендираната облека е дел од вашето секојдневие или сепак се одлучувате за нешта кои пред сè ви стојат убаво?

- Без разлика дали облеката е брендирана или не, примарно во изборот ми е пред сè да стои убаво и секако, да се чувствувам добро во неа. Инаку да, во мојот плакар може да се најдат и брендирани парчиња гардероба, но предност во моето секојдневно облекување има облеката која ми е најудобна и во која се чувствувам најдобро. Целото интервју прочитајте го на Машки магазин.