Гордост и предрасуди

Минатиот месец кружеше еден предизвик на Фејсбук, да објавуваме корици од книги што ги сакаме, само корицата, со цел да се зголеми љубовта кон читањето кај нас. Признавам, не успевам секогаш (да не речам, никогаш) да следам предизвицина социјалните мрежи.

Овој пат, го прифатив предизвикот. Иако беше обврска за пет последователни денови, признавам дека уживав. Ме поведе да ја пуштам интуицијата да избира помеѓу сите книги што ги имам во моментот дома, околу мене, на полиците, по фиоките... ме поведе да избирам само пет, да избирам книги што би биле корисни, интересни за луѓето.

Секоја книга ме врати во одреден период од мојот живот, секоја ме потсети на нешто што ме научила, на некој печат што оставила на мене, на некој процес на размислување што иницирала, на поместување на чувства...

И, тргнувајќи од тој процес, плус следејќи што се случува и пишува на нашите социјални медиуми (мрежи), без да бидеме свесни дека тука сите сме новинари, уредници, јавни личности со тоа што пишуваме, објавуваме, споделуваме... се сетив на насловот на една од книгите од моето детство – Гордост и предрасуди од Џејн Остин (“Pride and Prejudice, Jane Austin”).

Така, тргнувам сега на патување со мојава денешна колумна, сакајќи да постелам пред вас 2 прашања:

1. Дали се сеќавате, дали сте свесни - кои книги, кои приказни ве моделирале од мали нозе, од младоста? Кој бил вашиот омилен лик од приказните? Која е вашата хероина од Дизниевите филмови? Колку сега тие ликови ве водат кон животот што е највистинскиот за вас, а колку ве држат заробени во некое минато, дури и да е тоа романтично? Имате ли храброст да се простите од некои од тие ликови што живеат во вас?

2.  Колку често сте забележале дека кај вас (и кај другите околу вас) играта ја води вашата гордост (во смисла на инает, его, пркос, недостапност, сезнаење, мислам дека сум подобра од другите или мислам дека не сум) и колку пати кај вас и кај другите околу вас сте забележале дека поради предрасуди (претходно изградено и зацврстено мислење, верување за некој поим, за некое лице или за група луѓе, а, најстрашно од се’ – некое цврсто уверување за себе, без да биде проверено) и затоа не преземате некои активности, не учите нови работи, не менувате ништо во животот, постојано ви се случуваат истите сценарија...

Ако си дадете време да одговорите на овие прашања, уште поубаво, ако си ги запишете, ќе ви се отвори капијата на едно чудесно патување (на коешто можете да тргнете ако сакате, а не морате), а тоа е патувањето на вашиот личен развој и можност за ново креирање на вашата личност. Тоа патување не е брзо и кратко, а може и да не биде лесно.

Кога ќе сфатите и почувствувате (во умот и во телото) дека имате бесконечно голем број можности за креирање на својата личност (својот идентитет) преку промена на приказните што ќе си ги кажувате себеси, промена на приказните на кои ќе им верувате и ќе се потпирате на нив дека се вистина и дека така треба, и кога ќе дозволите со тој нов пасош и нов идентитет да тргнете на патување без граници, патување на коешто ќе ги заобиколите вашите гордост и предрасуди, патување на коешто ќе ја осетите моќта на незнаењето на наредниот чекор и моќта на губењето на сигурното тло под вашите нозе,  патување на коешто ќе си дозволите да не сте сигурни, да сте згрешиле, да не сте во право, да постои и друго мислење, друго знаење, друга вистина, за вас и за другите – на тоа патување имате можност да ви се отворат невидено убави нови пејзажи, досега незамислени звуци и мириси, патување на коешто ќе имате дозвола и моќ одново да се креирате себеси, онакви какви што и не сте ни знаеле дека сакате и можете да бидете. Затоа што, тоа го немало во книгите што сме ги (про)читале или слушале како мали.
Тоа го немало во нашето минато.

И, кога сега би ве прашала и кога би можеле да одговорите без никакви ограничувања на следниве прашања:
- Како би сакале да се вика книгата за вашиот живот од сега натаму?
- Како би изгледала корицата?

Што би ми одговориле?

Ве канам да го запишете сето ова во вашиот дневник, но, не оној од детството, туку нов, бидејќи сега сте возрасна жена која има право да ја пишува својата нова приказна. Без предрасуди, а со давање себеси целосна дозвола да бидете горди на себе. Време е.

Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој

Inspirit Coaching