Кириленко и Никита
… Ми застана кнедла во грлото. Не знаев што да му одговорам.
Помислив дека не смеам да носам цвеќе и за едната и за другата страна.
Или Украина, или Русија Тања. Не можеш и за едниот и за другиот да носиш цвеќе.
Кириленко и Никита. Или едниот, или другиот. Не можеш, не смееш, не би требало и за двајцата …
Во тој случај си воен профитер. Издаица …
Кириленко порачува веќе неколку месеци секоја недела. Кириленко, порачува и пред ти да ја купиш страницава. И сама знаеш дека Блумовци (старите сопственици на веб страницата) ти посочија дека тој порачува 2-3 години. 2-3 години!!?? …, па тоа е значи за сето време откако е почната војната. Како сега да ми текнува ова.
Тоа значи дека неговата девојка е тука сама 2-3 години и чека да заврши војната.
О Боже, мораше ли да се заплеткам во ваква приказна.
Почнаа како куршими, вакви мисли да ми го решетаат умот.
Кириленко ти е веќе пријател.
Со Алина-неговата вереница, се гушкаш секоја недела.
Пред некој ден ја покани кафе да се напиете. И рече да ти дојде во дуќан за да си поседите ете така. Ако и е досадно. Ако нема со кого да си поседи …
И плус и рече, ако си сама и ако ти треба нешто, дека може во секое време да ти се јави.
А Никита!? … Како сега Никита!? …
Никита е руски војник. Тој е од другата страна.
Тој им е непријател на Кириленко и Алина …
А ти си веќе пријателка со нив …
Ама чекај … Нели си ти повеќе за Русија, отколку за Украина.
Но, што знаеш ти за војните!?
Ништо!! Не е ова фудбалска утакмица. Па навивам за црвено-белите, а не за плаво-жолтите.
Леле запри уму. Ти наредувам да запреш …!!!
Застани малку, смири се, диши длабоко и биди разумна.
Божеее … Уф …
Го погледнувам телефонот.
За цело ова време Никита пишувал пораки.
Ве молам, дали може да добијам одговор … дали сум на вистинската страница … ја најдов вашава цвеќарница на Гугл … пишува дека носите цвеќе истиот ден, ако се порача до 18 ч. … се надевам не доцнам, би сакал денес да и го однесете цвеќето …, денес и е роденден на мојата девојка … таа во моментов е во Скопје .. гледам дека сте вклучени … во ред, можеби сте во гужва, па не можете да ми вратите веднаш …, јас ќе ви ги пратам податоците, пораката и типот на букетот, па кога ќе можете, пишете ми дали е сè во ред …???
Јас, сè уште скаменета, стојам простум среде дуќан, а бомби ми летаат над глава … се чувствувам растроено … се чувствувам како Раскољников во „Злосторство и казна“.
Како распната помеѓу честа и моралот од едната страна и сопствената внатрешна правда од другата страна …
Ти си само посредник Тања …, ти немаш никаква врска со ова. Кириленко е Кириленко … Никита е Никита …
Може да е и обратно … Може и Кириленко да е Никита и Никита да е Кириленко …
Знам дека сум на работ на умот.
Ама знам дека вистинските одговори се кријат секогаш таму. На работ на умот. Ама дотаму треба да се дојде. Тоа е болно, заумно, страдално … Тоа си го чувам за многу важни состојби. За мои, за лични … го чувам за моите најблиски … мајка ми, син ми, маж ми, себе си … Толку! …, Зошто ја трошам оваа состојба, за некого што не го познавам … Зошто си го правиш ова Тања …!?
Ахххх …!! Животе …
Проверувам во нарачките … Ја гледам порачката од Никита, но гледам дека има неуспешно плаќање …
Тоа се случува од некои земји кои се на сивата листа на плаќања. Таму е и нашата земја. Многу често клиенти од Америка, Канада, Англија, не можат да извршат плаќање, додека сами не побараат банката да им одобри плаќање, бидејќи имаат заштита за плаќање со картици во Македонија.
Откако ќе се јават и ќе добијат „пас“, уплатата поминува.
Еве и Никита не може да уплати …
Не знам дали сум среќна, или тажна поради ова …
Сеуште ништо не му одговарам …
Па да, може да сум во гужва …
Не, не си во гужва Тања … малодушна си и се плеткаш во заумни приказни …
Ми вели разумот … А срцето нескротливо прерипува …
Во меѓувреме добивам порака на Вибер …
Добар ден, јас сум Ирина, јас сум мајка на Никита …
Син ми сака да нарача букет преку вашата Веб страница, но има проблем околу плаќањето …
Јас сум во Црна Гора и би сакала наместо него да ја извршам нарачката и плаќањето …
Станува збор за букет со 11 ружи …
11 Ружииии …, па тоа е истиот букет којшто Кириленко го порачува секоја недела за Алина-неговата вереница …
О Божеее …!!!
(Продолжува следниот четврток)
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: