Пред концертот во чест на Гоце Арнаудов, неговата ќерка Харита открива: Ни остави аманет

Добивај вести на Viber

„Ни недостасува во секој нов ден, во секоја ситуација, на секоја прослава и секоја радост. Првата роденденска честитка секогаш беше од него“. На овој начин Харита,  ќерката на легендарниот пејач Гоце Арнаудов го почнува разговорот за својот татко. Во негова чест на 4ти декември ќе се одржи концерт во домот на културата “Антон Панов” во Струмица на кое ќе присуствува со најблиското семејство.

- Не сме дел од организацијата, но ќе го поддржиме тој настан. Во принцип како семејство ги почитуваме напорите на секоја организација која има за цел да го продолжи и да го оживува делото и ликот на Гоце Арнаудов – вели Харита и дополнува:

 -Секогаш ќе недостасува. Најмногу во моментите кога сме собрани заедно, го славиме животот но и ја делиме тагата. Со него ретко имавме тажни моменти затоа што тој и тогаш знаеше да внесе ведрина. Духот му беше полн со радост… Па во тој контекст ќе одговорам и на прашањето кои  совети или поуки ми останале од татко ми. Не ја сакаше изреката “досадно ми е”. Сметаше дека таква состојба не смее да го зафати човекот. Не смеевме да го употребуваме изразот “мене ми е досадно”. Сметаше дека човек секогаш треба да биде ангажиран во нешто што го прави за себе или за другите. И се да прави со енергија и радост. Состојба на здодевност не смее да постои. Татко ми правеше секој ден да му биде забавен и исполнет, не само нему туку и на тие околу него. Тој негов совет ни е манает- открива таа.

Харита тргна по стапките на својот тако и еден период беше активна на сцената. Но, се повлече и се посвети на образованието и семејниот живот. Живее и работи во Охрид.

- Музичкиот ген проработи и кај моите ќерки Каја и Дора. Пеат и играат по цел ден, тоа им е омилената забава. Слушаат музика за нивна возраст, актуелни странски хитови, но секогаш на репертоарот имаат и песни од дедо Гоце. Посебно ми се интересни кога во дует ја пеат “Пеам да не заплачам”. Често кога сме во Струмица знаат да речат „ајде да одиме да играме кај дедо Гоце“. Мислат на паркот каде е поставен неговиот споменик. Во тие моменти кога ги гледам како се бркаат околу неговиот споменик, ми се појавуваат чувства кои  е тешко да ги објаснам. И  празнина и радост во едно. Сеуште се мали да се каже колкав е талентот, но и премногу скромно ќе биде ако не спомнам дека засега музичкиот ген е многу забалежителен. Колку ќе сакаат да го искористат останува на нив. Тука сум за да ги поддржам во нивните желби и амбиции – заклучува Харита.

Гоце Арнаудов почина на 6 декември 2011 година.

С.А.Н

Фото: приватна архива