Со глас како славеј го освојува Балканот: Нела Манческа на само 13 години има освоено повеќе од 20 награди на музички натпревари - „Предизвик ми е Детска Евровизија“

Добивај вести на Viber

Нела Манческа на свои 13 години го освојува Балканот со нејзиниот извонреден глас. Ученик е во 8-мо одделение во ООУ „Вера Циривири Трена“ - Скопје и во моментов е актуелна по нејзината изведба на музичкото шоу „Суперталент“ во Хрватска. Со емотивна изведба на песна од Витни Хјустон, успеа да го освои жирито, но и публиката која ја награди со стоечки аплауз и овации.

Нела досега настапила на многу музички натпревари во и надвор од нашата земја, а исто така нејзиниот талент бил награден со многу освоени награди со кои се гордее.

Кога не пее, слободното време го посветува на креативни нешта, како што се цртање и плетење. Свири на пијано, а нејзина најголема желба е кога ќе порасне да биде пејачка.

На аудицијата за хрватското шоу „Суперталент“ ја пријавила нејзината мајка Мирјана, а информацијата и ја пратила тета Весна која живее во Загреб. Засега за Нела најголем предизвик е влегувањето во финалето од ова шоу.

„Сакам да се претставам и на пошироката публика, надвор од Македонија“, вели Нела во интервју за Женски магазин.

Талентот за пеење го откриле нејзините одделенски наставнички, Жанета Павловска и Соња Силјановска, понатаму само го вежбала и наградувала талентот за пеење.

„Наставничката Жанета, беше навистана упорна, секојдневно на мајка ми и сугерираше да ме запише на пијано и пеење, бидејќи насетуваше дека имам талент за пеење. На осум години почнав да пеам во хорот при „Детски културен центар“-Карпош. Менторот Боби Јоргушевски веднаш го препозна мојот талент за пеење. Им кажа на моите родители, дека сум музикална и дека отскокнувам од другите деца. Следуваше аудицијата за серијата „Дајте Музика“. Се пријавив, и бев избрана да ја испеам песната „Библиотека“. Како член на ДКЦ-Карпош снимив две песни за проектот ЗОО азбука песните „Oкапи“ и „Игуана“. За мене беше тоа едно ново искуство, имав можност да ја почувствувам атмосферата на снимање песни во студио.

Потоа, моето школување го продолжив во музичкото училиштето на Проф.д-р Андријана Јаневска. Посетувам часови по соло пеење и пијано. Секој час е ново доживување, навистина уживам во музиката. Пеењето ми ја дава целата слобода на изразување, сакам одново и одново да бидам подобра. Тоа е тоа што целосно ме исполнува, пеењето е тоа што најмногу го сакам.

Во насока на усовршување, една година посетувам часови и кај м-р Александра Коцевска, професорка по соло пеење во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ професорката ми помага на најлесен можен начин да ги совладам техниките за пеење, дишење и др. Ако ми дозволите во оваа прилика сакам од сè срце да им се заблагодарам на сите за сè што направиле и прават за мене“.

Во портфолиото на оваа тринаесет годишна дама запишани голем број на музички натпревари во нашата држава, но и надвор од неа и освоени близу 30 на тие натпревари.

„Имам учествувано на 12 натпревари со физичко присуство во Македонија би ги издвоила: Скопје, Кавадарци, Охрид, и надвор од нашата држава Хрватска, Србија и Косово. Додека пак онлајн натпревари (14) во Полска, Малезија, Молдавија, Израел, Белорусија, Романија, Кипар, Србија, Португалија и други“.

Дел од наградите кои ги има освоено:

* Прва I награда Државен првак со 100 од 100 бодови – државен и регионален натпревар за основно образование по предметот музичко образование вокална интерпретација на ниво на Република Македонија; Второ II место на манифестацијата „Карпош има талент“; Прво I место 100 поени во 2024 и 96.25 во 2023 година на меѓународен фестивал сонатпреварувачки карактер на млади музичари „Сергеј Михајлов Штип Република Македонија; Прво I место 96 поени на меѓународен фестивал „АРТ ИН“ Кавадарци 30.05.2024-03.06.2024 Република Македонија; Прво I место категорија светска хит на меѓународен фестивал „Voice of the star“ 2024 Загреб Република Хрватска Март 2024 година; Прво I место на IX издание на меѓународен фестивал „Angel Voice“ 2024 Белград Р. Србија 06.05.2024-10.05.2024...

Прво I место во рок и поп категорија меѓународен фестивал „Angel Voice“ 13.09-16.09.2024 Белград Р. Србија и уште многу други награди од најразлични натпревари, но помеѓу најдрагите награди Нела ја издвојува – Државен првак на Македонија по вокална интерпретација-Гранд при на Интернационалниот фестивал „Песните од Тоше Проески“.

Моменталниот предизвик за неа е да учествуваа на Детската Евровизија, а единствената желба и најголема, за неа е како што вели е пеењето.

„Живеам за песната, сакам да растам и да раскажувам преку песната. Во иднина сакам да создавам музика по која ќе бидам препознатлива, како: Ариана Гранде, Витни Хјустон, од Македонски пејачи идоли ми Тоше Проески, Андријана Јаневска, Калиопи, Тамара и други“.

Нела има желба во иднина да сними дует со Калиопи која и оставила силни импресии на нејзиниот последен концерт одржан во Скопје, и со нејзината менторка Андријана Јаневска.

Поддршката освен од нејзиното семејство, Нела го има и од соучениците и блиските другарки.

„Моите другари и другарки навистина ме поддржуваат, секогаш ми даваат убави коментари, знаат да ме бодрат дури и кога јас не сум задоволна со настапот. Во оваа прилика сакам да ги поздравам наставниците и Директорката на моето училиште Светлана Шајноска за несебичната поддршка која ми ја даваат“.

Талентот кој го има несомнено го има наследно, бидејќи нејзините родители се исто така музикални.

„Мојата мајка и мојот татко се музикални. Мајка ми сакала да биде оперска пејачка, имала многу убав глас но, не го школувала. Татко ми свирел на хармоника и на синтисајзер. Понекогаш татко ми знае дома да седне на пијаното и сите заедно да пееме“.

Настапите на Нела се впечатливи освен што ќе ве освои со нејзините гласовни способности, таа има и одлични костими со кои освојува, налик фустаните на дизниевите принцези од анимираните филмови.

„Костимите сама си ги смислувам. Некогаш купуваме од бутиците во Скопје. Сакам костимите да одговараат на песната, доколку не најдам во бутик, креациите ги цртам и потоа ми ги шијат“.

Младата и талентирана Нела од срце се заблагодарува за поддршката која и ја даваат медиумите, бидејќи како што вели „јас, но и останатите млади таленти без вас како медиуми ќе останеме во сенка, Македонија имала и има толку многу таленти со кои може да се гордее“.

Габриела Додевска Глигоровска