„Да слушнам како ечи македонска песна на светска сцена и да ја видам реакцијата на публиката, беше момент кој нема зборови да се опише“: Интервју со Ева Карамановска, танчарка во латино танци

Добивај вести на Viber

Ева Карамановска (20) од Скопје е млада талентиран девојка за која светот слушна кога на неодамнешното Светско првенство во латинотанци 2024 година, покажа дека има извонреден талент за танцување.

Нејзиниот талент е вроден, но од деветгодишна возраст почнала да го развива и денес е инструктор по латино-американски танци. Професионална определба на Ева се студиите на Факултетот за компјутерски науки и информатички технологии, каде сега е втора година. Ева како личност ја дефинираат креативноста, посветеноста и емотивноста. Покрај танцувањето, има голема страст за спасување животни и сака да остави позитивен белег во светот, комбинирајќи ја љубовта кон уметноста и хуманоста.

Настапот на Светското првенство во латинотанци 2024 година за Ева е едно од најголемите искуства во танцовата кариера. По кратка пауза, повторно се врати на сцената и предизвика големо внимание на социјалните мрежи. Настапот на оваа сцена за неа бил вистински предизвик, но и огромно задоволство.

„Да се претставам со спој на традиционално македонско и модерни латино движења беше емоција која ќе ја паметам засекогаш. Од 22 натпреварувачи успеав да се пласирам на 9-то место во светот, што за мене е огромна гордост. Најголемата награда, сепак, беше кога луѓе ми велеа: „Се наежив кога те гледав како играш“ или „Со тебе, Македонија ја зачувува традицијата и ја покажува на светот“. Да слушнам како ечи македонска песна на светска сцена и да ја видам реакцијата на публиката, беше момент кој нема зборови да го опише. Чувствував дека ја претставувам Македонија во најубавото светло, и тоа ме исполнува со неизмерна радост. Токму тоа беше мојата инспирација – љубовта кон татковината. Овој настап беше потсетник дека и од мала земја како нашата, можеме да допреме до срцата на луѓето низ целиот свет“, раскажа Ева за Женски магазин.

Приказната со латино танците и желбата за да ги одбере нив за танцување се појавиле сосема случајно, кога имала 9 години и кога за првпат присуствувала на час по танц.

„Од првиот момент кога заиграв, почувствував дека тоа е нешто посебно за мене. Моите почетоци беа во студиото „Данса Латина Стефи“, кое сè уште е мојот втор дом. На почетокот, тоа беше само хоби – танцување за забава и рекреација. Со тек на време започнав да учествувам на натпревари, кои ми отворија нови хоризонти. Патот до успехот не беше секогаш лесен – потребен беше многу труд, тренинзи, па и моменти на разочарување. Но, секоја пречка ја гледав како можност за раст и учење.

Сега, покрај тоа што се натпреварувам, имам чест да ги инспирирам и младите танчари како инструкторка. Нема поубаво чувство од тоа да ја споделувам оваа уметност и да ги гледам нивните успеси. Од првото одење на час до сцената на Светското првенство, ова е приказна за љубов, истрајност и посветеност – нешто што ќе го носам со себе засекогаш“.

Талентот и упорноста, се секогаш главните „виновници“ за да почнеме да се занимаваме со нешто. Кај Ева главна улога одиграла и поддршката која ја добила, и која и била ветер во грб за да продолжи.

„Покрај талентот и упорноста, огромна улога во мојот пат одигра поддршката од сопственичката на студиото – Стефи. Таа е покрај мене од моите први чекори на девет години па се до денес. Нејзината верба во мене, совети и несебична поддршка беа и остануваат клучен дел од мојот успех.

Секако, поддршката од моите родители исто така беше непроценлива. Нивното охрабрување и љубов ми дадоа сила да продолжам дури и во најтешките моменти“.

Енергијата, емоциите и страста кои раскажуваат преку движењата, ја освоиле Ева за латино танците да бидат нејзина голема пасија. А слободното изразување на сцената, магнет кој ја привлекува.

„Секој танц носи своја емоција – од страсната романтична румба до огнената динамична самба. Кога танцувам, се трансформирам и станувам некој друг. Латино танците ми овозможуваат да ја променам мојата личност за време на настапот – можам да бидам страсна и дива, или пак елегантна и мистериозна. Сцената ми дава слобода да се изразам на начин кој не можам да го направам во секојдневниот живот. Таа е мојот простор каде што можам да бидам некој што не сум, да почувствувам секоја емоција што ми ја носи музиката и да ја пренесам на публиката“.

Одржувањето на кондиција е една од најважните работи, па така Ева секојдневно има тренинзи за сила, кондиција, издржливост и експлозивност, што и помагаат да ја подобри физичката подготвеност и да ја одржи енергија на високо ниво.

„Понекогаш вклучувам и трчање, што ми помага да си ја одржувам кондицијата. Редовно се растегнувам за да ги одржам мускулите флексибилни и подготвени за танцувачките настапи. Сите овие активности се клучни за моето тело да биде во одлична форма и да останам енергична и фокусирана на сцената“.

Додека била мала постојано освојувала први места во категорија латин шоу за деца и јуниори, но веќе во посериозните години како најголеми успеси кои досега ги постигнала се 9-то место на Светското првенство во латинотанци, 3-то место на интернационалниот натпревар во Чачак, кое претставува пресврт во нејзината кариера. Ева настапувала и во пар, каде што на државно ниво освоиле престижно 2-ро место.

Танчарките кои танцуваат на латино ритмите секогаш носат интересни костими, слични на оние кои ги носат скијачките на уметничко лизгање. Но секоја фустан има своја приказна, заднина и нешто што сака да покаже, пренесе како порака. Последното јавно појавување на Ева на Светското првенство, самиот костум беше во боите на Македонија и со македонско знаме.

„Секој фустан што го носам е уникатна приказна и дел од мојот танцов израз. Кога се работи за изборот на костимите, тоа е тимски процес помеѓу мене и Стефи, која секогаш има одлични идеи и препораки за тоа што ќе ми одговара. Овој фустан со македонското знаме и традиционалните македонски мотиви, кој го носев на Светското првенство, беше создаден од Milky Performance, кои се навистина најдобрите во својата работа. Тие направија неверојатно креативен и елегантен фустан, кој совршено ја доловува емоцијата што сакав да ја пренесам. Иако се работи за костими кои изгледаат драстично и впечатливо, важно е тие да бидат удобни и да дозволат слобода на движењата“.

Во комбинација се и уникатните чевли кои ги носат танчарките. Кои треба да бидат пред сè удобни за танцување, но и според стандарди.

„Чевлите се навистина многу важни, бидејќи тие мора да обезбедат стабилност и удобност, а истовремено да бидат елегантни и стилски. Кога станува збор за изборот на чевли, постои некаква унифицираност, бидејќи танчарите носат чевли кои се дизајнирани специјално за танцување и кои овозможуваат прецизни движења. Моите чевли се од BD Dance, кои се познати по тоа што ги носат најдобрите танчари во светот. Овие чевли се направени за да обезбедат максимален комфор, поддршка и флексибилност, што ми овозможува да се концентрирам на перформансот и да се движам со целосна слобода“.

Кој танц и е омилен тешко може да се одлучи. Дилемата е помеѓу самба и џајв, бидејќи и двата танца имаат свои уникатни карактеристики. Самбата вели, носи енергичност и женственост, со ритам кој бара целосно вклучување на телото и емоцијата. На другата страна, џајвот е брз, полн со забавна енергија и смеење, што ја создава позитивната и весела атмосфера. Тие два танца се сосема различни, но и исто така комплементарни.

За еден латино танчер, врвот на кариерата обично се поврзува со учество на најпрестижните натпревари во светот. Иако многу натпревари се важни за солисти и парови, најпрестижен е Blackpool Dance Festival. Овој натпревар е еден од најстарите и најреномираните натпревари во светот на танците, каде што учествуваат најдобрите танцови двојки од целиот свет.

Иако со голема страст е насочена кон танцувањето, во иднина се гледа како истражувач во областа на вештачката интелигенција, бидејќи верува дека ова поле има голем потенцијал за иновации и дека ќе биде клучно за развојот на нашето општество.

„Кога не сум на тренинг или учам, најмногу уживам во креативни активности. Понекогаш се опуштам со фотографија, мода или дизајн, но она што навистина ме исполнува е да работам на нови идеи и проекти-било да се работи за некоја идеја за кореографија или некој проект за факултет. Ме исполнува и времето поминато со моето семејство и пријателите, кои секогаш ме поддржуваат. Исто така, мојата љубов за животните и желбата да направам нешто добро за нив, ми дава мотивација да продолжам да се развивам и како личност и како професионалец“.

За 10 години Ева се гледа со поголеми успеси во танцувањето, но и во нејзината професионална определба. Сака да продолжи да го усовршува танцувањето и да освојува нови признанија и награди, а истовремено да го развива и образованието на највисоко ниво.

„Мојот најголем сон е еден ден да имам своја танцова академија, каде ќе можам да ги поддржам и инспирирам новите генерации танчари. Исто така, сакам да го остварам мојот сон за заштита на животни, а доколку не успеам да отворам засолниште, планирам да започнам проект што ќе ги комбинира мојата љубов за животни и моето знаење во технологијата“.

Габриела Додевска Глигоровска