„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ со одлични критики од меѓународниот печат
„Филмска комета од Македонија“, „Актерка која го освојува срцето“, „Неизмерно моќна сатирична драма“, „Тотален успех“, „Воодушевување за публиката“ – се само дел од светските критики
По високата оценка од жири комисијата на Screen International, се нижат добрите критики и во останатите европски и светски медиуми за филмот на Теона Стругар Митевска, „Господ постои, името ѝ е Петрунија“.
По успешната светска премиера во неделата, на 10-ти февруари, и дополнителните 3 проекции кои досега се одржаа во рамките на филмскиот фестивал Берлинале, филмските критичари од меѓународниот печат филмот го оценуваат како „вистинска борба против стереотипите и патријархатот“, а пак изврсната Зорица Нушева како „вистинско откритие“ и се споменува како фаворит за Златната мечка.
Критичарите на германскиот “Berliner Morgenpost” филмот го оценуваат мошне високо, со две петки и една четворка, а пак за режисерката Теона Стругар Митевска велат дека со приказната успева да направи „сатира помеѓу гневот и меланхолијата“.
Реномираниот Film New Europe заедно со Меѓународната федерација на филмски критичари FIPRESCI на нашата „Петрунија“ ѝ даваат висока просечна оценка од 3,5, која всушност е и највисока во споредба со оценките на останатите филмови во главната конкуренција на 69-тото издание на Берлинале.
Филмскиот критичар Владан Петковиќ од престижниот европски портал посветен на кино-културата и аудио-визуелните уметности Cineuropa пишува дека „македонската режисерка Теона Митевска се враќа во Берлинале со филм кој се спротивставува на традицијата и патријархатот на вистински остварен начин“, а пак Зорица Нушева ја оценува како „откритие“. „Борбата на Петрунија е дури симболична против најакутното општествено прашање на нашето време, кое допрва треба да добие напредок на Балканот, а пак филмот на Митевска е истовремено и значаен придонес за оваа кауза, но и моќно филмско дело“, напиша Петковиќ.
Германскиот “tip Berlin” филмот го оценува со 4 од 5 и вели: „На прв поглед, приказната може да изгледа како еден од оние типични источно-европски филмови кои често се прикажуваат на западните фестивали или во малите уметнички кинотеките, и првенствено, се издвојуваат со нивните одлучни критики за религијата. Првично, филмот на Митевска не изгледа многу поинаку, но потоа Митевска почнува да го развива портретот на едно општество далеку поамбивалентно отколку што се појавува на прв поглед“.
“Die Tageszeitung”, пак, кој во јавноста е популарен и како “Taz”, пишува дека Митевска вистински ја доловува диференцираното и амбивалентно општество кое не наоѓа соодветен начин да ја помири својата долга традиција со модерноста и нивните замки, кои се ставени на тест од страна на жена која што е храбра, како што е силна и волна.
Германската ТВ и радио “RBB24”, „Петрунија“ ја оценува со високо-средна оцена од 3,3, меѓутоа во својата рецензија, критичарот Патрик Велински пишува: „...еден од најубавите моменти на фестивал како Берлиналето е кога ќе настапи некоја сосема непозната актерка, која веднаш ви го освојува срцето. Лице кое веднаш ви станува симпатично и му посакувате сѐ најдобро. Зорица Нушева има таков лик.“ За самиот филм, тој вели дека е еден од подобрите во годинешната натпреварувачка конкуренција на Берлиналето и токму поради тоа што никулците на самодоверба на Петрунија во извонредната игра на Нушева се без алтернатива. „Со задоволство може и подолго да се гледа како оваа млада жена ја нервира својата околина“, вели Велински, кој за Нушева пишува дека треба да биде сериозен кандидат за Златна мечка за својата улога.
“Filmstarts”, кој исто така е насочен за филмска критика, на „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ му дава „силна“ 4-ка од 5, а „сатиричната драма на Митевска за непослушната жена во своите 30-ти и патријархатот се неизмерно моќни“. “Filmstarts” заклучува дека филмот е „горчлива пресметка со патријархатот и моќна молба за малку повеќе непослушност“.
Популарниот француско-германски магазин “J: Mag”, кој пишува на теми како култура, животен стил, образование и младински и граѓански проекти, нашиот филм го нарекува „кинематографска комета од Македонија“ и пишува: „Беше неопходно да се почека 9 часа, до недела наутро, за конечно да се открие филм кој сериозно може да ја намами Мечката!. Овој мал кинематографски скапоцен камен доаѓа од Македонија од сериозно филмски посветено семејство... Филмот е тотален успех: изборот на главната актерка... сценариото кое дава прецизно олеснување, острина и контраст на ликовите... третманот на една сериозна тема на силен, ироничен и над сѐ морален начин – го прават ова дело виртуозна кинематографија“.
“Kino Zeit”, повторно германски медиум кој се фокусира на филмската уметност, улогата на Зорица Нушева исто така ја оценува како „одлична“, а за филмот вели дека го има она што е потребно за да ја воодушеви публиката на Берлинале. Иако “Kino Zeit” ќе напише дека „ова можеби и не е совршен филм“, сепак коментира дека филмот успеа да постигне нешто на Берлинале, што не успеа ниту еден друг филм, со исклучок на ‘Systemsprenger’ на Nora Fingscheidts, а тоа е да ја воодушеви публиката.
Уште една 4-ка од 5 филмот добива и од лондонскиот “One Room With a View” кој пишува: „Силата на ‘Господ постои, името ѝ е Петрунија’ јасно лежи во емпатичното и контрастно сценарио и актерската изведба, особено од Нушева, чие лице експертски комуницира со развојот на нејзиниот карактер. Тоа е филм направен од жени кои ја разбираат потребата од индивидуална борба на отпор во името на феминизмот“.
4 од 5 ѕвезди дава и критичарката Мери-Кетрин Харви од “The Up Coming”, која вели дека Митевска тргнува на „амбициозно патување за да ги разреши хипокризиите на нашето време“, а пак со одлични 90% е оценет од германскиот филмски магазин “Uncut”, кој преку бомбастичниот наслов „Брилијантна социјална студија за Македонија“, потсетува дека филмот беше пречекан со овации од страна на новинарите и критичарите и дека тој е „успешен старт на малата земја“.
Добри критики и од германскиот весник “Tagesspiegel” и магазинот “Slant”. Со силен наслов „Стоп за понижувањето“, германскиот „Тагесшпигел“ во својата исклучително позитивна критика пишува „ Конечно! Беше крајно да се појави филм со ваква покренувачка моќ“, а пак “Slant” вели дека има голема шанса женски автор да ја понесе Златната мечка втора година по ред, алудирајќи се разбира на Теона Стругар Митевска.
На најпопуларната филмска датотека IMDb, „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ има рејтинг од 7,5 од публиката, меѓутоа на филмот му претстои светска дистрибуција, како и премиера во Македонија, со што се очекуваат уште многу позитивни оценки.
***
На крајот, критики се многу, секако меѓу нив има и негативни, меѓутоа во најголема мера позитивни, но со едно филмските критичари се согласни: Филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ дефинитивно успеа да ја крене публиката на нозе, а пак Теона Стругар Митевска на вистински, хумористично-сатиричен начин, успева да пркоси на општествените стереотипи, и тоа не со филм кој нуди помирување. Напротив, нуди обвинување и филмот ја пренесува таа порака до клучната точка.
За македонската публика останува да почека за самата да го оцени филмот до официјалната македонска премиера, која е веќе закажана во март.