Градоначалникот на Вевчани повика: „Напрај се василичар“
Под слоганот „Напрај се василичар“ ќе се одржи овогодишниот Вевчански карневал, на кој се најавуваат над 1.000 маски, богата програма со културно-забавни содржини и повеќе од 10.000 посетители од земјата и странство.
Градоначалникот на општина Вевчани, Сашо Јанкоски, на денешната прес-конференција најави дека општина Вевчани и вевчанци се подготвени за овогодишниот Вевчански карневал.
„Како градоначалник на општина Вевчани, од особена чест и од голема важност е да го најавам историскиот Вевчански карневал за 2020 година. Повикувајќи се на овогодишнот оригинален слоган: ‘Кеојш?’ Ќе ви одговорам: „На Вевчански!“ и ве повикувам и вам да станете василичари“, изјави Јанкоски.
Градоначалникот на Вевчани упати апел до сите вевчанци и учесници на овогодишниот карневал, како и секоја година да бидат креативни во подготовката на нивните маски и акцентот, покрај на политичките случувања, да го стават и на други моменти од културно-забавниот и економскиот живот.
За првпат оваа година организацијата за Вевчанскиот карневал вклучува и традиционално гурманско шоу со Бранко Попоски, македонскиот food blogger со вевчанско потекло, познат по проектот Cooking with Branko. Тие најавуваат претставување на традиционални вевчански јадења коишто се подготвуваат специјално за карневалот, на уникатен начин којшто досега посетителите не го виделе.
Програмата официјално почнува на 12 јануари од 19 часот на отворената сцена на игралиштето, каде што учество ќе земат DJ Todoroff, македонското поп-рок дуо Eye Cue, Brass Brothers и Влатко Лозаноски. Кулминацијата очекувано е да се случи на 13 јануари, кога маските што се кријат во тајност 365 дена, ќе бидат претставени пред јавноста на големото василичарско дефиле.
Во вториот дел од програмата, односно од 21 часот ќе настапат македонските музички фолк-ѕвезди Дамјан Стојановски, Татијана Стојановски, а на полноќ со традиционален огномет и трубачи ќе биде дочекана Старата нова година.
„За оваа 2020 година, јас и сите вевчанци ветуваме многу смеа, игра, театар и маски коишто ќе го привлечат вниманието на јавноста, задржувајќи ги својата уникатност и архаичност. По дефилето на 14 јануари, според паганските обичаи, маските ќе бидат запалени со цел да се уништи злото“, дополни Јанкоски.
Градоначалникот Јанкоски ги почести присутните со автентични вевчански пасоши и вевчанските личници, со што ги подготви за Вевчански карневал 2020 година.