ГРИГОР КОПРОВ: Планираме да го донесеме Пол Јанг на јубилејниот „Охрид фест“
Годинава одбележуваме значаен јубилеј-25 години и сме во сериозни преговори и со менаџментот на американско-францускиот диско состав „Санта Есмералда“, открива првиот човек на фестивалот
Последниот викенд од август или првиот викенд во септември пред хотелот „Нова Ривиера“ на кејот на Охридското езеро ќе се одржи јубилејното 25-то издание на фестивалот „Охрид фест - Охридски трубадури“. Манифестацијата традиционално ќе стартува со детските рефрени, втората фестивалска вечер ќе биде посветена на фолк-пејачите, претпоследниот ден од програмата ќе биде резервиран за поп-изведувачите, а крајот ќе им припадне на интернационалните ѕвезди. И овојпат можат да аплицираат автори од Балканот и од другите европски земји со нумери кои премиерно се изведени во 2018 година или со комплетно нови дела. Првиот човек на фестивалот, докажаниот композитор Григор Копров, најавува спектакуларно издание со многу новитети.
- Годинава одбележуваме значаен јубилеј. Можам да откријам дека сме во сериозни преговори со две големи имиња кои сакаме да ги донесеме во Охрид. Станува збор за британскиот пејач, композитор и музичар Пол Јанг кој во 80-те години на минатиот век беше идол на тинејџерите во цела Европа, најпознат по хитот „Love of the Common People “. Преговараме и со менаџментот на американско-францускиот диско состав „Санта Есмералда“ – ни откри Копров.
Британскиот музичар Пол Јанг, најпознат по хитот „Love of the Common People“
Министерството за култура за јубилејното издание на охридскиот фестивал одобри само 100.000 денари, иако истиот со години се реемитува на петнаесеттина телевизии од целиот Балкан, а го имаат пренесувано и националниот руски канал „Московска шансона“ и турскиот национален сервис „ТРТ“.
- Потценувачка е сумата во споредба со парите кои се одобрени за некои други фестивали. По кои критериуми одлучувала комисијата како да се распределат народните пари ако се земе в предвид фактот дека „Охрид фест-Охридски трубадури“ е единствениот фестивал на популарна македонска музика кој одамна ги надминува границите на нашата земја. На сите телевизии кои нѐ пренесуваат на почетокот на секоја фестивалска ноќ се емитува репортажа за убавините на Охрид. На тој начин, нашиот туристички бисер и Македонија воопшто добиваат одлична бесплатна реклама – објаснува Копров.
Ѓ.С.