Григор Копров за концертот кој се одржа во негова чест: Не постојам ако не создавам - компонирам скоро секој ден
Човек кој ги создал најголемите хитови на Маја Оџаклиевска, Калиопи, Тоше Проески, Каролина, Владо Јаневски, Мики Јовановски – Џафер, Гиш, Бојана, Марјан Стојановски, но и на Зафир и Сенка, Мери Цетиниќ, Владо Калембер, првиот хит на Бело Дугме …
Синоќешниот концерт наречен „Најдоброто од Копров“, беше прекрасно патување низ неговото поп творештво и потсетување на акордите одамна излезени од неговата гитара и одамна влезени во обнародениот фолдер со евергрини. Се разбира дека и неговите прекрасни фолк рефрени заслужуваат сличен концерт, но се надеваме дека во иднина ќе бидеме сведоци и на такво нешто. Зашто творештвото на Копров е богато, моќно и поливалентно, со акцент на неговата речиси патентирана идеја за урбан фолк, која толку години ја спроведува низ сите македонски фолк фестивали, а особено на неговиот „Охрид фест – Охридски трубадури“.
Автор кој со децении им подава рака на младите и талентирани пејачи, но и автори на текст, аранжери, продуценти. Тоа се потврди и на синоќешниот концерт на кој најголем дел од песните ги изведе младата Ана Петановска, новиот музички фаворит на легендарниот автор.
Присутните во салата на Македонската опера и балет, која го организираше настанот уживаа во хитовите на легендарниот и никогаш непрежален Тоше во маестрална изведба на Петановска. Младата пејачка позната по учествата во проектите како традиционалниот Василичарски концерт, Оскаровски хитови од 80-те и 90-те години не ја криеше својата среќа и постојано и се заблагодаруваше на публиката која и возвраќаше со долги аплаузи. Таа неодамна отпеа песна посветена на Тоше, со која настапи на „Белградска пролет“.
Народот повеќе од 5 децении ги знае и ги сака сите песни на Копров, ги пее со задоволство, се вљубува со нив, тагува со нив по загубените љубови и се надева дека ќе ја најде својата среќа и ќе остави трага во вечноста. Сето тоа е идеја водилка на Копров, за кого музиката и душата немаат граници и за кого секој човек, секоја мелодија и секој збор – имаат место под сонцето.
Најдоброто од Копров ни ги донесе незаборавните „Љуби ме и главата горе“, „Анушка“, „Остани во мене“, „Во коси да ти спијам“, „Црно тиквешко“, „Еден бакнеж“, големите хитови на Маја Оџаклиевска и на Тоше Проески … И сето тоа во изведба и во придружба на камерен оркестар, предводен од неговиот пријател и аранжер, Давор Јордановски. Уживање за сите сетила.
Големите хитови, во ново руво, и со прекрасна интерпретација на беспрекорен начин ги изведоа и Наде Талевска, Горан Наумовски и Денис Димоски, јаготка на шлагот беше специјалниот гостин на вечерта, Владо Јаневски, за кого Копров создаде неколку вонвременски мелодии како „Црно тиквешко“, „Чаирска романтика“ и „Еден бакнеж“.
На крајот од настанот Григор Копров излезе видно возбуден на сцената за да го прими и признанието за успешната работа кое му го додели МОБ.
Голем вљубеник во музиката, човек кој не може да си го замисли својот живот без нотите, без својата гитара, без создавањето … Неговите рефрени носат радост и тага, секакви најубави емоции, будат носталгија, разгоруваат силни чувства, гасат пожари и создаваат љубов, која трае толку многу години. Неговите песни се гаранција за успех и катапулт за лансирање и за пробивање на македонската и на балканската естрада.
-Благодарност до Националната Опера и балет за организацијата на овој концерт, како и до Министерство за култура, за слухот да ме награди со ваков прекрасен концерт. Не можам да издвојам која ми е најдрага песна. Сите ми се драги на посебен начин. Љубовта кон музиката ме тера и денес да компонирам. Јас не постојам ако не создавам. Компонирам скоро секој ден – ни изјави Копров.
С.А.Н
Фото: Вангел Тануровски