Гризи Греби Касај
Ми рекоа дека треба да пораснам. Ми рекоа дека треба да се
уозбилам. Ми рекоа дека треба да сум сериозна, соодветна со годините. Ми рекоа
дека сум преамбициозна, ми рекоа дека не може така, мора вака. Ми рекоа дека
треба да се смирам, да се стишам нели, да бидам поразумна, животов течел, време
минувало. Треба да се омажам, да родам, да бидам мајка и сопруга, да не се
бунам, да не пребирам, да се помирам, дури и да престанам да сонувам. Да
одберам сериозна професија, па што е тоа, фустанчиња шиеш, да не се залетувам,
сепак сум само една жена, да не се двојам толку, да пробам да се вклопам, да
бидам дама, да бидам домаќинка, да имам разбирање за сите освен за себе..
А јас па некако одам два чекори напред, и со цела моја сила, со сите изгубени и обновени атоми, со сите мои визии и идеали, со цела своја снага што носи повеќе од планина, решив да не застанувам. Да не се вртам назад, да почнам да се ценам себе си и да, да си го најдам своето место. Јас ќе го создадам тоа место за себе, со крената глава, јас ќе газам боса по стакло за моите соништа, јас ќе дозволам да го поместам прагот за толеранција на болка за да ја оставарам својата цел.
И не, тоа не е да родам и лепо да се удам, не, не е слика од скапа кола или штикли за на инста и не, нема вашите идеали да ги бркам, ќе ги поставувам моите. Со сите последици на секоја моја одлука, јас нема да се претопам, ќе пробам и од вашето, се ќе пробам, и се ќе бидам, се она за кое ќе ми издржи срцето.
Ужасно сум алчна, Сакам се од животот. Сакам да бидам и маж и жена, да имам многу пријатели и да бидам сама, да работам многу и да пишувам добри книги, да патувам и уживам, да бидам и себична и несебична..Знаете, тешко е да се добие се она што јас го сакам. - Симон де Бовоар
Ахам, претешко е. Но, кога по не знам кој пат носам претешки бали материјал, или имам тежок ден од клиент, или приватна расправија со некој близок, си велам Ивана сама одбра. Можеше да бидеш како сите, можеше да е лесно, можеше да се покориш и да молчиш, ти го одбра сама твојот пат. Твојата цел е голема, твојата визија за промена е издржлива сама од себе, имаш премногу љубов за давање и не смееш сега да се откажеш. Ослаби, здебели се, грижи се за себе, остави се, дружи се, осами се, прецени се, подцени се, греши, падни, ама стани пак жено, твој е животов, од првиот здив одговорноста е твоја. Не се твоите родители криви, не е општеството криво, не се пријателите ниту пак непријателите, не се околностите, не е среќата, не е кармата, не е судбината, ТИ СИ. И ти, во моментот кога си ја донела одлуката, си знаела дека си дала се од себе, и тоа била твојата најдобра одлука до тогаш. И не се плаши, и не се срами, и стани жено, можеш, знам дека можеш пак.
Не, нема да делиме рецепти и да зборуваме за слабеење, се тоа можете без мене. Имаме повеќе работа тука, и кај нас и во светов. И не, не сум феминистка, не сте ни вие. Ние сме Жени, Прелепотици, оние од кои се очекува семоќност.
И ќе му го дадеме тоа на светот, и ќе си ја создадеме нашата среќа сами. И ќе љубиме безусловно, и ќе бидеме гладни постојано за убавини, и ќе Гриземе и Гребеме и Касаме за се она што нам ни е вредно. Ние сме Прелепотици, ние вредиме повеќе од категоризација, ние можеме се. И да се заљубиме во човек по сопствен избор, и да родиме дете како плод на љубов, и да го воспитаме за да може да биде без нас, и да имаме кариера, и да направиме сопствен бизнис, и да сонуваме, и да се грижиме за себе, и да не зависиме од никој друг, и да бидеме свои, индивидуалки, храбри, да не се претопуваме во ничија замисла.
Јас сум Ивана Кнез, не, и по не знам кој пат, не, нема да се стишам, не нема да се променам за вас, ќе го сторам тоа само за себе, и само ако сакам. И ќе го направам овој свет едно магично место за живеење, ми се може. Во секоја од нас лежи таа моќ.
Се читаме следната недела.
П.С. Повторно ќе ја издвојам младата Ивана Атанасовска. Мулти медијален уметник, графичар и визионер. Колешки немојте да и се гагате, ако сакате да и се почитува уметноста, започнете вие први, со тоа што ќе и го платите трудот. Прелепотици, топла препорака за во својот дом да имате мало парче уметност или да подарите уникатност, доста купуваме секакви глупости што фаќаат прашини по полици. На сликава ја наслика мојата душа, без да ме знае, од проценка, од она што го виде на социјални медиуми. Ете само тоа ја прави севредна.
Претходните колумни на Ивана Кнез ги имате ОВДЕ!