Халкбанк со поддршка од матичната банка од Турција го зголеми капиталот за нови 20 милиони евра
Халкбанк вчера официјално изврши зголемување на капиталот за нови 20 милиони евра, што претставува поддршка од главниот акционер на банката – Халкбанк АШ Турција за зајакнување на банкарскиот капитал во земјата.
Со цел да се одговори навремено и што е можно подобро на барањата на реалниот сектор во земјава во новонастанатата ситуација, Халкбанк АШ Турција уште на 23 март свика вонредно собрание и донесе одлука со која ја поддржа Халкбанк АД Скопје со докапитализација во износ од значајни 20 милиони евра.
Ваквата поддршка овозможи Халкбанк на дадената ситуација да одговори со ургентно донесени мерки кои се однесуваат на државата и на граѓаните. Банката изврши предвремено плаќање на данокот на добивка за 2020 година како поддршка на државата за имплементирање на мерките за заштита и превенција од ширење на КОВИД-19. Истовремено, ги укина провизиите за користење на електронското банкарство за време на вонредната состојба, а даде и поддршка на граѓаните и стопанството со одложување на плаќање на обврските на клиентите по однос на кредити за шест месеци.
Халкбанк е еден од најголемите и најсилни брендови на македонскиот финансиски пазар. Како најбрзорастечка банка на пазарот, Халкбанк АД Скопје е четврта најголема банка на пазарот според актива, која со последнава докапитализација сега изнесува 965 милиони евра.
Матичната банка Халкбанк АШ Турција инаку неколку пати досега помогна во зголемување на средствата на Халкбанк АД Скопје. Минатата година беа направени две докапитализации во вкупен износ од 24,6 милиони евра, како уште еден чекор во насока на спроведување на стратегијата за раст на банката.