Хелен Браун: Добрите девојки одат во рајот, а лошите каде сакаат
Првата Космо дама Хелен Гарли Браун, легендарната уредничка на магазинот „Космополитен“ ќе остане запаметена како личност која ги охрабри жените ширум светот да преземат контрола над својот живот и кариера. Оваа хероина помина 32 години на чело на магазинот, а се до последниот здив беше уредничка и на интернационалните изданија, водејќи ги од својата канцеларија во Њујорк, која била уредена во розова боја.
Браун е родена на 18 февруари 1922 година во Грин Форест, Арканзас. Порасната во класично семејство, нејзиното детство поминува безгрижно се до смртта на нејзиниот татко во 1932 година. Неговата смрт придонела Хелен, нејзината мајка и сестра да се навикнат на крутите животни услови, за кои подоцна во еден од нејзините бестселери напишала: „Повремено се враќам дома за одново да го преживеам чувството на ужас“.
Во потрагата за подобри услови за живот, нејзината мајка Клео и сестра и Мери се преселуваат во Лос Анџелес, каде таа го завршува средното образование, а за трагедијата на семејството да биде поголема, нејзината сестра завршува со детска парализа. Образованието го продолжува на бизнис колеџ каде во 1942 година стекнува диплома. Шест години подоцна, нејзината мајка и сестра се враќаат назад во Арканзас, а таа останува во Лос Анџелес и на 24 години почнува сама да се бори за своето место под сонцето. Во таа потрага, менува 19 работни места и си заминува секогаш кога ќе почувствува дека го постигнала својот максимум.
По смртта на таткото, Браун станува столбот на семејството кое финансиски сама го издржува. Во потрагата за подобар живот, таа подоцна открива дека на секое работно место имала афери со колеги и дека година дена во Лос Анџелес била издржувана од нејзин шеф, со кого ја прекинува романсата, откако дошла до ситуација да глуми во креветот.
Нејзината прва вистинска работа која е пресудна за понатамошната кариера ја добива во 1948 година и тоа работејќи во маркетинг фирмата „Cone and Belding“ за десет години подоцна да стане автор на бројни познати авторски текстови, за кои ја добила наградата „Frances Holmes“. Успехот од професионален се насочил и кон приватен план, па Хелен во 1958 година, односно на 37 години стапува во брак со филмскиот продуцент Дејвид Браун, кој работел на филмовите: The Sting (1973), Jaws (1975), Cocoon (1985) и Driving Miss Daisy (1989).
Во 1962 година на предлог на сопругот, Хелен ја објавува книгата „Sex and the Single Girl“, која веќе наредната година станува бестселер во Америка, а со тоа и ја започнува сексуалната револуција на жените. Без разлика дали ја сакале или мразеле, едно е сигурно - сите зборувале за нејзината книга. Во неа, авторката дава две клучни поенти за жените: своите потреби да ги изедначат со оние на мажите и да уживаат во сексуалните односи без разлика дали се во брак или не и да не бидат зависни од нив, туку да им бидат конкуренција во градењето на кариера. Книгата добива и филмска адаптација во која совршено се опишани проблемите, потребите, финансиите, работата и сексот на немажените жени.
Веќе следно, односно во 1965 година таа е назначена за главен уредник на „Космополитен“ и успева целосно да го трансформира магазинот со нови идеи благодарение на кои за брзо време станува икона на младите жени и тоа продавајќи милионски тиражи. Најголема поддршка за својата работа добива од сопругот, чија слика секогаш стоела на централно место на бирото во нејзината канцеларија.
Покрај успешната кариера во магазинот, таа е авторка на книгите: Sex and the Office (1964), Helen Gurley Brown’s Outrageous Opinions (1966), Sex and the New Single Girl (1970, Having It All (1982), The Late Show: A Semi-Wild but Practical Guide for Women Over 50 (1993), The Writer's Rules (1998), I'm Wild Again (2000) и Dear Pussycat (2004), но на сметка на успешната кариера и статусот на моќна жена, таа го жртвува мајчинството, ставајќи ги себично само своите потреби на прво место.
Се до 1977 година таа е на чело на престижниот магазин, а потоа до самиот крај се насочува на интернационалните изданија. Покрај сексуалната револуција, Хелен ќе биде запаметена и по изјавите: „Добрите девојки одат во рајот, а лошите каде сакаат“ и „Мојот успех не се должи на мојата интелигенција, туку на здравиот разум“.
Дејвид починува на 13 август 2010 година, а две години подоцна и Хелен. Бидејќи немаа деца за да го остават наследството, парите биле донирани во Универзитетите Стенфорд и Колумбија за развивање на катедра за медиумска иновација.
Жената која беше инспирација на многумина, остави трага со кршење на табуата кога станува збор за правата на жените како во машкиот свет, така и надвор од спалната соба. Може да се каже дека Браун ја исполнила својата животна мисија да направи револуција во време кога конзервативните вредности им пркосеа на сите оние кои се обидуваа да направат храбри промени.