Холивудски приказни

Добивај вести на Viber

Ден пред Оскар...имајте предвид дека кога е пишувана колумнава, само се погрева таа еуфорија која дури и кај оние кои се најскептични, буди некое чувство на возбуда. Не верувам дека ќе издржам вечерва до толку доцна, оти знаете, со годините некако се’ ми се изврти.

Дали имам очекувања? Не знам, мислам дека не се работи за очекување.

За мене лично и ова до сега е голем успех, како да сме земале Оскар. Горда сум на луѓето кои имаа верба со години да работат на еден проект, негувајќи ја идејата за него со истата страст и жар. Горда сум дека се’ повеќе не’ има по светски познати фестивали, претставени од млади луѓе. И додека се мислам дали ќе заспијам веднаш откако ќе ја испратам колумнава или ќе дремнам до 2 наутро па ќе ѕиркам во телевизорот, а можеби и се’ ќе преспијам, знам само дека она што го живееме сега е она што треба да го живееме вообичаено. Она заедништво при навивање на “нашите” сакам да се буди повторно и во сите сегменти на нашата живеачка. Оти се уморивме некако. Јас барем сум се’ поуморна и поуморна. И тој умор како да нема крај.

Прееска се пишувам со една моја другарка која има во себе не само голема животна мудрост, туку и дух кој не се крши и покрај сите нејзини премрежја и крахови кои ги доживеала. И зборуваме нешто за љубов , па за очекувања, па за оној болниот дел и разочарувањата, а таа наеднаш вели “ех Ане, Холивуд сите не’ упропасти”. Е сега, ако сме веќе искрени реченицата не беше баш така кажана, но, бидејќи ме читаат и другарките на ќерка ми, а и мајка ми, нека остане вака.

И наеднаш сфаќам колку има вистина во сето тоа. Филмови, филмови и филмови. Па порано можев да седам со ноќи и ноќи и да гледам секакви филмови, од хорори па се до оние заради кои жените ги обвинуваат мажите дека немаат ни Р од романтика. И точно е, филмовите стануваат бегство од реалноста во која живееме а не е баш и нешто убава за живеење. Стануваш сабајле, оној цел хаос од спремање, па сообраќајот во кој минимум 6 пати ќе опцуеш или ќе те опцујат, па 8 часа работно време кои се исполнети со се’ и сешто. Потоа повторно сообраќајната голгота, па разнесување на подмладокот на 100 курсеви и на крајот изнемоштени се прибираме дома. И веќе кога е човек дома, ќе пушти филм за да се релаксира. Прашањето е....дали е тоа само релаксација или и бегање од реалноста?

Холивуд е машинерија која има од се’ по нешто, за секого. Смислено за човек да се навлече и многу лесно да заборави на својот живот кој не го сака, на партнерот со кого му е досадно, на работата која го фрустрира. И не е само Холивуд, туку целата таа филмска продукција која неверојатно успешно им нуди на луѓето да се занимаваат со туѓи животи, а не со својот...без разлика колку и да е тоа глупаво кога човек реално ќе размисли. Затоа сите тие маратонски серии почнувајќи од Касандра, Династија, па Далас (мислам дека така се викаше), па оние шпански серии во кои никогаш не се знаеше кој кому е родител, дете....и завршувајќи со сегашниве турски серии. И како и да завртите, се навлекуваме. Јас сум позната кај моите пријатели по тоа дека не гледам телевизија. И да, тоа е да пукнеш од смеење (иронична сум) дека јас немам врска кој ни е министер за ова или она, а да не зборувам за странските политичари. Ден денес стои забележана онаа моја изјава кога бев прашана кој е актуелниот германски канцелар....што како од пушка истресов дека (се разбира, сосем самоуверено) е Хелмут Шредер. Серии не гледам затоа што ми создаваат обврска да ги изгледам, а филмови нешто слабо периодов.

Или, да бидам попрецизна...серии гледам кога сум down. И тоа многу. И на лето. Така имам 3 цели изгледано, без (буквално) да станам од кревет од 16.30 кога се прибирам од работа, па се додека не заспијам.

И сега доаѓам до поентата на муабетот со другарка ми. Филмовите ме научија дека љубовта секогаш победува, дека доброто секогаш победува, дека дечкото на кој сите отпрво му играат мајтап е всушност најпрекрасниот лик, дека фраерот кој е груб секогаш си го добива на крај она што го заслужува или онаа друга крајност...дека има меко срце и само глуми дека е силен, дека најгрдата девојка има трансформација од грдо пајче во лебед, дека има краеви кои никогаш не звршуваат.

И од пубертет го гледаме тоа. Ама го гледаме на филмови и се навлекуваме. И не е проблемот што се навлекуваме, туку што се разочаруваме кога ќе се судриме со нешто сосем спротивно.

Така...животот ме научи дека љубовта победува само тогаш кога крв ќе проплука човек за да го задржи саканиот, а дека најчесто победува таму каде што е безбедно и материјално обезбедено, а со тоа веќе и не е љубов. Потоа научив дека доброто може да победи само онаму каде што има луѓе кои се спремни и животот да го дадат за вистината...ама некако сум убедена дека долго време живееме повеќе со надеж за добро, отколку со реалната слика за нашево општество. За смотаните момци сфатив дека се смотани не оти немале прилика да блеснат, туку дека имаат опсесивни мајки кои ги држат под контрола и не им даваат да мрдат, оти синчето (кое патем речено има 40 и кусур) не може да се снајде ако мама не е тука да му зачисти, запегла или зготви...фуј!

За фраерите сфатив дека никогаш не го добиваат она што си го заслужиле, туку дека стално наоѓаат начин некој да настрада наместо нив...а втората варијанта дека уствари имаат меки срца и се полни љубов, не сум ја доживеала.

Девојките кои се грди пајчиња се толку омаловажувани, исмевани и малтретирани што од фрустрации никогаш не стасуваат да кренат глава, а најмалку да станат лебеди.

И ете...онаа мојата лична фрустрација, дека не само што се’ има крај, туку и дека крајот некогаш е побрз од почетокот.

Не ги сакам повеќе нереалните филмови, ниту на платно, ниту во животот. Сакам реални слики, реални луѓе, реални настани, реални болки и реални љубови. Сакам слабости и маки, сакам борба, сакам медени луѓе во овој свет полн црнила. Сакам да имам верба дека навистина има добри ликови кои не се тука само за да зграпчат нешто, туку дека се тука за да дадат...во сето ова време во кое само се граба.

Не ми треба Холивуд, ниту вечерва, ниту било кога за да знам дека на светов сме му дале друга димензија, друг начин на гледање на работите. Сосем нехоливудски, а сосем човечен и полн топлина и љубов.

Да сте ми живи и здрави...и пред да ве понесе оној толку нормален за денешно време-порив за алчност, сетете се...пола за нас, половина за другите. Учете се да се полните преку давање, а не преку земање. Учете да бидете задоволни со помалку од големите апетити што ги имате. Знаете како велат...се умира од премногу, а не од скромност.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Не чекаш да те понудам

со љубовта моја да те нагостам

сервирана со внимание

како слатко од вишни

во стаклено тањирче

и сребрено лажиче

со чаша бистра вода

за полесно да врви блажината

да не те засити наеднаш

оти лезет така нема

ете

алчен си

и не чекаш

прво со голема лажица црпиш

а потем со раце

како ненајаден

ненаситен

трпаш во устата

и голташ пред да соџвакаш

со светнати очи

и за мене туѓ поглед

со шербет кој низ устата ти тече

и алиштата ти ги гнаси

како да не си ти

не те препознавам

а твојот лик е

и телото твое е

ама срцето не ти го знам повеќе

и потем

потем блуеш

љубовта ми ја блуеш наоколу

во црвени млазеви

и реа

ништо повеќе во тебе не останува

а и во мене е пусто

ете

не чекаш да те понудам

ниту пак сама да ти дадам

со убост

со ќеф

да те послужам со љубовта моја

како долго чекан гостин

со чест

и милост

на исплетен од свилен конец чаршаф

да ти постелам

она што за тебе го чувам

она што и онака ќе ти го дадев

ама не чекаш

пусто

од алчност

не ме дочека