И Германците полудеа по тоалетна хартија: Тепачки во супермаркетите, кражби на средства за дезинфекција

Добивај вести на Viber

Тепачки, кавги, викотници, такви се сцените во супермаркетите пред рафтовите за тоалетна хартија. Германските медиуми пишуваат дека жестока кавга се случила во еден супермаркет во Бремен, откако жената што пазарувала одбила да прифати дека и е дозволено да купи само еден пакет тоалетна хартија

Жената почнала да се кара со продавачката заради ограничувањето што е воведено заради епидемијата од коронавирусот, а потоа и ја удрила, пренесува новинската агенција ДПА.

Во југозападниот град Манхајм , вчера, исто така, еден маж одбил да го прифати ограничувањето за количеството на купена тоалетна хартија, што може да се купи во еден супермаркет, соопшти полицијата. Тој се обидел да купи неколку пакети повеќе од дозволеното, а кога двајца продавачи се обиделе да го спречат, тој ги бутнал и се обидел да ги удри. Друг купувач се вклучил во турканицата и со колено го удрил во главата еден од продавачите.

Кога полицијата пристигнала на местото на инцидентот, првиот купувач лежел на земјата натепан и бил префрлен во болница. Удрениот продавач побарал лекарска помош.

Во друг инцидент повторно поврзан со коронавирусот,  60 шишенца средство за дезинфекција биле украдени од детска болница во Бремен, јави полицијата.

Во југоисточниот град Нирнберг, пак, од магацин во училиште биле украдени над 600 ролни тоалетна хартија и 20 литри течен сапун, во вредност од 250 евра, јавува локалната полиција.