Баба ми покојна секогаш велеше “држи си ги рацете зафатени за да не ти забегва умот”. Не разбирав, долго време ама ич не разбирав што сака да ми каже. А пустата се обидуваше да ме научи да плетам и везам, ама од мене жена-домаќинка не бидна. Не дека е за фалење, ама и ден-денес не знам саглам да сошијам ниту копче, а без од авион да се види дека е мое дело. Дури, пред некое време кога ми се скина џемперот (тенок де!) на работа, другарка ми и колешка ми рече “дај Ано да ти го закрпам ова на ракавот, оти ти ако фатиш ќе изгледаш ко две раце во еден ракав да имаш пикнато”.
Нејсе, не научив да плетам. А одраснав опкружена со чингелакиња, мостри, волници и тенки конци, кои си го добиваа обликот во огромни чаршафи за маса, миленца (не, не ги држам над телевизорот), украсни везови и џемпери. Демек, за чеиз, оти не бивало да се омажам и така “гола” да одам во туѓа куќа, без куфери и куфери полни плетени работи и везови. Во Битола беше познато и она колективно плетење. Ова го имам и во песна напишано. Се собираа сосетките, со раце полни кеси во кои си го носеа алатот за плетење. Па ќе се распостелеа под стариот лешник, со очилата спуштени ниско на носовите и низ муабет рацете ќе им вртеа додека мене не ми се свртеше во умот. А муабетите алтани...од која како ручекот го прави, та ако ставиш босилек и рузмарин на крајот на запршката, манџата ќе била прсти да излижиш, па слаткото од смокви како да се направи со марифет за да не шеќердиса, а смоквите да останат цели, па за нови кројки на робите што ги носеа, па (веќе починатите) свекрви-демек која од која полоша, па снаите дали се погодиле домаќинки или модерни биле.
Муабетот не стивнуваше, а богами ниту рацете кои во очите на едно дете создаваа магија. Ми беше интересно, ама никогаш доволно за да се нафатам да научам. А баба ми упорно велеше дека чоек мора да има некаква преокупација за да не му шета умот онаму кај шо не треба.
На повозрасни години го научив тоа. И на потешкиот начин. Пораснав, завршив факултет, работев, имав се’ што можев да посакам. Ме мелеше стресот полека, животните ситуации кои навидум лесно ги решавав и не бев свесна дека оставаат траги. Се омажив (баба ми велеше оти на 30 сум го фатила последниот воз), за неколку години родив дете, ме здроби болеста на татко ми и чувството на немоќ. Станував се’ позатворена во себе. Накачив 76 килограми, кои за некој кој цел живот имал едвај 55, беа премногу.
Се опседнав со болести и неуспеси. Станав хипохондрик, кој кога ќе чуеше за некоја болест, веднаш ја пребаруваше на интернет...и нормално, од 10 симптоми, си наоѓав барем 2-3. Немаше болест за која ќе прочитав или чуев, а да не се опседнам дека ја имам. Стравовите ме претворија во конфузна личност, која се’ помалку се смееше и имаше радост. И тогаш почнаа и нападите на паника. Од никаде (навидум). Тахикардија, препотување, зацрнување пред очи, страв дека ќе се случи нешто лошо...па и на неколку пати, проследено со несвестица. Молчев. Молчев пред себе, пред моите, пред пријатели. Молчев и запаѓав во круг кој ме влечеше удолу. Не знаев како да си помогнам. Се мислев да побарам стручна помош, ама не знаев ниту како да објаснам што ми е. Не бев свесна дека имам проблем кој не е за занемарување. Знаев само дека не сум среќна, дека престанав да имам чувство за себе и за се’ што се случуваше околу мене. Напати велам дека ќерка ми ме спасува сама од себе. Си должев себе, на неа, на моите родители да најдам начин како да се извлечам. Веројатно да не бев контрол фрик за себе, ќе голтав апчиња и којзнае што друго. Ама јас сум од оние кои веруваат во тоа дека како што човек може да се упропасти себе, така може само со сила на волјата да се извлече од тоа. Башка, имам уплав од се’ што би направило да немам чувство за сама себе и своите постапки.
Почнав да правам резови. Престанав да се самосожалувам дека не се чувствувам добро. Уште бев хаотична, уште ме мачеа паничните напади кои не можев да ги предвидам и кои ме натераа да се затворам дома. Чувствував тага која не знаев како да ја исфрлам, не плачев, немав солзи, ниту пак друг начин како да го исфрлам тоа чувство на беспомошност.
Не бев добра за себе. Ич. Ме уплаши сознанието дека нема да бидам добра ниту за моето дете. Еден ден, седејќи со мајка ми која средуваше низ дома, ги најдовме плетките на баба ми. За мене, ама оставени кај мајка ми. Рикав како магарица. Плачев додека не засипнав во гласот и додека лицето не ми стана безлична црвена маса. Плачев и имав чувство дека откако ќе ги исфрлам сите солзи, ќе остане само корупка од мене.
Тогаш сфатив...разбрав.
Беше време за да се сменам. Бебешки чекори, ама морав да почнам од некаде. Можеби ќе ви изгледа смешно, ама почнав да правам накит од монистри. Го поклонував на другарки, ама ме држеше зафатена во рацете. Почнав да пишувам. Кинев, пишував...повеќе кинев отколку што зачувував нешто. Полека се соочував со најголемите стравови. Болести, смрт, самотија. Џигерот си го изедов додека не се помирив со тоа дека не можам да сменам ништо што ми е пишано да се случи. И на мене и на моите блиски. Пишувањето ме ослободи. Ќерка ми ме спаси. Борбата на татко ми, кој го сметам за најхрабрата личност која ја познавам ме спаси. Поддршката на мајка ми и најблиските другарки ме спасија.
Ден-денес кога луѓето ќе ми пратат нешто да прочитам, не го гледам тоа критички. Која сум јас да давам “стручно” мислење?! Не сум книжевник, не сум поет, не сум писател. Јас сум само Ана која знае низ што минувате за да напишете нешто што го корнете од душата. Пишувајте ако тоа е начинот да се чуете себе и да видите до каде сте. Пишувајте без да ви е грижа кој што ќе ви каже за напишаното. Вие и само вие си знаете како ви е на душата и што се’ ви минува низ главата.
Деновиве плетам алки. Најдов некаде по интернетов туториал за плетки. Едноставно е и ме држи спастрена во умот. Најдете нешто кое ќе ви помогне да бидете со себе, ама на здрав начин. Ако е тоа стручна помош, побарајте ја. Ако е тоа пишување, пишувајте. Ако е тоа везење, плетење, готвење...проклетство, правете го тоа!
Правете го без срам и страв од тоа како ќе изгледате во очите на другите. А другите нека се обидат да чекорат во вашите кондури.
Имам напади на паника...некогаш ги предвидувам, некогаш ме удираат како тупаница во стомакот. Има денови кога едвај можам да се извлечам од креветот. Има денови кога ми доаѓа да врескам од немоќ и болка. Има денови кога не сакам да гледам луѓе и кога сечиј поглед ми жежи. Ама сега знам дека минува. Полека...со бебешки чекори и на 46 учам како да се сакам себе. Учам како да се прифатам и како да не се обвинувам кога не сум добро.
Полека, учам да им се загледувам на луѓето длабоко во очите и да видам колку насмевката им е внатре. Да, ми се случува да бидам излажана и изманипулирана за да го добијат моето внимание. Престанав да се лутам за тоа. Престанав да се објаснувам и да се жестам. Само се тргам настрана и си велам “и ова ќе мине”. И минува.
И ЈАС ИМАМ! Имам стравови, депресија, разочарувања. И живеам!
Најдете ја својата “плетка”. И плетете...исплетет мир за себе и во себе. Само тоа навистина вреди и останува во животот.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Плетеше баба ми, многу плетеше
ја паметам со чингелакето и конците
со комплицирани шеми кои не ги разбирав
и не ми беше јасно зошто толку време и труд
кога имаше толку други работи кои можеа да се прават
ама ете, таа плетеше
неуморно рацете и’ вртеа
дури и кога ги слушаше вестите или муабетеше со комшиките
кои доаѓаа со плетилата и торби полни конци
та минуваа часови движејќи ги прстите и устите
си разменуваа рецепти и животни совети
малку и се потчачнуваа чија снаа е полоша
ама години и години создаваа украсни чаршафи за маси
прекривки за кревети
миленца кои никогаш не се користеа
“чупче, за чеизот твој ги спремам
оти срамота е да влезиш во нечија куќа така
ко гола да си, ко да немаш фамилија!”
е така велеше баба ми дур ме погледнуваше низ наочари
меѓу две вртења со рацете со брзина на светлината
а мене смешно ми беше
па си велев чуму сите тие дребулии
чуму толку труд и зацрвенети очи
а сега баба ми ја нема
еве, деновиве веќе седма година како е кај дедо ми
а мене ми останаа чаршафите
едниот од нив паметам дека се вика “Изгубениот пат”
спомени ми останаа и еден куфер бели и кремави чаршафи
мирисот нејзин во умов и нијансата на нејзиниот црвен кармин
ама сега знам, сега разбирам
знам оти на овие години рацете треба да ти вртат за умот да не ти се сврти
дека тој сам си фаќа пат ако не го спрегниш ко коњите што ги спрегнуваат
па можеби плетењето на баба ми во тоа време е моево пишување сега
оти и јас плетам
зборови плетам за чеиз на ќерка ми
кој веројатно ќе заврши во некој куфер
или пак таа ќе си го најде своето “плетало”
за умот да си го варди
за да не му дава многу да се расшетува на стари години
оти со умот никогаш на чисто не си
та пушти го од вид и ене, забегал некаде
и сега ми иди да можам на баба ми да и’ речам
“знам, види дека и јас плетам
малку поинаку, поразлично
ама исто комплицирано, а воедно и едноставно
сега знам и сакам да можеме заедно да си поплетиме
оној твојот Изгубен пат во кој и јас се најдов
во кој ме има, во кој те има”