И жените прдат, зар не?
Ја гледата таква нежна, кревка и имате потреба да ја заштитите од целиот свет. А таа трепка со очичките, сета напудрена, намирисана, со коси свилени. Веројатно за да излезе со вас, била на маникир, педикир, професионален шминкер или гледала еден од оние туторијали на youtube за да се нашминка како филмските ѕвезди (јас пробав еднаш и изгледав ко за на маскембал да сум тргнала). Епа, чисто да си знаете дека и таа прди. И не само што прди, туку и ждрига, оди во тоалет по 1 и 2, а тоа 2 некогаш знае да биде убиствено.
Веројатно се прашувате зошто ми текнало да пишувам за ова, кога ова пупупу, Боже ме прости, е тема за која не се зборува. А јас, ко шо ме дал Универзумов ваква каква што сум, многу сакам малку да ви ги растресам мислите или илузиите кои ги имате за нас жените.
Прво, заради тоа што мене ми е искрено смачено од тоа да гледам пренемагање кај жените. Второ, заради тоа што ми е уште повеќе смачено од тој товар кој сами себе сме си го ставиле на грб, а тука помогнала и околината. Трето, малку ми се приповраќува од тоа дека сите се преправаме дека прдењето, какањето и ждригањето се нешта кои е срамота да си ги признаеме.
Да, замислете! И ние жените имаме црева и органи, исто како и мажите. Не чуваме во утробата цветна градина во која летаат пеперутки и има виножито. Имаме гасови, кои најчесто ги потиснуваме до болка заради имиџот кој ни е наметнат дека нам, жените, не ни личи да си потпрднуваме. Ма немој! Ќе си го мачам јас телото, заради сликата што некој сака да ја има за мене.
Мажите си прдат јасно и гласно. И тоа дури е сведено на некој вид престиж, односно шо погласно прдне некој, толку е помажествен. Луѓе, па јас знам жени (кхм, кхм) кои прдат како што за денот на армијата пукаат топови. И да, зависно од тоа што јаделе, така им мириса прдежот. И не гледам што е тоа толку невообичаено и гадно кога тоа го прави жена.
Имате ли воопшто предвид колку е тешко да се живее со сликата која сите ја промовираат. Жената треба да е стално средена, да биде достоинствена, да биде блаблабла. Значи, ако сме искрени, јас на пример сум средена само тогаш кога ми се сака. Епа сингл! Тоа е! Ама во хаосот на денот кој ми почнува пред 7 часот наутро, немам ни време ни желба да се бојадисувам во фацата за да излезам средена од дома. Па затоа, се шминкам во кола, а не ретко ми се случува да се дошминкам на работа, оти успевам (зависно од утринската гужва) да се средам половично. Па најслатко ми е кога чекам на семафор и ќе свртам глава, а до мене гледам жена во возило која го прави истото што и јас. Па ќе си дадеме по една насмевка, соучеснички поглед и си го продолжуваме ритуалот.
Сериозно немам време за да се оптеретувам дали ќе ги уплашам комшиите сабајлечки кога излегувам ко авет од дома. Колегите на работа веќе ме знаат во секакво издание (едно јавно благодарам до нив, кои имаат разбирање за моите сабајлешни изданија).
Разбиваме митови за жените. Скроз, затоа што едно е романтичната слика која ја имате за нас, а сосем друго е реалноста. Одењето со дечко на одмор буди една прекраснотија од замислени прошетки за раце при залез на сонцето, па бакнежи, па тоа водење љубов....мераци. Епа, кога сме зборувале со другарките за тоа, сме ги разоткриле и оние помалку романтични мигови. На пример, психолошки сме биле толку под стрес од тоа да станеме обични човечки битија, што секоја од нас (барем еднаш во животот) за цел одмор не отишла во тоалет по голема нужда (многу го сакам изразов) за да не си помисли тој....што?! и едвај сме чекале да си се вратиме дома, кај мама и тато и да си отседиме 1 час во тоалетот за да се испразниме. А тоа ич не е романтично. Или сме трчале во тоалетот во ресторанот во кој сме отишле со нашата љубов на вечера, оти секогаш може да се каже оти таа пред нас оставила непријатен мирис.
Ете така некако стојат работите кога си наметнуваме совршенство или кога дозволуваме истото да ни го комплицира животот. Знам жени кои се во брак долги години и кои никогаш, ама никогаш не прднале пред сопругот. Знам жени кои станувале пред партнерот (намерно) за да можат да си приуштат малку шминка за да дотичниот не доживее стрес при будење.
Да, имаме гурелки, некогаш се лигавиме, стануваме со линии од перницата по лице. И не, не ни мириса здивот на планински воздух посабајлечки. Значи, правиме се’ што прават мажите. Некогаш и полошо изгледа тоа во wc шољата. И тоа е така, сакале да признаете или не. Престанете да си наметнувате нешто што ви е тешко за живеење. Не велам дека треба рафално да се испрдите во секој миг кога ќе ви дојде, ама престанете да се замарате до толку со функциите што ги има вашето тело.
Еден од знаците дека сте здрави е да имате гасови и да имате редовна столица. Колку поскоро се помирите и прифатите дека вашата партнерка не е совршена онака како што ја замислувате, толку поскоро ќе расчистите со разочарувањата и ќе можете да уживате во врската. И не, не јадеме само салати. Ждереме некогаш ко луди. Дали ПМС-от е виновен или не, не е важно. Не јадеме стално со вилушки и ножеви, сакаме и со раце. И да, пиеме и ракија. И сега што?! Излегуваме од рамките на вашата совршена женица која е вонземско битие и кое бара заштита од овој суров свет? Ако! Ќе се навикнете. Исто онака како што нам ни е нормално кога гледаме пред нас возило во кое дотичниот се поткрева странично, за веднаш потоа го отвори џамот на -7 степени. Прифатете не’ исто онака како што ние сме ве прифатиле и како што ве сакаме. Со сите мани, несовршености. Оти и во нашите бајки, принцот на бел коњ нема меше, не ждрига за да се затресе лустерот и не оди да кака за после да треба да се потрошат 20 литри вода за да “минули рад” отиде во канализација.
Жени сме...и убави сме со сите телесни функции. И ве сакаме надвор од нашиот филм за совршен маж. Оти се’ што е навидум совршено е полно фалинки. Да сте ми живи, здрави и прдливи.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Кога на жена ќе
почнеш годините да и’ ги броиш
Поарно фати џаде подалеку од неа
И пули си ја својата работа
А и неа остај ја своето да го тера
Не туку чепкај онаму
Кај шо и ѓаолот не се осмелува
Оти ако сакаш жена да изгубиш
За навек да те отсака
И да не те гледа појќе ко единствен на светот да
си
Само гледај ја под око и брчките број и’ ги
И задевај ја за белите влакна на глата
Та уште така наивно и невино кажи си
Дека младоста окото ти го задева
Ех, драги мој
Секојпат помлади и поубај ќе има
Во лицата мазни
И со гради кои не признаваат гравитација
Оти секојпат ќе има такви со коси раскошни
Без целулит и со кожа ко во млеко искапена
Со нозе од тука до вечноста
Секогаш ќе има поубај од онаа шо до тебе ќе биди
И еве, околу себе ги гледам и себе в огледало се
пулам
Убај жени пред време овенати
Кои трката со времето ја изгубиле
А на ликот им се гледа оти ко капка роса биле
Нежни и мазни
И ден-денес дами се
Со гордо држење и со питома женственост
Со мудрост која од очите им цути
И можеби градите свенати им се
И ко ќе се насмеат имаат мрежа кај очите
Се мачат со мигрени
И нозете им отекуваат од долго стоење
Ама тие таквите баш тебе те љубат
Да, иако и ти старееш заедно со нив
И можеби косата ти опаднала
А стомакот ти се опуштил
Да, токму тебе те љубат
Иако ни твоето лице веќе не е младо
И немаш мускулесто тело
Како оној онде од рекламите
Ама имаш среќа бе пиле
Имаш среќа што една таква жена
Те љуби баш тебе
Иако си згужван во вратот
И имаш старечки пеги на рацете
Токму таа во тебе го гледа она момче кое некогаш
си бил
И никојпат нема да ти признае дека и’
недостасува млад мажјак
Оти те љуби
Оти не сака да те повреди, ниту пак да те
навреди сака
Оти твоите години во нејзините очи не постојат
Оти таквата жена ќе гледа секогаш зад бројот
На свеќичките кои ги дуваш
Оти е дама, оти во душата е млада
И секојпат помлада ќе е од твојата
Непресушена глад и жед за непрежалена младост
Драги мој
На жена години не и’ се бројат
И остај ја брчките со гордост да си ги носи
Оти во секоја и тебе те носи
Твоите падови
Непроспиени ноќи болен ко си бил
Сите твои неуспеси
И долгите славења за успесите
Секоја нејзина бразда на лицето е и твоја
И затоа почит да имаш
И ко ќе заспие со милост лицето да и’ го галиш
На таа што со тебе била и во добро и во зло
На таа пиле воздишките по тебе да и’ ги броиш
И насмевките со кои те дарува во текот на денот
На таа
На таа да и’ се поклониш, на жената до тебе шо
стои
Шо те љуби
Што секогаш ќе те сака појќе од младоста која ти
ја дала