„Игра рокенрол цела Југославија“ во нова верзија, под маски: Енергичен концерт на „Електрични оргазам“

Добивај вести на Viber

Носталгија по едно убаво старо рокенрол време, но и почитување на новото време, во кое се навикнуваме на нови правила и протоколи, е кус опис на концертот на „Електрични оргазам“ кој се одржа на стадионот на АРМ во Скопје.

Дисциплинирана и културна публика во пропишано ограничениот број дојде да ги види легендарните белградски рокери кои одбележаа една младост со „Bejbe, ti nisi tu“ и “Igra rokenrol cela Jugoslavija“. Песната која ни е прва асоцијација на Гиле и на бендот, а со неа се славеа сите југословенски спортски успеси  бендот има интересна историја. Таа песна воопштво не била во план да се сними, ниту да се занимава со било каков патриотизам. И бендот „Електрични оргазам“ е основан со план да трае само една вечер, како предгрупа.

Четириесет години подоцна, истиот тој бенд енергично и свежо звучеше во Скопје, а фановите под маските кои ги носеа за заштита од коронавирусот, на цел глас го пееја истиот тој хит, што не е снимен за да биде хит. И не само тој.

Скопје сношти доби убав, опуштен настан. Тридневниот концертен маратон кој „Авалон“ продукција го организира на стадионот на АРМ, продолжува и вечерва со „SKOPJE CALLING MACEDONIA’S FINEST EDITION, со „Фолтин“, „Ласт експедишн“ и „Pluto’s Doubts“.

Утревечер е славеничкиот концерт на Бајага и „Инструктори“, 35 години на сцената.

(М.Џ.)

Фото: В. Тануровски