Имитација на животот

Добивај вести на Viber

Ја сакам технологијата, многу. Значително ми го измени животот и тоа на подобро, описменувајќи ме на еден сосем нов и поинаков начин. На времето кога немаше компјутери, паметам дека си ги пишував песните чукајќи на старата машина за пишување која уште стои во некој плакар. Ја паметам и нервозата кога ќе утнев некоја буква отпрво кинејќи ги листовите, а потоа шлакајќи коректор и поправајќи со црно пенкало. Сега, можам да шкрабам што ми се сака, да е живо и здраво копчето “delete” кое неспорно ми врши работа кога брзам да си ја стасам мислата. Рака на срце, се фаќам оти побрзо типкам на тастатура отколку што можам со пенкало да се снајдам, иако не е за фалење а башка и онака лошиот ракопис ми се доупропасти. Нејсе, колку и да ставам ЗА и ПРОТИВ, сепак без колебање мислам дека компјутерите ни овозможија полесен и полагоден живот. И не се само тие, има едно чудо работи без кои денес не би се снашле или би ни требало многу повеќе време за да ги направиме. Електрични миксери, соковници, оние “милион во едно” апарати со кои за пет минути можете да зготвите нешто, се врв за заштеда на време. А времето денес на сите ни е скапоцено, нели? Трчаме да заработиме за да овозможиме горе-долу лагоден живот или барем живот во кој ќе бидеме поштедени од непотребно потрошен труд.

Како низ магла ми се сеќавањата дека штом на телевизија ќе се појавеа некои вести за тоа дека е измислено нешто ново, постарите вртеа сомничаво со главите и си коментираа дека “ќе дојде време кога човекот ќе е заменет со машини”. Како дете од една понова генерација од онаа на нашите баби и дедовци, тогаш и не гледав што има лошо во тоа да му се олесни работата на човекот. Не е дека и до денешен ден не го мислам истото, ама некако како полека работите да излегуваат надвор од контрола. Пред некое време, муабетејќи со пријатели начнавме тема за тоа колку е се’ сменето. Меѓу другото, сите се пожаливме дека децата ни стануваат робови на паметни часовници или телефони, притоа губејќи го чувството за релност. Кога го говорам ова, не мислам само на тоа дека стануваат зависни од мобилните телефони, туку и дека не ги владеат основите. Ме шокираше фактот колку деца не знаат да кажат колку е часот на часовниците со стрелки, ме шокираше фактот дека немаат врска што е компас или како да запалат оган доколку немаат запалка со себе. Дали всушност модерната технологија прави од нас и од нашите деца неспособни суштества?

Не знам колкав е процентот на младите кои денес одат во извидници (штом се спомнат извидници, одма ми текнува на она злато од дете Петар со грашокот). Порано, беше незамисливо дружењето некаде да не биде со физичко присуство. Сега, има различни “соби” или групи во кои муабетат како ние на времето, ама немаат претстава со кого. Дружењата се се’ повеќе сведени онлајн, па дури и кога луѓето одат некаде на кафе, повеќето од времето зјапаат во мобилните. Нотификациите, лајковите, коментарите од непознати стануваат повредни и позначајни од разговорите со најблиските. И повторно ќе речам, не е дека сум противник на новото. Но, противник сум на она што се нарекува имитација на живот, наместо живот.

Вештачката интелигенција навлезе секаде. За некое време можеби и нема да се вреднува уметноста на начин на кој се вреднувала досега, оти со еден клик ќе можете да создадете фотографија, книга, цртеж, музика. Да, прва сум за да експериментираме во областа на уметноста, но не на начин со кој човекот ќе е целосно заменет. Кога зборував со ќерка ми за денешнава тема на нашиов понеделнички муабет, ми рече “знаеш дека веќе не се ангажираат сценаристи? Луѓето остануваат без работа затоа што има можност да се прават филмови по текстови кои се плод на вештачка интелигенција”.

И кога веќе стасавме до ова дереџе, мислите дека нема да оди ова лудило уште подалеку? Јас веќе не сум сигурна дека ќе запреме тука. Ми е страв да помислам што се’ може да ни истекне, оти човекот колку што е конструктивен, толку знае да биде и деструктивен. Ви текнува на филмот “Demolition man”? Кога излезе ми беше забавен и нешто недостижно, нереално. Сега баш и не ми толку смешно кога ќе се присетам на сцената во која главните глумци сакаа да имаат секс. Тој, замрзнат од некое дамнешно време во кое физичкиот допир беше императив на секој однос, таа од ново време во кое со гадливост се гледа на физички контакт.

Кој гарантира дека нема да доживееме да имаме љубов или секс преку стимулации на мозокот и со помош на машини?

Знам дека сум на работ меѓу старомодна и желна да видам што уште ќе ни донесе технологијата. Кога се работи за чувства, тогаш дефинитивно сум старомодна. Не сакам ниту да помислам дека со еден клик на копче ќе мислам оти сум на некоја песочна плажа и ќе гледам зајдисонце со идеалниот маж, водејќи љубов додека брановите не’ плискаат за да стиснам STOP, оти ми завршила машината за перење алишта. А можеби тогаш и ќе има некоја нова ујдурма околу перење алишта, кој би знаел со оглед на тоа како тргнале работите.

Сакам старомодна љубов. Нека не е на совршената плажа, со совршеното зајдисонце, со совршениот тајминг и со совршениот маж. Нека има и камчиња де, нека е облачно, тој нека е полн фалинки и терсене (ко мене), ама нека е реално. И убавото и лошото да бидат реалност, во која ќе уживаме или која ќе ја пегламе за да ги надминеме проблемите. Нека има караници, натегања, надмудрувања. Нека биде некогаш со толку бес и лутина за да не можеме со очи да се видиме, ама нека е вистинско...нека е дел од животот.

Некогаш си велам “блазе си им на новиве генерации, имаат цел свет на дофат на рака-копче”. Ама за ова баш и не им завидувам. Ич не им завидувам и на генерациите кои допрва ќе доаѓаат, а кои нема да ги дочекам оти имам некое претчувство дека нема да ми се бендисува нивното време. За нив, нашево битисување ќе е смешно исто толку колку што мојата визија за нивната иднина е страшна.

Не сакам да се будам во имагинарен свет во кој реалноста ќе е нереална. Не сакам да вкусам храна која ќе е без вкус, но заради напреднатата технологија ќе имам чувство дека го јадам најубавиот оброк. Не сакам да нарачам соништа, ниту дразби од кои ќе ми е убаво. Сакам да се помачам за да го имам убавото во и околу себе. Не е ова мазохистички, туку само знам дека по правило човек повеќе ужива во она кое ќе си го “заработи”, без оглед дали е успех на деловен или приватен план.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Си отвораме рани во душите

Со посветеност која е зачудувачка

Исто како на времето  деца дур бевме

Кога отворавме чоколадни бонбони

Внимателно исправувајќи ги светкавите фолии

За кои глумевме дека од злато или сребро се

Си отвораме рани во душите

Како во оние младешки години

Кога писма од љубените отворавме

Со мешавина од страв и страст

За да го пронајдеме копнежот

Скриен помеѓу две мастилави и замачкани букви

Си отвораме рани во душата

Како флаша скапо и пенливо вино

Кое ќе ги исполни кристалните чаши

Чиј ѕвон долго ќе одекнува после здравицата

Кажана во име на љубовта

Од која опиени ќе сме и пред да го испиеме

Си отвораме рани на душата

Како што мажот ги отвора вратите од автомобилот

Пред жената која сака да ја импресионира

Вдишувајќи го нејзиниот мирис

Задржувајќи го здивот длабоко и силно

За да ја запамети со сите сетила

Си отвораме рани на душата

Онака како што женката во една жена

Се отвора за во себе да го прими саканиот

Со сласт од која траги во постелата остава

Низ неколку воздишки искажани желби

И исцртани кругови на неговите плеќи

Ги отворивме раните

Едни со други се искасапивме

Со сјај во очите и насмев на усните

Како да правиме нешто што е забавно

Нешто што со љубов ни ги грее телата

Или со среќа ни ги пои умовите

Ете така

Како што некогаш сите убави нешта

Со полни гради ги живеевме

Така сега знаеме само рецки да си ставаме

И непреврзани да ги оставаме

И сол врз нив да тураме

За уште повеќе да боли и да пече

Дур во осама раните ни зјаат

Од кои болката е само тишина во која се давиме

Толку длабоко што спас нема

Ги отворивме...

Си ги отворивме раните

И од нив сите мечти ги исцедивме

Заедно со надежта

Заедно со иднината