Инспирација од минатото, визија за иднината - корпоративна мултимедијална изложба на Халкбанк
„Мариовска невеста", „Ангелот
од Курбиново“ детали од килим, исламските орнаменти и накитот од минатите
векови не се само историски остатоци, туку и живи извори на инспирација за
современите уметници кои твореа во рамки на проектот Трајни културни вредности
на Халкбанк АД Скопје. Нивните дела се дел од корпоративната мултимедијална
изложба, која ќе биде поставена во Археолошкиот музеј во Скопје. Оваа изложба е
вистинско патување низ времето, при кое културните вредности што преживеале со
векови сега наоѓаат свој израз во современото творештво.
Проектот „Трајни културни вредности“, втора година по ред, продолжува со истражување на помалку познатите аспекти од културното наследство на Македонија. Преку оваа активност креирани се над 30 дизајни, инспирирани од трајните културни вредности, засновани на богатата традиција, археолошкото наследство и уметноста. Одржливо и внимателно вметнати во бренд стратегијата, овие нови визуелни приказни отвораат свежи погледи и стимулираат врска помеѓу историјата и современоста.
„Креациите на овие уметници го пренесуваат духот на минатото преку нови медиуми, оживувајќи ги наследството и културата како сведоци на богатата историја и инспирација за следните генерации. Со нетрпение очекуваме да ги презентираме овие мултимедијални дела, кои со љубов се работат веќе две години“, вели Маја Наумовска Савеска од Халкбанк.
Мултимедијалната изложба ќе биде отворена за јавноста од 15 декември, претставувајќи го воскреснувањето на старите вредности преку современите изрази. Секој елемент од оваа изложба е прозорец кон минатото што нè потсетува на значењето на наследството и неговата вредност во современиот свет. Археолошкиот музеј ќе биде местото каде што ќе можеме заедно да го прославиме ова уникатно творештво што продолжува да ги вплетува своите нишки во современите уметнички изрази.
Изложбата ќе биде отворена до средината на јануари, 2024 година.
ПР објава