Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Охрид организира меѓународна научна конференција
Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје одбележува 75 години од неговото основање. Овој Институт е прва и најстара високообразовна институција за едукација на педагози, наставници и воспитувачи во нашата држава. Од него потекнале истакнати педагози, министри за образование, декани на факултети, директори на просветни институции, магистри и доктори на педагошки науки. За одбележување на овој значаен јубилеј, од 16 до 18 мај 2022 година во Охрид организираат меѓународна научна конференција со наслов „75 години Институт за педагогија – Воспитно-образовни предизвици и перспективи”.
Конференцијата e под покровителство на Претседателот на државата проф. д-р Стево Пендаровски. Целта на конференцијата е афирмација и промоција на нашата дејност пред пошироката академска јавност, како и создавање можност за продлабочена соработка со универзитетски професори, образовни експерти, истражувачи, едукатори, практичари и студенти од различни земји.
„По периодот на изолација поради пандемијата, очекуваме на конференцијата да се направи ретроспектива на последните случувања во воспитнообразовната политика, теорија и практика, да се дискутира за актуелните прашања од сите области на воспитанието и образованието, да се промовираат нови педагошки концепти и идеи и да се споделат резултати од најнови истражувања и иновации“, се вели во поканата.