Интервју Анастасија Самичева: ВЉУБЕНА ВО РАЧНАТА ИЗРАБОТКА
Креативни и оригинални handmade модни асесоари!
За рачната изработка , отсекогаш сум имала голема почит, и посебен интерес. Ме воодушевува севкупниот вложен труд и пасија во создавањето на едно ново нешто , чанта, модно парче или рачно насликана чаша.
Денес, зборуваме со Анастасија Самичева, млада дама чија пасија е рачната изработка на чанти и други асесоари, а воедно е и основач на својот бренд OLAS Bags, кој ни нуди разноразни оригинални рачни изработки.
Женски Магазин- Креативни hand-made модни аксесоари кои издвојуваат по својата изработка, креативност и едноставност. Кога се роди желбата за изработка на модните аксесоари?
Анастасија -Кога во 2014 година дојдов во Македонија кај мојот сопруг, имав толку многу слободно време, а ниту една идеа што со него да правам затоа што се соочив со нова култура, јазик, традиција и нови пријатели. Со други зборови - сосема нов живот. Како што минуваше времето, решив да се посветам на моето хоби (дизајнирањето, шиењето.) со цел да си го исполнам слободното време.
Приказната за OLAS започна во 2015 година со првата ташна која беше изработена како роденденски поклон за мојот сопруг. Тоа не беше нешто сериозно, туку само сакав да направам нешто убаво од срце.
Сопругот задоволен од тој поклон и од искуството кое го имав, ми понуди да започнам изработка на ташни по нарачка. По кратко размислување и со негова помош, јас почнав со изработка. Првите нарачки ми стигнаа од моите другарки, кои знаеја за мојата љубов кон шиењето и рачната изработка, кои од многу одамна ги следат моите креации на социјалните мрежи како што се Facebook, Instagram и VK (руски Фејсбук) каде имам постирано слики од моите дела кои ги правев само за себе. А сега, љубовта кон рачната изработка успешно ја споделувам со сите, благодарение на нивните нарачки кои од ден на ден се повеќе се зголемуваат.
Женски Магазин- Создавањето на едно модно парче бара посветеност и искуство во модниот дизајн. Како и каде го надоградувате вашето знаење во поглед на модата?
Анастасија -Уште многу одамна ja следам модата по разните модни списанија, веб портали, Pinterest и Instagram.
Постојано сум во барање на нови идеи, комбинации и форми. Мобилен преполн од слики и цртежи. Но, најглавниот извор на мојата инспирација сепак е улицата и актуелните модни парчиња кои можеш да ги видиш околу себе.
Бидејќи секој човек е уникатен и со посебно изграден стил, ми останува само да ги пратам луѓето како ја комбинираат својата облека, боите и разните модни додатоци и од тоа да го извлечам најдоброто.
Исто така за моето надоградување големо влијание имаат и моите два идоли Викториа Бекам и Мирослава Дума, кои освен модните достигнувања и двете се успешни мајки и жени. Искрено, многу ми се допаѓа таквата комбинација!
Исто така ги пратам и модните случувања во Русија. Таму моментално многу популарни се малите „showroom“ бизниси со сопствена конфекција за производство на облека и аксесоари. Ги следам за да можам да бидам во чекор со руска мода затоа што рускиот минимализам и практичност многу ми се допаѓа.
Женски Магазин- На што највеќе обрнувате внимание при создавањето на Вашиот продукт?
Анастасија -Јас секогаш морам да одам напред, па затоа многу често се прашувам себе си: што им недостига на моите ташни? Таквото прашање ми помага да размислувам исто како клиентот, затоа што сум жена и знам што треба да биде во женската ташна. Затоа во секоја голема и средна ташна правам и мала ташничка за шминка или други додатоци кои и се потребни на една жена, и посебни џебови за клучеви, пенкала, мобилен… таквите ситни работи ја прават целосна мојата креација.
Женски Магазин- Со какви материјали главно работите?
Анастасија- Сите модели ги правам од еко кожа. Тоа е вештачки материјал, 100% веган производ. Тоа значи дека со користењето на овие материјали не се повредуваат животните за да се произведат и тоа многу ми се допаѓа.
Исто така, користам материјали од 100% памук или вискоза за внатрешна постава на моите ташни. Овие материјали се најдобри за изработка но и за одржување.
Многу внимателно ги одбирам додатоците и материјалите за ташните со цел да бидат што поквалитетни и поубави.
Женски Магазин -По што се издвојуваат OLAS BAGS најмногу?
Анастасија -Многу ми се допаѓа минимализмот, сакам кога се е јасно и едноставно. Исто така и со моите ташни. Едноставни форми и бои, минималистички додатоци. . затоа ташните OLAS толку лесно се вклопуваат со која било гардероба, не го нарушуваат стајлингот и одговараат на сите стилови.
Сепак најглавна контрастна црта е возможноста на моите купувачи да учествуваат во креирањето на нивната ташна. Јас се трудам нивните идеи да ги претворам во стварност, односно да ја добијат нивната идеална ташна. Димензии, должина на рачки, џебови и останати додатоци, оригинална постава - сето ова е уникатно и се создава според желбите на нарачателот.
Женски Магазин- Што најмногу Ве мотивира при бавењето со една ваква дејност?
Анастасија- Најголемата мотивација ја добивам од конечниот резултат при изработката на нови ташни и од позитивните реакции на девојките кога ги добиваат своите нарачки, бесценето искуство и свест за сопствените способности.
Сето ова ми дава енергија и желба да го подигнувам нивото на своите можности еден чекор повисоко. Прекрасно чувство!
Женски Магазин Со какви предизвици се соочувате најчесто во поглед на модата?
Анастасија- Прв пат кога започнав ми беше мошне тешко да се вклопам во балканската култура со кич и максимализам. Духот на строг минимализам кој живее во мене се обидува да избриши се што ми е чудно и несфатливо. Но, сега разбирам дека тоа не е проблем-тоа е можност да погледнам на модниот свет под апсолутно друг агол. Да влезам во сосема поинаква средина и да прифатам друга визија на светот. Со други зборови тотално рестартирање.
Женски Магазин -Од каде ја црпите вашата инспирација?
Анастасија- Мојата инспирација доаѓа од моето опкружување. Од интересните комбинации на боите на природата, архитектура, од интернет порталите за мода или во продавниците. Голем љубител сум на модата и се што е околу неа. Гледам Fashion Tv, емисии за разни модни куќи и нивните брендови и секако Pinterest … но сепак најголемата инспирација ми се задоволните клиенти или кога ќе видам или слушнам дека на луѓето им се допаѓа тоа што го создавам. Тоа многу ми е важно.
Женски Магазин- Каде можат да Ве најдат нашите читателки?
Анастасија -Во 2016 година јас отворив онлајн продавница olasbags.etsy.com. Најголем дел од нарачките кои ги добивам потекнуваат од ова страна. Нарачки имам од цел свет, а најмногу од Америка и Европа.
Исто така имам Инстаграм (https://www.instagram.com/olas_bags/) и Фејсбук (https://www.facebook.com/olas.handmade) кои ги користам како интернет-излог каде споделувам слики со работни моменти од изработката на ташните и на крајот како изгледаат како готови модели со сите детали.
Во секој случај брзо и детално одговарам на сите пораки и прашања околу сите модели на ташни кои ги изработувам.
Што би им препорачале на нашите читателки во поглед на модата и модните аксесоари?
Анастасија- Најбитно правило е да бидете свои и да го следите својот стил. Доволно е да имате добра гардероба со основни парчиња на облека којашто одговара на вашиот стил и начин на живот, и да ја дополнувате со сезонски модни додатоци и аксесоари.
Ако понекогаш ви е тешко да се вклопите во урбаната мода - изберете класичен стил. Класиката никогаш не излегува од мода.
За Женски Магазин
Нина Беадер- Моден колумнист и lifestyle блогер
Инстаграм: @beadernina