ИНТЕРВЈУ ЃУНСОЈ: „Аџибадем Систина“ има значајна улога во борбата со пандемијата во Македонија

Добивај вести на Viber

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е единствена болница во земјава во која се изведуваат три типа тестови за коронавирус, вели во интервју за Фактор, Ѓун Ѓунсој, главниот извршен директор на болницата. „Аџибадем Систина“ прва почна да прави серолошки тестови за присуство на антитела на вирусот, исти какви што сега се прават низ светот како дел од масовниот скрининг на населението. Ѓунсој вели дека болницата со тестовите се обидела да придонесе кон јавното здравје во специфични услови, но не и да профитира од тоа. Зад „Аџибадем Систина“ стои втората најголема групација болници во светот (IHH), а болницата во земјава е акредитирана по највисоките светски стандарди, дел од клучните факти на кои Ѓунсој ја базира довербата на пациентите. Тој е смирен и ослободен од притисокот на предизвиците кои не се здравствени. Вели дека болницата и во пандемијата функционирала одлично, со полн капацитет и со безбедносни протоколи кои ја одвојуваат од болниците во земјава и во регионот. Открива дека 19 отсто од тестираните пациенти на антитела биле позитивни што според него укажува на потребата на масовно тестирање на населението, процес кој е во тек во повеќе земји во светот. Во интервјто зборува и за идните инвестиции, а во „Аџибадем Систина“, планирано е да се отвори најголемиот педијатриски центар во регионот.

Ѓунсој: Зад Клиничката болница „Аџибадем Систина“ стојат втората најголема групација на болници во светот (IHH) и најголемата групација на болници во Југоисточна Европа ,,Аџибадем“ и сите чекори кои ги презема нашата болница се усогласени со одлуките и мерките за заштита кои ги презема здравствениот гигант „Аџибадем“. Она што можам да кажам е дека ние како „Аџибадем Систина“ буквално го пресретнавме вирусот и во нашата болница беа преземани мерки за безбедност и  заштита на пациентите, вработените и посетителите уште пред првиот дијагностициран случај на коронавирус во земјава. Во насока на  превенција, заштита и безбедност на пациентите, се спроведува посебен протокол на движење при посета на болницата. Сите лица што влегуваат се обврзани да ја поминат контролата на влез, која вклучува проверка на телесна температура и задолжително носење заштита опрема, а посетите во болницата се ограничени на само еден посетител во дадено време, со цел придржување кон препорачаната социјална дистанца. Секој пациент пред да биде хоспитализиран на некој од одделите во „Аџибадем Систина“ задолжително се тестира за присуство на Ковид-19, така што ризикот од ширење на инфекцијата е сведен на минимум. Итни случаи кои треба да се оперираат се тестираат со новиот брз молекуларен тест, со кој резултатите се добиваат за помалку од 60 минути. Како болница во целост ги почитуваме препораките на Светската здравствена организација (СЗО) и ќе се придржуваме кон воведените протоколи и препораки од здравствените власти сè додека трае пандемијата. Секоја држава има различен пристап, но сметам дека пристапот кон кој се придржува и Македонија, а кој го спроведуваат речиси сите држави во светот во борбата со коронавирусот, е соодветен и дава резултати.


На ниво на групација, односно „Аџибадем“, како се исправивте пред овој предизвик и сметате ли дека успешно одговоривте? Кои беа клучните проблеми?

Ѓунсој: Сите болници од здравствената групација „Аџибадем“ во целост ги имплементираат препораките на Светската здравствена организација (СЗО). Заштитата и безбедноста на пациентите и вработените во болниците на „Аџибадем“ е на максимално ниво, ги подигнавме мерките за превенција и заштита од коронавирусот на највисоко ниво, следејќи ги препораките на Министерството за здравство на Турција. Најголемиот предизвик можеби беше да се одговори експресно брзо на промените кои ги „диктираше“ Ковид-19, со кои, како и со многу други предизвици, „Аџибадем“ успешно се справува. Сите здравствени установи „Аџибадем“  работат со полн капацитет и грижата за здравјето на нашите пациенти останува наш врвен приоритет.

Како оваа криза влијаеше на работата на „Аџибадем Систина“, во однос на организацијата, бројот на пациенти, финансиските показатели и стратегијата за раст?

Ѓунсој: Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во моментот работи со полн капацитет на сите оддели. Работното време на болницата е усогласено со стартот на полицискиот час во државата, додека Ургентниот центар за возрасни и деца работи 24 часа секој ден во неделата. Од самиот почеток ги спроведуваме сите мерки и безбедносни протоколи за комплетна заштита од коронавирусот, како на вработените така и на пациентите и посетителите на болницата. Сакам да потенцирам дека сите услуги и интервенции кои се извршуваат во нашата болница се изведуваат под посебни безбедносни протоколи и дека сите посетители се максимално заштитени. Неминовно е влијанието на коронавирусот во однос на организирањето на функционирање на болницата, а тоа значеше воведување посебни протоколи за движење, задолжително тестирање на секој пациент пред да биде хоспитализиран. Во однос на хируршки зафати, приоритетот беше ставен на итните случаи. За жал, корона-здравствената криза влијаеше и на стратегијата за проширување на капацитетите на нашата болница, поради Ковид-19 и пред сè безбедноста на нашите пациенти моравме да го пролонгираме отворањето на новиот педијатриски центар.


Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во Македонија се најде во центарот на вниманието околу тестовите за Ковид -19. Во болницата се прават три вида тестови (серолошки, молекуларни и брзи молекуларни). За какви тестови станува збор? Со кој квалитет се и како вие гарантирате за нив?

Ѓунсој: Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е единствената болница во земјата со лабораторија која врши три вида тестови за Ковид-19 – серолошкиот Ковид-19 IgG/IgM рапид тест, за кој резултатите се добиваат за 15 минути, молекуларниот PCR - SARS-CoV-2 тест, за кој резултатите се добиваат за 6 часа, и најновиот брз молекуларен PRC-тест за присуство на коронавирус, за кој времето потребно за изработка на резултатите е до 60 минути. Станува збор за ургентен PCR-молекуларен тест наменет за брзо дијагностицирање кај ургентни состојби и пациенти во болницата. Системот е патентиран и докажан златен стандард. Затворен систем кој автоматизира и интегрира подготовка на примерокот, амплификација на нуклеинските киселини и откривање на целната секвенца во примерокот или комплексот на примероци, користејќи real-time полимераза верижна реакција (PCR).

Во молекуларна дијагностика при КБАС се изведува и регуларен RT- PCR  тест за детекција на корона SARS CoV-2 со време на изработка на примероците истиот ден до 20:00 часот. Методологијата и сензитивноста за двата типа молекуларни тестови е идентична. Двата се молекуларни PCR-процеси (во отворен или затворен систем) кои во реално време ни овозможуваат детекција на специфичен таргет - целен ген од SARS-CoV-2 вирусот.

Серолошките Covid-19 IgG/IgM рапид тест се врши преку примерок од крв за детекција на антитела IgG/IgM како резултат на претходен контакт со вирусот SARS-Cov-2. Овие тестови се набавени од компанијата „Систина фармација“ преку холандска компанија со која имаат ексклузивен договор за соработка, а таа компанија е ексклузивен дистрибутер на тестовите Biozek произведени од Inzek International Trading B.V, компанија која е исто така од Холандија. Оваа набавка на болницата, целосно правно регулирана и потврдена, беше базирана на нашите информации дека овие тестови за производство и употреба се одобрени од холандското Министерство за здравство, а КБ „Аџибадем Систина“ има и директна потврда дека конкретниот бренд на тестови има добиено потврда за професионална употреба и активно се користи во ЕУ, Велика Британија, Русија, Америка и во други земји кои важат за земји со исклучително ограничувачки и претпазливи регулативи во здравствениот систем. Конкретно, во Велика Британија се набавени и се во употреба 250.000 тестови Biozek, а повеќе од 5 милиони тестови од овој бренд се дистрибуирани и се користат во повеќе земји низ целиот свет. Овој бренд на тестови во CIBG (Министерството за здравство на Холандија) е регистриран под бројот 000010557911,под името Inzek international trading, а во нашата земја во Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) овој бренд на тестови е одобрен и има добиено решение за запишување во регистарот на медицински средства со број 14-3559/2.

Целото интервју со главниот извршен директор на „Аџибадем Систина“ Ѓун Ѓунсој прочитајте го на Фактор.мк