Не ни беше кажано за крварењето на мозокот, иако секој ден се јавувавме да прашаме за нејзината состојба: Мајката Маја Ристовска за борбата на своето предвремено родено бебе

Маја Ристовска е 24-годишна невработена мајка од Скопје, која за Женски Магазин ја сподели емотивната приказна за борбата на нејзината предвремено родена ќерка.

Имено иако навидум сè изгледало во ред и имала многу лесна бременост што би се рекло „како по книга“, на рутински преглед кај нејзиниот матичен гинеколог ѝ било соопштено дека повеќе нема плодова вода и дека веднаш треба да се упати кон ГАК, каде три дена лежела на одделот за патолошка бременост и веќе во 30-та недела била породена со итен царски рез.

- Петра се роди со тивок плачлив глас, беше многу малечка, ми ја доближија да ја бакнам и ми кажаа дека сè е во ред и дека мора да ја носат во инкубатор. Тешка беше само 1.180 грама и долга 39 сантиметри - се сеќава Маја.

Новородената Петра останала во болница цели 57 дена, а дозволена им била посета само во вторник и четврток и тоа по само десет минути. Во тие моменти се чувствувале беспомошно, и под преголем стрес поради кој Маја не успела да одржи ниту лактација за да ја дои малечката Петра штом се врати дома.

- При престојот во болница се избори со инфекција која долго време ја лекуваа односно имаше сепса, другото сè беше како што треба освен една работа која не ни беше кажана нас како родители - крварењето во мозокот кое прераснало во хидроцефалус. Со сопругот сами го читавме отпусното писмо и од таму баравме одговори, а потоа се упативме кај педијатарот доктор Лилјана Којич која не прими и секој дел од отпусното писмо ни го објасни и ни посочи што поскоро да направиме ехо на мозок. Сакам да ѝ се заблагодарам на докторката која виде дека нешто се случувало и со тоа го спаси животот на моето бебе. Вечно ќе ѝ бидам благодарна.

Петра конечно дома, но новата компликација доаѓа по само три недели поради состојба за која не биле воопшто известени

- Кога си ја земавме Петра дома чувствував само исполнетост и среќа, благодарна бев на Бога што ги послуша сите мои молитви, си реков само „Фала ти Господе сега можам да се препуштам и да уживам конечно во мајчинството“. Но после три недели на преглед на мозочето на Петра кај доктор Палчевска во „Аџибадем Систина“ ѝ беше откриен хидроцефалус кој настанува поради крварење во мозокот, односно ширење на коморите и полнење на мозокот со вода. Сакам да потенцирам дека за оваа состојба на Петра односно за крварењето кое го имала при престојот на ГАК не ни беше кажано ништо, како што објаснив и погоре одговорите сами си ги баравме и читавме од отпусното писмо, иако се јавувавме секој ден да прашаме за нејзината состојба.

На 24-ти јануари Петра има операција за вметнување на шант од мозочето до мочниот меур за да ја исфрла таа вода преку мокрење

- Повторно се вративме во болница, овој пат заедно и повторно антибиотици, боцкања и уште една трансфузија на крв, испраќање до операциона сала, чекање дали сè ќе биде во ред. Тоа беше премногу стресен период за мене како мајка затоа што бев присутна цело време во сè што се случуваше, иако моето бебе можеби немаше да доживее ништо од ова - вели Маја.

Најважно е што Петра сега е здраво бебе кое напредува супер

- Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на целата Клиника за неврохирургија и на докторот Благој Шунтов кој на Петра ѝ пружи максимална посветеност и стручност при престојот на неврохирургија и контролите кои ги правевме после операцијата.

Ова е второ дете за Маја, која со првата ќерка Илина имала сосема нормала бременост и одела на работа до деветти месец, а се породила во 41-ва недела.

Иако како скоро секое детенце Илина сега покажува знаци на љубомора кон помалата сестра, уште додека Петра била во болница, таа ги бакнувала нејзините фотографии и почнала да ја вика „даде“.

Секако во целата оваа тешка битка со среќен крај, Маја не е сама, но го има својот животен сопатник Илија, со кого вели дека немаат поделба на „машки“ и „женски“ работи, но ѝ помага во сè.

Маја својата животна приказна ја споделува и на нејзиниот профил на Инстаграм каде често ги мотивира родителите со фотографии од нивното секојдневие и им посочува да не губат надеж и да веруваат во силата на овие предвременородени борци.

Вели дека е неописливо чувството дека е мајка на две ќерки, и дека ќе ги научи да се борат за себе во овој „машки свет“.

- Би ги научила никогаш да не се потценуваат, секогаш да бидат горди на себе и на тоа што ќе го работат и секогаш гласно да го кажуваат своето мислење макар било и погрешно.


*Д. Караташова Илиоска