„Посебна желба ми е да направам дует со Калиопи“: Интервју со Марија Спасовска

Добивај вести на Viber

Надежната и перспективна млада пејачка од новата генерација, Марија Спасовска неуморно работи на градење на нејзината музичка кариера.

Неодамна настапи по втор пат на реномираниот фестивал „Макфест“ каде што ја изведе нејзината песна „Страв“, чија музика и текст се лично нејзини. Сигурна и самоуверена ги освои симпатиите на публиката, но во истовреме покажа зрелост.

Марија е прва година на студии во Солун, па оваа можност ја искористи и за спот на нејзината нова песна. Дел од кадрите во спотот снимени се токму во преубавиот и сончев приморски град, а дел во нејзиното родно Скопје.

Летото зад нас беше актуелна со неколку музички нумери, но и со фотографии на нејзиниот Инстаграм профил од дестинации каде што уживаше. Обожува да патува, посебно кога открива нови места и кога истражува, а не сака монотони патувања.

Во продолжение од близу со Марија Спасовска …

ЖМ: Кое беше твоето последно патување и како го доживеа?

- Последно патував во Италија, во повеќе градови. Посетив прекрасни плажи на брегот Амалфи, како и Чинкве Тере, јадев најубава храна и секако да го издвојам доживувањето од Рим кој секогаш воодушевува со неговата историја и убавина.

ЖМ: Кога би можела да бираш, за летување би одбрала повеќе плажа и море или планина?

- Секогаш плажа и море. Сакам и планина, но исклучиво кога е време за скијање, во зима.

ЖМ: Без кои пет работи не тргнуваш на патување?

- Секако телефон, некоја неопходна козметика и шминка, пегла за коса и барем три пара очила за сонце.

View this post on Instagram

A post shared by Marija Spasovska (@marija.spasovska)

ЖМ: Топ 5 омилени артисти во моментов, кои се на твојата плејлиста?

- ДНК со години ми се број еден на секоја плејлиста, а од останатите артисти би ги издвоила Maluma, The Weeknd, Karol G и Konstantinos Argiros.

ЖМ: Песна која во моментов не ти излегува од глава?

- Не ми излегуваат од глава тие песни што последно ги имам направено, а сè уште не се објавени. Секогаш сум преокупирана со тоа што во тој момент го работам. Наскоро ќе слушнете дел од нив.

ЖМ: Освен музиката, што те исполнува и те прави среќна?

- Семејството и најблиските, спортот и голема чаша кафе.

ЖМ: Што кај себе сметаш за најголема маана, а што сметаш за доблест?

- Маана ми е тоа што некогаш пребрзо реагирам на одредена ситуација, но со текот на времето научив да се контролирам повеќе. За доблест би ја издвоила искреноста.

ЖМ: Дали веруваш во верно пријателство, и како треба да изгледа тоа според тебе?

- Секако дека верувам, затоа што имам такви пријателства, но се во мал број. Тие се темелат на доверба, почит и искреност.

ЖМ: Имаш двајца браќа, колку тие се заштитнички настроени кон тебе?

- Тие се оние коишто секогаш се искрени кон мене и ми ја кажуваат вистината за што било, каква и да е. Покрај родителите, браќата ми се најголема поддршка за сè.

ЖМ: Најдобриот совет од твоите родители?

- Да бидам своја, чесна и да не се откажувам од своите цели.

ЖМ: Од кого ги добиваш најдобронамерните критики за твојата музика?

- Од мајка ми, таа ми е најискрен критичар дефинитивно, иако не секогаш се согласуваме. Сепак на крај таа скоро секогаш е во право.

ЖМ: Што сакаш да правиш во слободно време?

- Свирам на пијано и компонирам кога имам инспирација, а сакам и да вежбам, да тренирам.

ЖМ: Песните кои досега ги имаш отепано се со твој потпис, се потпишуваш како автор. Што најчесто е твоја инспирација за пишување текстови?

- Буквално сè околу мене, сè што се случува, сè што ми се случува.

ЖМ: Концерт на која музичка ѕвезда на кој си била никогаш нема да го заборавиш?

- Helena Paparizou дефинитивно. Таа е една од моите омилени пејачки. Иако бев премногу болна на нејзиниот концерт, си поминав најубаво.

ЖМ: Концерт на кој би сакала да одиш?

- Би сакала да одам на The Weeknd, тој прави спектакли.

View this post on Instagram

A post shared by Marija Spasovska (@marija.spasovska)

ЖМ: Со кои изведувачи од македонската естрада би сакала да направиш дует?

- Со многумина би направила, а посебна желба ми е Калиопи.

ЖМ: Бидејќи си јавна личност, колку внимаваш на твојот изглед? Пример во каква облека ќе излезеш од дома до најблискиот маркет?

- Внимавам на изгледот кога сакам и имам потреба за тоа. За излегување до маркет или за кој било обичен дел од моето секојдневие, навистина не обрнувам премногу внимание. Не може, а и не мора секогаш да се изгледа совршено.

ЖМ: Во каква облека се чувствуваш своја? Кое ти е омилено парче облека?

- Карго пантолони и некоја маица, тие лесни комбинации ми се најудобни. Но испробувам најразлични стилови.

ЖМ: Преферираш повеќе високи потпетици или патики?

- Патики.

Габриела Додевска Глигоровска