Интервју со проф. Д-р Андреј Петров, специјалист по дерматовенерологија: Фактори на ризик за појава на ракот на кожата имаат лицата со светол тен, сини или зелени очи, со црвена или светлосина коса

Добивај вести на Viber

Сите уживаме во убавото време и сонцето, но понекогаш не сме свесни дека „печењето“ на плажа под силното сонце и големото УВ зрачење може да биде штетно по здравјето.

Посебно за оние луѓе кои се склони на кожа со повеќе бемки, за кои потребно е редовно да посетуваат дерматолог.

Инциденцата за заболени од меланомот или рак на кожата според податоците на Институтот за јавно здравје во нашата земја е 6/100000 жители, а склоноста кон овој вид на рак се препишува најчесто на белата раса, посебно кај лицата со светол тен, со сини или зелени очи, со црвена или светлосина коса. Најчестата појава е кај лица кои имале болен од кожен карцином во потесното семејство.

Кои се причините за појава на меланомот, симптоми, заштита, самопреглед се дел од темите на кои разговараме до проф. Д-р Андреј Петров, специјалист по дерматовенерологија во Аџибадем Систина.

ЖМ: Појавата на меланом е во подем. Изминатите години сведоци сме на одржување кампањи со кои би се делувало за подигнување на свеста кај луѓето за негово рано откривање, но и превенцијата. Кои се првите симптоми на меланом, како може да се открие?

- Да, навистина меланомот е болест која на светските статистики е во подем. Меланомот е опасна болест. Но, има една предност што најчесто се јавува на кожа, а кожата ни е достапна за преглед и самопреглед, не мора да правиме ендоскопско иследување како на пример за желудникот. Првите симптоми не се ниту болка ниту чешање, туку промена на изгледот на некоја пигментна промена или пак појава на нова.

ЖМ: Што е всушност меланомот и кои се најчестите фактори кои го предизвикуваат?

- Меланом е најсериозниот рак на кожата кој потекнува од пигментните клетки на кожата, таканаречени меланоцити. Тие се одговорни за давањето на пигментот на нашата кожа. Кожата пак е најголемиот орган на човечкото тело и е заштитна бариера на нашиот организам, а тука меланоцитите имаат своја важна функција. Се смета дека за карциногенезата главно значење имаат генетските фактори и влијанието на ултравиолетовото зрачење.

ЖМ: Кој е ризик факторот за појава на меланом?

- Точната причина за појава на ракот на кожата не е позната, но се докажани некои фактори на ризик, кои ја зголемуваат можноста за појава на ова малигно заболување. Ракот на кожата почесто се јавува кај белата раса, посебно кај лица со светол тен (светла кожа со бенки), со сини или зелени очи, со црвена или светлосина коса. Ракот на кожата, почесто се јавува кај лица кои имале во своето блиско семејство болен од кожен карцином (двајца блиски членови). Наследувањето е автономно доминантно. Направено е испитување во кое биле изолирани гени кои се во асоцијација со појавата на фамилијарен меланом.

ЖМ: Летниот период е обично добата во која најчесто се подига прашањето за појава и заштита од меланом. Какво е влијанието на сонцето како најголем непријател на оваа болест?

- Сонцето влијае штетно на кожата. УВ зраци ја оштетуваат ДНК на клетките на кожата. Ракот на кожата може да започне кога оваа промена влијае на ДНК на гените, кои го контролираат растот на клетките на кожата и почнува неконтролирана делба. Ултравиолетовите зраци (УВ) според нивната бранова должина може да се поделат во три групи: УВ-А (320-400 nm), УВ-Б (290-320 nm) и УВ-Ц (200-290 nm).

УВ-Ц зраците ефикасно се филтрираат од атмосферскиот озон, па според тоа немаат влијание на настанувањето на кожниот рак, додека пак УВ-Б зраците само делумно се филтрираат и можат да предизвикаат изгореници, хронични кожни оштетувања и кожен карцином. Со оштетување на озонската обвивка и изложеноста на овие зраци е уште поголема.

УВ – А зраците се користат и во солариумите за потемнување на кожата и тие предизвикуваат дополнителни оштетувања, покрај оние предизвикани со УВ-Б зраците. Освен изложувањето на сонце, кое е сè поштетно поради озонските дупки, како фактор на ризик за настанување на кожниот карцином, а кај некој и најважен фактор е сончањето во солариум. Научниците од цел свет укажуваат дека дозата на УВ зрачење во солариумот е до 10 пати поголема отколку од Сонцето. Ако при тоа се додаде дека кај нас, ниту лампите не се менуваат по пропис, ниту се користат специјални заштитни очила за солариум (ретко кога ги има во козметичките салони), последиците од зрачењето сè уште поголеми.

ЖМ: Постои ли заштита и кои се вашите препораки?

- Постои таканаречена примарна превенција која се состои во следните работи:

  • Избегнување на изложување на сонце, посебно во период од 10 часот наутро до 4 часот попладн;
  • Нанесување заштитни креми за сонце, најмалку со фактор SPF-30 или поголем, кој штити од УВА и УВБ зраците, на сите површини на кожата, кои се изложени на сончевите зраци;
  • Нанесување заштитен крем на секои два часа, дури и во облачните денови;
  • Носите облека која го покрива телото, како и капи кои го штитат лицето. Шеширите треба да го засенуваат и лицето и задниот дел од вратот. Носењето на заштитни очила за сонце ќе ја намалат количината на зраците кои доаѓаат до окото, филтрирајќи дури и до 80% од зраците, со што се штитат и очите, посебно очната леќа;
  • Децата се осетливи на сончевите зраци и често кај нив може да дојде до изгореници заради прекумерно изложување на сонце. Затоа, децата треба да се заштитат со тоа што нема да се изложуваат на сонце во период кога е тоа најјако, односно од 10 часот наутро до 4 часот попладне. Не користите заштитни креми за сонце кај деца помали од 6 месеци, а ќе се заштитат на тој начин што ќе го ограничите нивното изложување на сонце;

Додека секундарна превенција се состои во прегледи на кожата. Таа се фокусира на рано откривање на меланом. Ова вклучува и месечни прегледи и годишни прегледи на кожата од страна на дерматолог. Редовен дермоскопски / еднаш годишно/ преглед на кожата за да се откријат некои сомнителни израстоци или промени на постоечките лезии на кожата е многу важен.

ЖМ: Како може да се постигне ефикасна заштита од сонце?

- Задолжително треба да се користат креми за заштита од сонце со висок фактор, независно дали се со хемиски и физички филтри. Сосема доволно е секојдневно да се употребува и фактор 30.

ЖМ: Каква е состојбата во нашата земја, колку оваа болест е честа и помеѓу која популација (помладата или повозрасната)?

- Во Македонија се смета дека инциденцата е 6/100000 жители спрема податоците на националниот Институт за јавно здравје. Води Австралија и Нов Зеланд со 50-100 на 100000 жители, а во Европа Скандинавија со 12-35/100000. Се смета дека болеста во 90 проценти се јавува после 40 годишна возраст. Она што во светски рамки е евидентно дека инциденцата расте за 2.6 проценти годишно, но она што е добро е што тоа се должи на откривање на меланоми во рани стадиуми што е многу важно за излекување на болеста. Кај нас во Аџибадем Систина, исто така може да кажам дека имаме повеќе случаи во последно време на ин ситу меланом, на откривање на болеста во нулти стадиум што е еднакво на 100 процентно преживување.

ЖМ: Во мај месец како месец на меланомот, беа организирани бесплатни прегледи, што покажа резултатите. Каква е состојбата кај нас?

- Секоја година во Македонија се спроведува примарен скрининг за меланом меѓу населението преку работни групи од дерматолози на секундарно и терцијарно здравствено ниво. Овој скрининг е во склоп на EUROMELANOMА, Европска програма за рана детекција и превенција на кожните карциноми. Во нашата болница-Аџибадем Систина, ние традиционално веќе десет години спроведуваме во тек на една сабота во месец мај бесплатни дермоскопски прегледи. Оваа година 200 пациенти ја искористија таа можност.

ЖМ: Дали луѓето кои се склони на појава на бемки, треба да имаат чести посети на дерматолог?

- Да, секако. Поголемиот број на бемки или ние стручно го велиме – синдром на повеќе бемки е индикација за посебно внимание кон промените на кожата и редовни контроли на дерматолог, на кои задолжително треба да се прави дермоскопија и мапирање на бемки.

ЖМ: Како може да се разликува меланом од бемка?

- Секоја промена на кожата која не сме ја имале или пак менување на постоечка дамка или бемка треба да биде доволен аларм да се отиде на преглед кај дерматолог. Кожата има предност пред останатите органи, а тоа е што може да ја видиме со голо око. Може да ја забележиме секоја промена на неа. Доколку забележиме промена на боја, големина, крвавење, асиметрија или пак нова пигментна промена која не сме ја имале треба да се јавиме на дерматолог за преглед. Тоа е основниот начин како да препознаеме меланом во рана фаза на болеста кога излекувањето е целосно.

ЖМ: Како изгледа самопрегледот, кој е исто така многу важен за навремено дијагностицирање на меланомот?

- Освен редовната посета кај дерматолог, потребно е да се практикува самопреглед на кожата на целото тело еднаш месечно. Самопреглед се изведува со помош на огледало. При самопрегледот треба да се користи АБЦД правилото што се англиски акроним од термините кои означуваат – асиметрија, граници на промената, боја и дијаметар на промената. Било кои од овие елементи доколку почнат да се менуваат е доволна индикација да се отиде на дерматолог. Обично е доволно едно куќно огледало и едно рачно огледало за да се прегледа целото тело.

ЖМ: Што е со оние луѓе кои не се толку склони на појави на бемки, колку честа треба да биде нивната посета на дерматолог?

- Редовните дермоскопски контроли се изведуваат еднаш годишно, почнувајќи од десетгодишна возраст и тоа треба да важи за сите, независно од бројот на бемки кои ги имаат на телото. Оние со повеќе бемки тоа треба да го прават задолжително.

ЖМ: Како се дијагностицира меланомот?

- Дијагностиката не меланом опфаќа повеќе сегменти-клинички преглед, дермоскопија, хистопатолошка евалуација, а во одредени случаи и одредени техники на снимање/ компјутер, магнетна резонанца, ПЕТ скен/. Како и за сите тумори пресудна за дијагноза е хистопатолошката анализа, како и за стадиумската градација на болеста.

ЖМ: Кои се вашите совети за превенција од меланом?

- Мој совет е секогаш да се користи заштита од сонце, често пати на пациентите им велам тоа не е само заштита од рак на кожа, туку и од стареење на кожата. Понекогаш ова второто кај некои луѓе има поголем ефект. Покрај ова, доколку што било невообичаено се забележи на некоја бемка треба да отидеме на преглед кај дерматолог. Нашите дерматолози се добри доктори и каде и да отидете ќе добиете квалитетна здравствена заштита. Ние во Аџибадем Систина сме екипирани со соодветна опрема која овозможува следење на пациентите во тек на многу години.

Габриела Додевска Глигоровска