Интервју со првата амбасадорка на Македонија во Јапонија, Д-р. Андријана Цветковиќ: „Професионалниот живот и достигнувања се убави, но дефинитивно најголемо постигнување е тоа што станав мајка“
Во 2014 година, Македонија го доби првиот амбасадор во Јапонија, Д-р. Андријана Цветковиќ. Девојчето кое на 12 години сосема случајно се вљуби во книгата „Историјата на филмската уметност“, денес е вистински пример каков амбасадор треба да има една земја и одличен пример за идните генерации кои сакаат да чекорат по нејзиниот пат. Пат кој со многу жртва и откажувања водеше кон една цел, остварување на сонот. Денес како советничка на министерот за култура на јапонската влада, а од оваа година и назначен Програмски директор за селекција на најдобри филмови режирани од жени, како и генерален директор на успешна консултантска компанија во делот на новите технологии, како квантната технологија, вештачката интелигенција, blockchain, итн. која соработува со врвни компании од светот од таа област, Андријана вели дека се радува на секој постигнат успех, сепак нема поголем од оној кога се реализирала како мајка. Вели, сите ние сме резултат на она што го правиме и мислиме секој ден и секоја една постапка и мисла е дел од тој мозаик. Некогаш е тешко да се истрае, особено кога во моментов се чини дека никој не го цени и вреднува вашиот труд, но цврсто верува дека секој труд и истрајност е дел од она кое сте вие како личност, и порано или подоцна работите ќе испливаат на површина. А, ова е нејзината приказна - патот до успехот.
Ж.М. Љубовта кон филмот започнува на 12 години, тоа е една интересна приказна која малкумина ја знаат и вредна е да се раскаже …
Би можело да се каже дека љубовта кон приказните кои се основа на сите добри филмови започна дури и порано. Како малечка, се сеќавам татко ми секој ден ми читаше или раскажуваше по една нова приказна. Кога се исцрпија сите приказни почна да ги измислува а јас секогаш ќе го фатев дека се измислени, но со време почнав и јас да измислувам нови ликови и дејствија. Мајка ми пишуваше поезија и проза, и од неа наследив дар за пишување, за кое имам освоено многу награди. Во филмот влегов преку театарот. Имено, како дете бев дел на театарски работилници на Драган Спасов-Дац, Роберт Вељановски, потоа Лилјана Велјанова, Зоја Бузалковска … баба ми работеше во театар, и за мене сцената беше место каде бев среќна место каде се случува магија. На 17 години ја режирав и поставив својата прва претстава „ЦИРКУС“ во Драмскиот Театар, како дел од овие работилници, и тогаш сфатив дека начинот на кој го режирав делото беше филмски. Сватив дека го користам светлото за да монтирам, ја користам музиката за да создадам ритам, и најважно дека она што ми недостасуваше во театарот а го има во филмот е крупниот план. Кога имав околу 12 години, за една Нова година со татко ми бевме кај неговиот кројач. Додека чекавме синот на кројачот, несуден филмаџија ми покажа книга – Историја на филмската уметност. На мојата упорност да ми ја даде книгата на заем не одолеа, па реши дури и да ми ја подари. Јас со секој мој атом сум вљубена во филмот … во неговата историја, сценографија, сценарио, светло, актерска игра, монтажа, итн. … Таа љубов кулминираше со тоа што решив да се запишам на филмска режија на академијата во Софија (кај нас имаше упис на секоја четврта година), каде и магистрирав а подоцна и заминав на специјализација во Јапонија.
Ж.М. Впрочем, токму таа случка го одреди вашиот животен пат, а упорноста и љубовта кон професијата она што сте денес. Дипломиравте на Националната академија за филмска и театарска уметност (НАТФИЗ) во Софија, а по магистратурата заминавте во Јапонија каде докториравте на најдобриот универзитет за филмска уметност Nihon University Graduate School of Arts. Зошто токму Јапонија беше Вашиот избор?
Мојата магистерска работа беше посветена на дигиталната технологија, и како истата ќе ја промени филмската уметност. Во тоа време, 2002-2003 оваа технологија и нејзината примена во филмот беше лимитирана, и никој, вклучително и моите професори на академија, не веруваа дека дигиталната технологија ќе ја замени 35 милиметарската филмска лента. Јас мислев поинаку, и верував дека можеби во Јапонија, земја од која потекнува дигиталната технологија во филмот (и телевизијата) ќе најдам истомисленици и ќе можам да научам повеќе од нив. Ја добив единствената стипендија која јапонската влада ја дава за македонски студенти, и заминав на специјализација. Освен дигиталната технологија, јас од мала пишував хаику поезија, имав посебен афинитет кон филмовите на Куросава, Мизогучи, Ози, Такеши Китано., а интересно е и што во првиот краток филм кој го снимив како студент главен протагонист беше Јапонка, исто така студентка на академијата. На некаков начин, Јапонија ми била пишана во ѕвездите, како што се вели народски, само понекогаш треба време да го сфатиме тоа.
Ж.М. Колку време Ви беше потребно да го научите еден од најтешките јазици во светот?
Учењето јапонски беше вистински предизвик, особено што во јапонскиот јазик има три азбуки-хирагана со 46 знаци, катагана со 46 знаци и канџи (или хиероглифи), кои за да сте писмен горе-долу треба да знаете околу 2000 за да можете да читате и пишувате. Јазикот го учев паралелно со специјализацијата, која подоцна прерасна во Докторски студии и беше еден од најголемите предизвици со кои некогаш сум се соочила. Ми треба околу 3-4 години да го научам јазикот во основни рамки, можам да кажам дека сè уште учам и претпоставувам ќе биде така до крајот на животот.
Ж.М. Во основно и средно бевте ученик на генерација, а потоа еден од студентите со највисок просек, колку цел тој успех низ годините бара труд и откажување?
Секако бара многу труд, многу откажување и највеќе бара самодисциплина. Исто така, мотивацијата е важна. Ако се сака сè се може, и ако се трудиш резултатите сами ќе си дојдат. Знам дека звучи како клише, но е вистина. Јас за себе можам да кажам дека сум workaholic, но речсти секогаш уживам во сè што работам. Перфекционист сум, и многу љубопитна за се.
Ж.М. Која беше Вашата крајна цел, што по докторатот?
Мојот докторат беше посветен на Архетипите во јапонскиот филм, и беше напишан на јапонски на 160 страници. По докторатот работев како научен соработник на универзитетот каде завршив, Нихон Универзити две години, исто така работев како началник на одделение во јапонска фирма која развиваше емоционални и паметни роботи, потоа професор на Интрационалниот Институт за јапонски студии, и визитинг професор на Кјото Универзитетот, а наоѓав време и да снимам кратки филмови, да бидам режисер на ТЕД говорите во Јапонија и да асистирам на врвни јапонски режисери. Секое искуство донесе многу знаење, контакти и мудрост да се справам во следните предизвици. Мојот сон беше да се етаблирам во академијата како професор и експерт по јапонски студии, но и да снимам филмови, нешто што е голема реткост, бидејќи тоа се две различни професии-академската и практичната, како режисер. Јас не ги гледав така, бидејќи сметам дека доколку се посветите на нешто треба да сте темелни.
Ж.М. Во 2014 години станувате првиот македонски амбасадор во Јапонија, која беше Вашата прва мисла кога ја добивте поканата? Дали таа Ви помогна во остварувањето сонот, Ви ги промени плановите, или пак Ви помогна во остварувањето на крајната цел?
Па прво бев многу почестена и пресреќна дека ваква огромна привилегија и должност ми се доверува токму мене, бидејќи вистина не постои поголема чест од тоа да се претставува својата земја и народ во странска земја, при тоа да бидам прв амбасадор на Македонија во Јапонија. Втората мисла беше малку измешана со страв и тага, бидејќи тоа значеше дека требаше да ја напуштам позицијата на професор на Кјото Универзитетот, нешто на кое работев 11 години, а требаше да се впуштам во нешто ново и непознато, и на крајот на краиштата не бев сигурна дека истото ќе ме направи посреќна. На крајот мојата огромна љубов кон Македонија превладее, и решив да го изберам тој пат. Гледајќи наназад, мислам дека ја направив правилната одлука и мисла дека преку мојата посветеност и работа успеав да ја направам и Македонија горда. За време на мојот мандат, како прв амбасадор и најмлад меѓу 169 шефови на мисии во Токио успеав, заедно со мојот компактен тим во амбасадата да постигнам многу за нашата земја. Имено издејствувавме Јапонија да отвори амбасада во Македонија (2017), се основа Јапонско-Македонска Лига за соработка во јапонскиот парламент, со видни членови на јапонскиот политички естаблишмент, потпишавме 8 меморандуми за академска и научна соработка, неколку меморандуми за економска промоција на Македонија како поволна земја за инвестиции, го дуплиравме бројот на јапонски туристи, го обновивме друштвото за пријателство чиј почесен претседател сум, и ги збогативме содржините во делот на културната и јавната дипломатија. Има многу за набројување, и многу по што можам да кажам дека имав успешен мандат и прекрасна соработка како со колегите од Македонија така и со нашите домаќини во Јапонија.
Ж.М. Како амбасадор имате одржано десетици предавања на најпрестижните универзитети во Јапонија, колку младите студенти беа заинтересирани за нашата историја, традиција, култура … што е она што им остави најголем впечаток?
Да, одржав преку 30 предавања на јапонските врвни универзитети, нешто кое стана моја алатка во делот на јавната дипломатија и привлече многу внимание, така што и амбасадорите од другите земји почнаа да го прават истото. Јапонските студенти со голем интерес ги следеа овие предавања, и особено се интересираа за нашата историја, за Мајка Тереза, за македонската уметност и култура. Некои од нив дури и ја посетија Македонија и ни праќаа слики од посетите, други се регистрираа како волонтери и доаѓаа да ни помагаат на некои културни настани, а трети решија нивните Магистерски студии и специјализација да бидат на теми во кои е опфатена Македонија. Прекрасно е да се видат ефектите од нашата работа, во само толку кратко време.
Ж.М. Како некогашен амбасадор на Македонија во Јапонија, ја освоивте и наградата Inspiring womеn worldwide, што ја доделува WIN – Women’s International Networking, глобална иницијатива за лидерство, колку оваа награда Ви значи?
Оваа награда дојде подоцна кога не бев веќе амбасадор, во 2022 година. Тогаш јас бев Директор за Северна Азија за Економист Групацијата, советник на Картиер, во бордот на директори на неколку јапонски компании и универзитети, во бордот на директори на Британската Трговска Комора, и многу други функции и должности кои беа дел од мојата биографија. Оваа награда особено ми значи, затоа што доаѓа од светска организација за унапредување на жените WIN со седиште во Женева, основана во 1997 година а во блиска соработка со Обединетите Нации. Номинацијата доаѓа од самите членови на организацијата, кои се многу успешни индивидуи во бизнисот, академијата и уметноста. Тие ја следеле мојата работа во Јапонија и глобално ниво низ годините, и ме номинирале без јас да знам воопшто за тоа. Потоа членовите гласале и јас бев една од трите добитнички од целиот свет. Навистина е преубаво чувството кога нешто доаѓа така спонтано, и се чувствувам многу почестена што сум дел од оваа приказна.
Ж.М..Каде се наоѓа Јапонија а каде Македонија во однос на застапеноста на жената во јавниот живот, водечки позиции во општеството, итн, и што можеме да направиме ние како држава и медиуми да ги поддржиме жените во остварување на нивниот целосен потенцијал и кариерен развој.
- Македонија и Јапонија покажуваат различни нивоа на напредок во родовата еднаквост и застапеноста на жените во јавниот живот. Во Македонија во последниве години, жените сочинуваат околу 30-42% од пратениците благодарение на родовите квоти, што е позитивен показател, додека во Јапонија жените имаат само 9,6% застапеност во парламентот. Сепак, и во двете земји жените се соочуваат со ограничен пристап до лидерски позиции во бизнисот и јавните препријатија, со само 13-20% застапеност во Македонија и 13% во Јапонија.
Македонија направи значаен чекор со изборот на првата жена претседател, што е важен показател за напредокот на родовата еднаквост и учеството на жените на високи позиции на одлучување. Сепак, овој позитивен развој треба да се прошири со поголема застапеност на жени во политиката (особено на локално ниво) и дипломатијата, каде што жените сè уште се недоволно, особено на извршни и влијателни позиции.
Ова е потребно од неколку причини. Прво, жените носат различни перспективи и решенија кои можат да придонесат кон поинклузивни и балансирани политики. Второ, зголемената застапеност на жени на водечки позиции може да го поттикне женското учество во различни сектори, особено во традиционално машките области како што се безбедноста, економијата и надворешната политика. На крај, жените-лидери служат како модели за идентификација за младите генерации, поттикнувајќи ги да се стремат кон влијателни и раководни улоги. Со намалениот наталитет и предизвиците во демографската слика, круцијално е да ги искористиме сите човечки потенцијали преку инклузивност на жените во сите области, но тоа нема да се случи спонтано-- сите општествено-политички чинители треба да бидат дел од ова решение, кое би се преточило и во определени како кадровски, така и социјални политики
Ж.М. Во својата кариера имате постигнато многу признанија, награди, постигнато многу успех … доколку морате да изберете, што сметате за свое најголемо постигнување?
Дефинитивно за мене најголемо постигнување е тоа што станав мајка, и имам прекрасно 6 годишно синче Еразмо кое го доби името по Свети Еразмо. Иако немам потекло од Охрид, секоја година одиме во таа црква да се помолиме. Професионалниот живот и достигнувања се убави, и сите се значајни но благословот да сте се во животот на едно прекрасно ангелче во кое се содржи целата љубов на универзумот е незаменливо. Се чувствувам особено благодарна што и покрај сета вртоглава кариера и често 24 часовен дневен работен ритам, имам семејство во кое има многу љубов и хармонија.
Ж.М. Денес сте советничка на министерот за култура на јапонската влада. Во 2021 година бевте член на жирито на Интернационалниот филмскиот фестивал во Токио, а од оваа година сте назначени како Програмски директор за селекција на најдобри филмови режирани од жени. Како изгледа еден Ваш ден, како успевате да ги постигнете сите обврски?
Да, освен сево ова што го набројавте јас сум и генерален директор на успешна консултантска компанија во делот на новите технологии, како квантната технологија, вештачката интелигенција, blockchain, итн. која соработува со врвни компании од светот во дадените области. Од оваа година, Токијскиот Интернационален Фестивал, еден од најголемите во светот и фестивал од А категорија, ме назначи за програмски Директор на нова програма посветена на жените режисери. Како успешна жена режисер, амбасадор, претприемач, активист за правата на жените на меѓународно ниво, ова е огромна одговорност и чест. Мојот ден започнува во 6 часот со подготовките на синчето за училиште, со негово носење до школо и пешачење околу 30 мин, одење во канцеларија, работа, земање на детето од школо, враќање во канцеларија, средби, работни вечери, и секако време да одмор и убав филм или книга на крајот од денот. Знам дека е нескромно од мене, но мислам дека имам повеќе енергија и внатрешна сила од еден просечен човек и можам да издржам да работам динамично и стресно темпо без притоа да изгубам визија за големата слика, и мислам дека тоа ми помага да се носам со сите овие одговорности.
Ж.М. Како го поминувате слободното време, дали имате хоби или омилен дневен ритуал?
Кога имам време одам на јога или пливање, а за викенд многу сакам да сум во природа. Почвата, морето, планините и реките се мојот извор на енегрија, заедно со здрава исхрана, колку што се може во една урбана средина како Токио. Јадам многу овошје, пијам доста течности од природно цедени сокови, до чаеви и здрави јапонски напивки. Од пандемијата навака, хоби ми е сликањето и особено уживам во тоа.
Ж.М. Кој жанр на филмови Ви и омилен, дали имате време барем еднаш во неделата да изгледате некој добар филм?
Ги сакам сите жанрови, особено добра драма, комедија или футуристички филмови. Љубител сум на ТВ серии на Netflix, Apple TV, HBO … бидејќи ги сакам долгите формати на раскажување. Во последните години, најталентираните сценаристи (па и режисери) се ангажирани во продукција на токму овие платформи. Исто така, уживам во нови откритија, т.е. нови режисери и приказни од земји за чија култура малку знаеме. Филмските фестивали се одлично место да се погледнат овие филмови.
Ж.М. Колку често патувате на релација Македонија – Јапонија?
Гледам да доаѓам во Македонија колку што се може почесто, и да останам барем еден месец ако не и повеќе. Уживам да сум си дома, меѓу своите блиски, пријатели и воопшто на свое тло. Иако сум долго во Јапонија и имам право да се здобијам со јапонско државјанство, јас одбивам да аплицирам бидејќи тоа значи дека би морала да се откажам од македонското, а тоа е нешто кое не би сакала никогаш да го направам. Со полно срце можам да кажам дека Јас сум горда Македонка!
Ж.М. Што е она нешто што го има Македонија, а недостасува во Јапонија?
Има многу работи кои се различни, и не попусто кај нас се вели Јапонија е друга планета. Но она кое најмногу недостасува во Јапонија е спонтаноста во односите со луѓето. Во Македонија ние сме навикнати да си појдеме на гости спонтано, да се чуеме и да се видиме, да си испланираме некое патување или дружење спонтано. Во Јапонија тоа речиси и да го нема. Се се планира месеци однапред, и колку и да се блиски луѓето меѓу себе сепак постои определена далечина меѓу нив, која се чувствува особено ако доаѓате од средина како нашата која е многу поразлична.
Ж.М. Дали пријателствата со Јапонците се разликуваат од оние кај нас?
Во Јапонија постои многу почит меѓу луѓето, и пријателствата почиваат на таа изградена почит и доверба. Јапонците се одлични пријатели и штом се создаде довербата, пријателствата траат долго. Во овој поглед мислам дека не сме суштествено различни, иако има многу разлики во нијансите како на пример луѓето не се интересираат од вашите лични работи, колку заработувате, дали имате некои семејни проблеми, не озборуваат (генерално), а би ве ислушале доколку самите решите да споделите. Тие се особено внимателно во давањето на совети, и мешање во туѓите лични работи, и во име на пријателството би избрале да премолчат отколку да сугерираат или бидат премногу љубопитни. Ние тоа можеби би го протолкувале како незаинтересираност, или студеност, но нивните мотиви се поразлични.
Ж.М. Која е Вашата порака до сите читателки на Женски магазин?
Мојата порака е да бидете автентични, истрајни и доследни во она што го правите и сакате да го постигнете. Можеби во моментов си мислите дека нема никаква смисла да се биде упорен, или да се трудиш повеќе или да завршиш некој курс или земеш диплома, или да бидеш подобар во она што го работиш, но верувајте сè се исплати на крајот на денот. Сите ние сме резултат на она што го правиме (и мислиме) секој ден, и секоја една постапка и мисла е дел од тој мозаик. Некогаш е тешко да се истрае, особено кога во моментов се чини дека никој не го цени и вреднува вашиот труд, но верувајте вашиот труд и истрајност е дел од она кое сте вие како личност, и порано или подоцна работите ќе испливаат на површина. Бидете најдобра верзија од себеси, не заради другите, а заради себе!
Елеонора А.