Интервју со Славимир Стојановиќ Футро: Скопје не е само во моето срце, туку и во историјата на светскиот дизајн
Со години на мојот пат лежеше еден дебел и масен его, кој се гоеше со секоја нова награда. Но, ако сте ја освестиле својата улога во таа равенка, ако навистина сакате да помогнете, клиентот тоа ќе го почувствува и вие ќе станете дел од тимот кој заеднички ќе работи на комуникација на брендот. Оттука понатаму, се` е веќе прашање на снаодливост, социјална интелигенција и низа менаџерски вештини
Неколку генерации љубители на џез музиката го памети Славимир Стојановиќ Футро како „момчето од Белград“ кое го создаде првиот дизајнерски плакат за „Скопје џез фестивал“ кој освои врвни дизајнерски награди уште во доцните деведесетти години на минатиот век. Како млад дизајнер и арт директор во „С-Тим Битс Сачи & Сачи Адвертајзинг Балканс“, Стојановиќ стана звучно име благодарение на неколку големи клиенти на агенцијата („Сони“, „Мерцедес Бенц“, „Мишелин“, „Кока кола“). Градејќи го својот единствен стил, тој се фокусираше на современите софистицирани трендови отфрлајќи го крутиот дизајнерски стил од времето на комунизмот. Неговите дизајни имаат исклучителна визуелна убавина и силна симболика која честопати се заснова на чист поарадокс. Тие се дел од колекциите во музјеот Помпиду во Париз, Музејот на уметност и реклама во Хамбург и Музејот на плакати во Варшава.За своите дизајнерски проекти Славимир Стојановиќ добил преку 300 меѓународни награди. Неодамна напиша автобиографски роман во којшто зборува за својот личен и професионален пат
Ве паметиме по вашите впечатливи дизајни за плакатите за „Скопје џез фестивал“ уште од далечната 1996 година. Тогаш дизајнот за прв пат влезе на голема врата на оваа манифестација. Во тоа време често престојувавте во Скопје. Кои се сликите што ги паметите?
Стојановиќ: Пред се` се сеќавам на менторството на Оливер Белопета, основачот и уметничкиот директор на „Скопје џез фестивал“, кој со секој нареден проект, од година во година, ме тераше да се надминувам себе си и да станувам подобар дизјанер.
Исто така, се сеќавам на чувстевтото на комплетна отвореност, срдечна топлина, растоварен хумор и човечката припадност на едно такво Скопје. Серијата на тие плакати значително влијаеше врз вивнувањето на мојата дизајнерска кариера. Благодарение на нив, уште на свои 26 години почнав да ги добивам најголемите меѓународни признанија поради кои тие плакати се наоѓаат во различни музеи ширум светот. Така што Скопје не е само во моето срце, туку и во историјата на светскиот дизајн.
Како се случи да се занимавате со дизајн баш во тоа турбулентно време? Стојановиќ:Поголемиот дел од детството мечтаев да бидам илустратор. Се угледував на великани како Душко Петричиќ, Југослав Влаховиќ и Мирко Илиќ. Не ми одеше лошо и почнав редовно да објавувам илустрации, цртав плакати за детски театри и младински културни манифестации. Но, додје до распадот на Југославија, времињата се сменија, а во времето на тој балкански хаос во останатиот развиен свет се случуваше технолошка револуција. Графичкиот дизајн веќе не беше макотрпна и долготрајна техничка работа бидејќи компјутерите максимално го забрзаа процесот и јас во тоа почнав да уживам. Дизајнот ми одеше полесно од илустрацијата, иако мислам дека јас, во суштина, и натаму останав илустратор кој преку дизајнот го илустрира она што сака да го каже, само што го користам јазикот на графичките симболи и асоцијации.
Што се случуваше во меѓувреме? Како распадот на земјата во која се родивте се одрази на вашата креативност?
Стојановиќ: Тоа остави трага која се влече зад мене еве речиси триесет години. Тоа е идентитетот на цела една генерација,со децении неславно толчен под нозете на новите и поновите. Бидејќи сум воспитуван во духот на заедништвото и еднаквоста, значи спротивно од шовинизмот, мојот креативен имплус неминовно ја црпи силата од таа тивка борба против примитивизмот. Колку и да звучи романтично, моето оружје во тој вечен балкански судир е – дизајнот.
На што ве научи светот на дизајнот и адвертајзнгот?
Стојановиќ: Дека треба да го работам она што ми оди најлесно и дека треба да го работам се` додека не ми стане тешко, а кога ќе стане тешко, морам да продолжам се` додека повторно не ми стане лесно. Накратко, дизајнот ме научи да го живеам животот со крената глава, без оглед на околностите.
Да се биде дизајнер во голема мера значи да се повинувате на волјата на вашите клиенти. Како се изборивте за своето парче слобода во оваа работа?
Стојановиќ: Како и во секоја тешка ситуација која не ви оди во прилог, нужно е да ги замените позициите, да го превртите контекстот во ваша полза, да ги согледате нештата од агол кој ви овозможува да продолжите понатаму да го работите она што го сакате и за кое сте родени, а тоа да не ве уништива. Кај мене таа негативна парадигма на односот клиент- креативец се смени преку ноќ, кога сфатив дека јас сум тука за да им помогнам на клиентите со своето знаење, а не за да се воодушевуваат на мојот талент и да се фасцинираат од моите награди. Се разбира, на тој пат со години лежеше еден дебел и масен его, кој се гоеше со секоја нова награда. Но ако сте ја освестиле својата улога во таа равенка, ако навистина сакате да помогнете, клиентот тоа ќе го почувствува и вие ќе станете дел од тимот кој заеднички ќе работи на комуникација на брендот. Се разбира оттука понатаму, се` e веќе прашање на снаодливост, социјална интелигенција и низа менаџерски вештини. Но, кога вашата искрена креативност на применет уметник ќе се најде во нечија служба, се` добива смисла. Вам ви останува само да одлучите дали тој клиент ја заслужува вашата помош.
Неодамна излезе вашиот прв роман „Девет“. Колку од вас самиот има во ликот на славниот дизјнер од книгата?
Стојановиќ: Книгата е 90 отсто автобиографска, со 10 отсто материјал кој служи сето тоа да го поврзе во јасна и питка целина. На крајот, сепак, решив да им ги сменам имињата на актуелните ликови од реалноста за да не се чувствуваат нелагодно.
Постои еден клише дека луѓето кои се вешти во визуелниот израз, се лоши говорници или писатели. Вие го разбивате ова клише. Што ве натера да пишувате?
Стојановиќ: Отсекогаш сум сакал да комуницирам, да се чуе мојот глас и став и на тој начин да се изборам за своето место во општеството. Независно од тоа дали ќе станува збор за смислување приказни, за цртање на авантури или за пишување. Значи, уште од детството имав свест за тоа дека прво мораш нешто да направиш за да ти се врати нешто. Да го живееш животот според заслуга. Работата во адвертајзингот многу придонесе за развивање на моите комуникациски вештини, со оглед на тоа дека во многу кампањи бев копирајтер, покрај тоа што го работев дизајнот. Кога се насобра доволно свест за светот и за животот, се создадоа услови да ја раскажам мојата животна приказна.
Во книгата пишувате за еден успешен човек кој се обидува емотивно да се одлепи од една тешка семејна приказна која го прогнува. Колку е важен овој процес на помирување со оној дел од нас што не ни се допаѓа?
Стојановиќ: Помирувањето и прифаќањето на различноста е суштината на книгата „Девет“. Зошто за толку едноставни човечки маневри понекогаш ни е потребен цел еден живот, е вечна мистерија што ме опседнува. Животот во константна тензија со блиската околина, кој неминовно се полни со иронија како единствен рефлекс на разумот за да преживее, всушност полека се труе и одумира. Иронијата во мали дози е лек, но во големи- отров. Поздраво е да се живее во убедување дека луѓето се добронамерни. Насмевката раѓа насмевка.
Во книгата пишувате за досегнување на професионалниот врв и за застрашувачката празнина која демне зад тоа. Како вие самиот ја надминавте оваа фаза? И по што се разликувате сега од себе самиот пред 20 години?
Стојановиќ: Сега сум многу посвесен за тоа колку, всушност, не знам. За разлика од пред 20 години, сега таа вистина не ја кријам од другите, а особено не од себе, туку во неа уживам и го живеам животот како постојана надградба, подобрување и унапредување. Суштината е во тоа да се остане вдахновен и инспириран. Само човек свесен за своите недостатоци и маани има простор да биде вдахновен, а животот без инспирација не е живот, туку живуркање. Или подобро „животинарење“
Неодамна дипломиравте на големо чудење на јавноста. Зошто ви беше важно формалното заокружување на академското образование кога веќе ги имате собрано сите звучни награди во светот на дизајнот?
Стојановиќ: Суштината е во пораката што и` ја праќам на мојата ќерка. Од своите соништа не треба да се откажуваме. Јас својот сон за завршување на Академијата за применета уметност го загубив во процесот на јурење по животот, заборавајќи дека животот е живот само тогаш кога е сон.
Го креиравте брендот FUTRO. „Комплицирај едноставно” е вашиот слоган. Што значи тоа?
Стојановиќ: Тоа е обид да се објасни креативниот процес кој им стана животно начело на многу современи луѓе кои мислат со своја глава. „Комплицирај едноставно“ значи дека ти имаш моќ во своите раце да бидеш истовремено и прецизен и јасен, но да ја контролираш таа комуникација преку свесна игра на духот како зачин која целата работа ја комплицира и го привлекува остатокот од мислечкиот свет како магнет.
Семеен човек сте имате прекрасни сопруга и ќерка. На што ве научи семејството?
Стојановиќ: Ме научи дека некој може да ме сака и без причина. Дека љубовта се случува од „чист мир“, а не кога ти си замислил дека треба и дека сите ја имаме во себе, само немаме клуч.
Напишавте и книга за деца. Како е да се пишува за деца?
Стојановиќ: Бидејќи книгата „Синги Лумба и дрвото на волшебните моливи“ и` ја напишав на својата ќерка Надја за роденден, не можев да ги контролирам емоциите додека ја илустрирав. И` се вратив на својата прва љубов- илустрацијата, но ми требаа шест месеци повторно да научам да цртам. Кога книгата пред мои очи на екранот почна да изгледа како што треба, ме преплави неописиво чувство на оствареност, чувство на цел на постоење во овој облик на оваа планета. Мојата ќерка доби подарок во кој сега можат да уживаат и децата ширум светот, а сега ја завршувам истовремено и втората и третата книга од серијалот „Авантурите на Синги Лумба“.
Најавувате нова книга со интересен наслов „Од овде до иронијата и назад“. За што пишувате овојпат?
Стојановиќ: Книгава си ја подарувам себе си за мојот педесетти роденен. Таа е детален преглед на се` што досега сум направил и создал во животот, со осврт и на геополитичките околности под кои некои проекти настанале. Се` е запакувано во комплетирањето на процесот на професионалното и личното созревање од самите почетоци во „Средното дизајнерско училиште“ се` до денешната позиција професор на „Академијата за применета уметност“ во Белград.
Мимоза Петревска Георгиева