Ми се појави здравствен проблем и помислив дека ќе биде доста тешко да се реализирам како родител. Тоа многу ме загрижуваше, зошто сум педагог по професија и многу ги сакам децата. Од друга страна, секогаш сум верувала дека кога нешто доволно го посакуваш, целиот универзум ќе се сврти и ќе ти помогне да се оствари, раскажува пејачката која денеска го промовира својот прв албум
Анета Ристова Василева денеска во ресторанот „Фор“ ќе го промовира своето првенче, деби-албумот „Згодна приказна за мемоари“. Рефрените се дело на авторите Кристијан Габроски, Дарко Тасев и Весна Малинова Бабамова, тим со кој талентираната пејачка работи повеќе од една деценија. Освен за професионалните амбиции, Ристова првпат за „Женски Магазин“ искрено проговори за животните предизвици пред да стане мајка. Ни откри и интересни детали за сопругот Бојан кој е шест години помлад од неа.
* Долги години сте присутна на сцената, редовно снимате песни, Ве има на фестивалите и постојано настапувате, но досега не успеавте во намерата за посериозен пробив на естрадата. Сметате ли дека овој албум ќе Ви донесе пресврт во кариерата?
- Искрено, песните ми се популарни, а мене не ме познаваат многу затоа што не сум се ангажирала нешто особено да стекнам ТВ-популарност. Некако се задоволив со настапите во живо кои ги имам многу. Знаеме кај нас како и колку може да се биде популарен и какви бенифиции има од тоа. Албумот ми е желба и сон подолго време и пред се го издавам за себе. Заокружувам десетгодишна работа и сум бескрајно среќна што конечно го имам. Нормално дека очекувам пресврт во кариерата, ако ништо друго очекувам уште повеќе работа и свирки.
Ристова: Не сум се ангажирала нешто особено да стекнам ТВ-популарност
* Минатата година ја објавивте темата „Кај и да сум“ која ја посветивте на, како што рековте, Вашите две најголеми љубови, синот Давид и сопругот Бојан. Малкумина знаат дека пред да станете мајка се соочивте со првиот посериозен животен тест. Што Ви се случуваше во тој период?
- Ми се појави здравствен проблем и помислив дека нема да можам да имам деца или дека ќе биде доста тешко да се реализирам како родител. Тоа многу ме загрижуваше, зошто сум педагог по професија и многу ги сакам децата. Од друга страна, секогаш сум верувала дека кога нешто доволно го посакуваш, целиот универзум ќе се сврти и ќе ти помогне да се оствари. На моја огромна среќа и покрај здравствените проблеми немавме никаков проблем со тоа и ете го Давид, нѐ радува, нѐ збеснува.. Секој ден! (се смее).
* Како се запознавте со сопругот кој е шест години помлад од Вас?
- Нашата приказна е баш смешна. Кога првпат се видовме, Бојан имаше кафуле и бараше келнерки. Токму јас се најдов на разговор за работа и замислете не ја добив. Од почеток имал задни намери (се смее). Почнавме да се дружиме интензивно. Секогаш ми зборуваше дека ќе му бидам девојка, па не знам што да биде. Одбивав зошто, нели, е помлад шест години, со оправдување дека не сакам дечко и слични изговори. Бојан беше доста упорен и практично ме уцени. Или девојка или ништо од нашето пријателство. Тогаш сфатив дека и јас имам чувства кон него и попуштив (се смее).
„Нашата приказна е баш смешна. Кога првпат се видовме, Бојан имаше кафуле и бараше келнерки. Токму јас се најдов на разговор за работа и замислете не ја добив“
* Кои се предностите, а кои маните во заедница со помлад маж?
- Има повеќе нерви да ме трпи. Предноста за мене е во тоа што ме подмладува, му се излегува, нонстоп имаме друштво дома, секогаш ме оддржува во расположение, има многу разбирање, а и многу енергија за разлика од тоа да би бил шест години постар. Дома со детето се како другарчиња, да ги оставам цел ден ќе се забавуваат. За мене нема маани, досега супер функционираме, за понатаму ќе видиме (се смее).
* Познавајќи го нашиот менталитет, дали на почетокот бевте скептици дека вашата врска од старт е осудена на пропаст?
- Имаше еден период кога многу зли умови сакаа да нѐ разделат. Не знам зошто. Дали поради тоа што бевме и сѐ уште сме толку среќни и заљубени или поради разликата во годините што за мене е апсурд во овој модерен свет каде што можеме да се сретнеме со сѐ и сешто. Некако бодевме очи и веројатно имале сериозни намери да нѐ разделат. Меѓутоа тоа што е вистинско, останува. Тие моменти ги пребродивме со смеење и ете сега сме тројца (се смее).
Бојан ја запросил во тату-студио и наместо прстени имаат тетоважи
* Дали музиката е Вашиот единствен извор на приходи?
- Не, иако е многу голем дел бидејќи таков е периодот, лето, свадби, матури и многу работиме со бендот. За жал овие ангажмани не се постојани, па работам и друго. Сепак, музиката ми е во преден план и цело време сум активна со клупските настапи, а и со снимање песни.
* За што сонувате кога е во прашање Вашата кариера?
- Од професионалните амбиции ете конечно ми се остварува еден сон, издавањето на мојот прв албум. Искрено се надевам дека ќе биде добро прифатен затоа што досегашните песни се слушани. Амбиција ми е да имам што повеќе работа со музика, макар тоа биле и свирки и нормално сакам да се обидам да ме слушнат надвор од нашите граници. Во меѓувреме, слушајте македонска музика и ве чекам на журка некаде низ Скопје и Македонија.
Ѓорге Стојанов