Инвестициските фондови - За што би можело да ги користам? Како да направам избор?
Постојат луѓе, кои иако незадоволни од каматните стапки за своите депозити, сепак не се одлучуваат за вложување во фондови, пред сѐ поради прашања од типот: „Дали тоа би било исплатливо за мене? На кој начин да го одберам правилниот фонд?.“ Причината поради која се држат цврсто за банките е што поинаков начин на штедење им се чини недоволно познат и премногу рискантен.
А животот е полн со ризици или да ги наречеме поедноставно - непријатни изненадувања. Секогаш постои веројатност работите да не се развиваат во насоката во којашто сме посакувале или на начинот на кој сме си ги замислувале. Сепак, за одредени работи имаме чувство дека е посигурно да да не се случат, па за нив велиме дека постои помал ризик. На пример, ретко кој очекува возачите на градските автобуси со долгогодишно искуство зад себе, да направат повеќе сообраќајни незгоди во текот на годината, во однос на младите, адреналински зависни момци кои неодамна го положиле возачкиот испит.
Истиот принцип важи и кај вложувањето во фондови. Постојат фондови со повисоко и пониско ниво на ризик. Важното е да се напомене, дека како и за сѐ друго во животот, 100% гаранција не постои никаде, па дури и традиционалните штедачи се соочуваат со ризикот од обезвреднување на своите заштеди, поради ниските каматни стапки. 100 евра денес во однос на 100 евра пред една година не вредат исто, тоа сите го знаеме. Доволно е само да ги погледнеме цените на бензините.
Ако го споредиме влогот во инвестициски фонд со класичниот депозит, основната разлика би била во начинот на пресметување на заработката. Кај депозитите, тоа е договорен процент помеѓу клиентот и банката, се нарекува каматна стапка и истата е објавена, односно му е позната на штедачот пред склучувањето на договорот за депозит. Она што останува како ризик во однос на првично договорените услови е банката да го намали процентот на каматната стапка во времетраењето на договорот, доколку каматната стапка била договорена како променлива.
Кај инвестициските фондови не постои однапред договорен процент на заработка, ниту пак гаранција за главницата на влогот. Остварената добивка од вложувањето се нарекува принос, а вложувачот може да утврди колкава стапка на принос остварил дури по завршувањето на договорот за вложување, односно по повлекувањето на вложената заштеда. Остварениот принос во минатото е од информативен карактер и потенцијалните вложувачи не треба да се раководат само по него при поставувањето на своите очекувања за приносот кој можат да го добијат во иднина.
Прочитај понатаму..