Искрено со Вера Мештеровиќ: Некои не можат да ти простат што си убава, а изборот за Мис е како „Пепелашка“
Вера Мештеровиќ е една од ретките Мис кај нас која ја задржа својата популарност и актуелност, и ќе остане запаметена како првата Мис на Македонија за Мис на светот во 1996 година.
Тогаш, Вера имала само 17 години, и самата отпатувала на изборот за Мис во Индија.
Вели дека искутвото во фолклорните друштва каде што одела како тинејџерка ѝ помогнале во ова искуство, да тргне сама на пат и да го искуси целиот сјај кој трае само додека била на изборот за Мис.
-Изборот за Мис е како приказната за „Пепелашка“. Додека си таму, во фокусот на јавноста, те препознаваат, те третираат како принцеза. Потоа, кога целиот тој гламур и сјај ќе заврши и му се враќаш на тековниот живот, никој веќе не те познава, ја нема веќе возбудата. Јас заминав сосема сама, на 17 години, додека девојки од другите земји беа дојдени со цели тимови, шминкери, стилисти. Финансиски помогнаа и моите родители. Уште додека летав натаму се разбра дека има кандидатка за Мис во авионот“, ни раскажа Вера.
Вели дека е среќна што успеала да ја задржи својата актуелност и дека не престанала да се занимава со оваа работа, а пауза правела само кога го родила синот Андреј, а потоа и ќерката Јована.
Сега, Вера е водителка на Утринската програма на Канал 5. И во оваа приказна, слично како и во онаа за изборот за Мис, има две страни, конкретно што се однесува до реакците на гледачите, но таа е многу среќна и исполнета со овој ангажман.
-Не може на сите да им се допаднеш. Некој не може да ти прости што си убава, на некого му пречиш на телевизија, сето тоа е нормално. Кога почнував да работам во Канал 5, прво бев на обука две недели, а потоа на програма. И нормално е дека има секакви коментари. Знаат во живо да се јават - тргнете ја оваа од програма, или зошто е вака облечена? Но, има и доста луѓе кои позитивно и убаво реагираат. И на едните и на другите им велам благодарам“, ни изјзви Вера.
Таа е горда на спортскиот дух на своите деца, Јована (11) која тренира одбојка, и Андреј (13) кој тренира фудбал. Ни раскажа и дека понекогаш жали што не ја искористила шансата кога ја добила стипендијата да студира на Арт академија во Лондон, која ја добила по изборот за Мис.
Уште многу детали од својот живот и интересни приказни, таа ќе раскаже во емисијата „Еден на Еден“ со Жаре, во недела, на Канал 5 од 18.30.
Милица Џаровска