Испостување на душата

Добивај вести на Viber

Не само што сега не сум по адетите, туку никогаш и не сум била (иако како мала ме носеле по цркви на празници, а мене пусто ем тешко од темјанот, ем од гужвите па паметам неколку пати дека се имам онесвестено), а и не верувам дека допрва ќе станам, оти искрено, ништо не ме влече накај религијата. Не сум богобојазна, не се поплукувам, не се прекрстувам (ден денес не научив како оди таа работа, иако треба барем од општа култура да знам), а ич да не правам муабет за верските празници. Ај, овие големиве ги знам оти веќе секоја година се обележуваат во календарите кои ги прават компаниите, ама тие другите ми се равенка со сите непознати. Ништо не ми значи дали дента не се перело, чистело или пеглало, а и ми нема логика да е врзано едното со другото. Се случувало да ми врти машината за перење алишта, а мајка ми на телефон да ми каже „немој денес да си пуштала машина, тежок празник е!“, па со мимики да го растрчам детево до купатило за да ја затвори вратата, оти мојава машина е гласна (демек постара), да не речам ко мене е. Но, за една работа да бидеме на чисто. Почитувам верски празници и ги почитувам желбите и потребите на другите да ги слават/празнуваат и не наметнувам ставови дали треба вака или онака, дали моето е исправно (или поисправно) од некое друго верување. Поборник сум на тоа дека секој треба да си прави онака како што му е убаво, но до границата после која ќе предизвика некому лошо. Ич не ми пречи ако луѓето кои ми се блиски одат в црква, си имаат одредени ритуали и си тераат нивни филм. Не паметам дека врз релациите со нив ми влијаело дали се тие по религијата или дека ним им пречело оти јас не сум, исто како што не ми влијае на односите со луѓето дали е некој богат или сиромав, каква сексуална определба има, од која националност е итн.

Дома имам икона од Света Петка која ми е подарок од моите и врз која стојат сите паричиња кои и’ се паднале на Нина или мене кога се кршело лепчето. Сега имам и едно јајце (ставено во специјално чинивче) испоукрасено и стокмено од мајка ми, кое ќе треба да го чувам до следен Велигден, имам свеќи и ситници кои ми ги подарувале пријатели (па и непознати) кога се враќале од Израел. И да, секако дека ги чувам и им ја почитувам намената и мислата со која ми се поклонети, затоа што помислиле на мене во миговите кои за нив се од животно значење. И искрена да бидам, не ми е напор да ги истерам адетите кои ги диригира мајка ми, затоа што знам колку многу и’ значат. Не бегам од тоа дека мене никогаш нема да ми дојде да вапцам јајца или да месам лепче (иако знам да месам, не е дека не знам), не бегам од тоа дека Аргентина има минимална допирна точка со религијата (за мене е доволно што сум посочила дека има литература за да се информира и дека треба сама да си одлучи дали религијата ќе биде дел од нејзиниот живот или не).

Знам дека многумина додека ме читаат ќе нишкаат со главите во знак на неодобрување, други во знак на одобрување... но, дали приметивте дека цело време зборував за религијата, а не за вербата/верувањето?

Сите тежнееме да го правиме во животот она што можеме да го искрепиме. Па така, имате еден куп криминалци, оти нивната душа и совест можат да го искрепат тој начин на живот, имате и такви кои ќе превртат се’ само за да ве најдат и да ви го вратат паричникот (без да ви фали еден денар во него) оти за нив тоа е единственото нешто што е исправно и не постои друго решение. Имате луѓе за кои се вели „абе со крстот на чело е“, демек од чесен-почесен, исто како што има и такви за кои постои изреката „шурува со ѓаолот“. Вербата или верувањето е есенцијата на нашето постоење. Некои тоа го врзуваат со одреден човечки лик кој има бела брада и кој е претставен како древен мудрец, други веруваат во баланс меѓу доброто и злото без притоа да даваат лик и форма ниту на доброто ниту на злото, трети веруваат само во голи факти. Се’ е таман ако заедничката точка е дека што и да се прави не смее да биде стап по нечиј грб, односно, да не носи зло било кому.

Отсекогаш ме фасцинирало постењето. Прво од медицински причини, оти е докажано какви бенефити има човечкото тело од постење, а потоа и од сите други аспекти. Знам луѓе кои барем еднаш во неделата си го прочистуваат организмот од отрови преку постење, исто како што познавам и такви кои го прават тоа исклучиво од религиозни побуди. Не џабе се рекло оти се умира од премногу, па макар тоа премногу да е во форма на највкусната храна на светот или најскап пијалок. Сега почнувам и јас да свикнувам барем за викенд да сум на чаеви, вода и бистри супи оти приметив огромна разлика во нивото на енергија (и општо психофизичката состојба) кога сум најадена од тоа кога сум испостена. Постењето од религиозен аспект е еден вид дисциплинирање на човечкиот ум да не биде подложен на хедонизам, односно да може да го контролира сировиот нагон. Она што не го разбирам е зошто да биде ограничено во број на денови или период од годината, поточно не мислам дека пост од 40 дена (од религиозни причини) е прикладен за сите, особено ако нема за цел да се воспостави рамнотежа на телото и умот, туку е само избегнување на внес на одредени продукти (муабетот ми е дека бенефитот од салата зачинета со зејтин или сирење озгора е поголем од изеден сомун леб со три слоја џем, иако второво се смета за посно). А она што најмалку го разбирам е зошто после имаме по весници и вести извештаи колкумина завршиле по болници оти се прејале. Ако суштината на постењето е да се искали духот за да биде дисциплиниран и да мисли на духовното а не на земските задоволства, која е поентата ако после човек се нафука со храна??? И што е најлошо, не станува збор за било каква храна, туку храна која е тешка за варење и во нормални услови, а не па кога организмот бил испостен (јајца, месо, млеко).

А до каде сме со испостувањето на душата? Што правиме со тоа, оти чинам дека најтешкиот пост за било кој човек, е да ја испости душата од сите гадости. Џабе телото испостено, ако мислата и душата се погани. Џабе и 40 и 60 дена строг пост, ако пцостите се тркалаат низ уста како бонбончиња. Џабе причестувањето ако озборувањето е спорт, ставањето сопки е забава, навредувањето и омаловажувањето се задоволство. Чуму тогаш постот со кој си го лажеме умот дека не’ донел поблиску до Бог? Она што за вас е Бог, за мене е Универзумот. Исто како кај вашиот Бог, така и во мојот Универзум (кога велам мојот, не е дека си го присвојувам туку дека сум дел од него) душата вреди повеќе од телото. Телото е храм/светилиште, а храмот треба да се одржува здрав и цврст за да опстане душата и да се издигне на повисоко ниво. Но, хигиената на душата не е во празното верување во Бог или Универзумот, Буда или Кришна, ниту со поклонување пред икони, коленичење на олтари, бакнување мантии, оставање пари, масло или палење свеќи. Чинам дека хигиената на душата и нејзиното испостување за да се издигне над мизеријата е во почитта, љубовта, простувањето. И повторно ќе речам, адетите се сосем друга приказна. Адетите се како бајките, носат нови сознанија, ве учат на нови нешта и вие одлучувате дали ќе верувате во нив или дали ќе ги практикувате. Негувањето на телото и неговото плакнење од токсините е и повеќе од пожелно ако сакате поквалитетен живот и поздрав организам.

Ама душата, нејзиното чистење и прочистување не е еднократен процес, ниту трае неколку денови. Тоа треба да биде навика, потреба и просветлување, оти нема поубав човек од човек со чиста душа. А таа секогаш се чувствува по енергијата која ја емитираме, по погледот од кој зрачи мислата и од зборот со кој ја обликуваме нејзината суштина. Кога ќе го достигнеме нивото на испостување на душите преку целата година, тогаш можеме да зборуваме за тоа колку сме блиску до се’ во што веруваме, до се’ со кое сакаме да се соединиме.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Пред дете

Пред дете на колена понизна сум

Оти невиноста во очите на детето

Е слика на она што светот треба да е

Ослободен од суети и злоба

Полн смеа која гргори од стомакот

Светнат и шарен ко Велигденски јајца

Со мирис на слобода и спокој

Пред старец

Пред старец на колена понизна сум

Оти мудроста велат со староста иди

И во погледот на младоста што изврвила

Се мијам како во вода осветена

За мудроста и мене да ми трае

Да ме покрие кога душава ме боли

За утеха која ко прекривка грее

Пред љубовта

Пред љубовта на колена понизна сум

Оти толку малку чини

Само срцето на чоек отворено да е

И со секој удар милост да дава

Без да се пазари дал ќе ја добие назад

Оти љубовта во која кантарот мери

Никогаш не тежи појќе од слепилото на осамата

Пред животот

Пред животот на колена понизна сум

Од првиот здив кој убости носи

Во боја која окото со нежности го бои

Та го живееш денот ко секој еден прв да е

Го дишеш силно за пилето внатре да ти запее

И пееш небаре пилето од кафез излетало

За да ја славиш неговата големина

Пред смртта

Пред смртта на колена понизна сум

Оти и таа голема колку животот е

Та и треба да се слави ко свадба или крштевка

Оти на крајот сите се враќаме во утробата на земјата

Во таа Мајка која милиони во себе чува

И за секој од нас рацете ги шири

Во себе коските наши да ги прими

Научив понизна да бидам

Не пред икони и светци

Туку пред луѓето

Пред животот и смртта

Пред сето она што прави да сме тука

Сега и овде

Дур секому од нас времето не му дојде

За да си замини

Со љубов во себе

Со љубов испратени

И со љубов некаде

На некое друго место дочекани

Научив

Научив на колена да бидам

Та крвареле ил не

Насмев на усните да имам

Оти чоечката понизност се мери само тогаш

Кога чоек ќе научи оти на светов сам не е

И оти треба ближниот ко себе да го љуби

Од првиот до последниот здив

фото: freepik.com