Исповед за Женски магазин на Дона Неделковска: Не бев сигурна дали ќе бидам жива следното утро

Многумина на Фејсбук, особено жени, ја споделуваа приказната на храбрата тетовчанка Дона Неделковска, која едвај останала жива по раѓањето на нејзиниот син Ленон, поради неодговоросна за лекарите. Дона која е инаку стоматолог по професија, по четири дена болки, повраќање фекалии и неизвесност, спасот го нашла во ГАК во Скопје, откако лекарите во нејзиниот роден град како пто раскажува, ја лечеле со билни чаеви.

- Бебето го извадија за кратко, го слушнав како плаче и веднаш го однесоа. Очекував да ме сошијат, и крај. Слушам дека никако не можат да го допрат крварењето. Се вртам лево од мене гледам цел куп гази со моја крв, почнува да ми се врти и да ми се стемнува и плачам ги молам да ме спасат да не искрварам. Слушам како трчаат и носат кеси крв од трансфузиологија. Ја молев една од сестрите да ме држи за рака, да не се чувствувам толку осамено и исплашено, да ми даде малце утеха”, е почетокот на приказната која се случила во јули. Со помош на психотерапија и поддршката од најблиските, Дона сега повторно застана на свои нозе и со радост се грижи за синот. Целата приказна, таа ја раскажа за Женски магазин.

* На Фејсбук ја раскажавте вашата приказна за голготата која ја поминавте по раѓањето на вашето дете. Раскажете ни за почетоците, каква  бременост имавте, дали беше се’ во ред?

- Да, имав целосно уредна бременост. Ги правев сите потребни контроли, прегледи и во ниту еден момент немаше никаков проблем, ниту јас, ниту бебето.

* Какво породување имавте, каде се породивте, дали вие или некој од лекарите насетуваше дека нешто не е во ред?

- Породувањето беше со царски рез, во Тетовската болница и на самата операција нешто тргна на лошо, не можеа да го прекинат крварењето од непознати причини и операцијата траеше многу подолго од рутински царски рез, примив многу единици крв и крвна плазма, едвај успеав да останам свесна.

* Ве молам раскажете ни уште еднаш што точно се случи откако се породивте, со какви компликации дојде?

- Значи уште следното утро почнав да имам мачнини и почнав да повраќам обилно, на што ми беше кажано дека е нормална реакција од анестезијата. Ама повраќањето не престануваше, освен кога ми даваа терапија и по некое време ми стануваше се полошо и полошо. Содржината која ја повраќав беше фекалии, бидејќи цревата не ми работеле и содржината од стомакот излегува преку желудник. Тоа е итна состојба во медицината за која треба да се реагира веднаш, итно, а не по 4 дена. Во тие 4 дена ми даваа и билни чаеви за да ми проработале цревата.

* Побаравте ли помош од лекарите, што ви рекоа, како ви помина тоа време на неизвесност во болницата, таа последна ноќ пред да ве префрлат во Скопје?

- Барав помош цело време, ама четвртата вечер пред да ме пратат за Скопје веќе бев очајна и парав некој специјалист од абдоминална, дигестивна хирургија или интернист, некој што разбира повеќе да ме прегледа. Ама ми рекоја не можеме ништо вечерва, доцна е, чекај до утре изутрина. Е таа вечер, не бев сигурна дали ќе издржам до утрото.

* Напишавте дека спас најдовте во Скопје, како ве пречекааво ГАК, што точно направија за да ве спасат?

- Бев примена итно, првично на ургентно одделение, па на дигестивна хирургија бидејќи имав преплет на црева, кој бил предизвикан од внатрешно крварење и некроза на матката, кои тлееле во стомак цели 5 дена. И уште истиот ден ме оперираа дежурните лекари од дигестивна хирургија и од ГАК и така ми го спасија животот.

* Во каква состојба беше вашето дете, дали неговото здравје беше ризично?

- За жал не знам да ви кажам во која состојба беше бебето, генерално беше добро, ама јас го видов дури после 12 дена лежење во болница. 12 дена бебето без мене. А изгубив и млеко, поради целиот тој стрес.

* Зошто решивте јавно да прозборите дури сега, по толку месеци? Какви реакции добивте, дали некој од лекарскиот тим што беше со вас во тој период ве контактираше?

- Решив дури сега бидејќи ми е болна тема и психички не бев спремна. Ама со помош на психотерапија успеав да надминам некои работи и добив храброст да објавам јавно.

Од лекарскиот тим од Тетово не ме контактирал апсолутно никој.

* Како сте сега, како е детето, колку е старо и како се вика?

- Сега, 6 месеци подоцна и многу работа на себе, и физички и психички сум многу подобра. Бебето е одлично, машко бебе и се вика Ленон, скратено Лени.

* Со што се занимавате, како ви помива еден обичен ден , кои нешта и луѓе ве прават среќна и спокојна?

- Примарно сум стоматолог, ама се занимавам и со фотографија која ми е всушност и најголемата пасија. Денот сега ми поминува со обврски околу бебето, домот и мојот мачор, а во слободно време како што кажав си фотографирам, едитирам слики, а ја обожавам природата и гледам секој слободен момент да сум надвор во природа, со сопругот или со некој од другарите, кои ми се најголема поддршка за се’.

Милица Џаровска

Фото: Приватна архива