Истражување за состојбата со менструалната правда во Република Северна Македонија

Добивај вести на Viber

Табуто и стигмата околу менструацијата сѐ уште постојат. Мислењето дека темата е веќе нормализирана и добро прифатена во јавноста, не го прифаќаме за вистинито сѐ додека не се спроведе сеопфатно истражување. Патот кон менструалната еднаквост и правото на секое лице кое менструира достоинствено да се справува со своите потреби за време на менструација, значи дека достапноста и пристапноста до хигиенски продукти не смее додатно финансиски да обременува. Денес, во време на пандемија оваа реалност е поскапа, понедостапна, но и поитна.

Со цел да се отвори и продлабочи дискусијата за менструална хигиена и репродуктивно здравје, како и да се развие инклузивен јавен дискурс на тема менструална правда, Здружението на граѓани за промоција на женската активност Тиииит! Инк., во партнерство со Реактор – истражување во акција, спроведуваат прашалник наменет за сите полнолетни граѓанки и граѓани. кој ќе помогне во изработка на сеопфатна студија за менструална правда во Република Северна Македонија. Прашалникот има за цел да ги мапира искуствата, да ја направи видлива состојбата во однос на инфраструктурните услови за соодветно одржување на менструална хигиена, како и да ги дознае ставовите на пошироката јавност во однос на оваа физиолошка појава. За таа цел, прашалникот е наменет за сите полнолетни граѓани и граѓанки од различни статусни и старосни групи, етнички и верски заедници кои живеат на територијата на Северна Македонија. Учеството е анонимно, а податоците од прашалникот ќе бидат од значаен придонес кон создавање на една поширока стратегија и унапредување на политиките за менструална правда.

Оданочувањето на менструалните продукти има огромен удел во веќе дискриминирачкиот розов данок (pink tax). Тешката достапност на квалитетни и безбедни менструални продукти можат да ја направат менструацијата скапо секојдневие, а за голем дел од популацијата во Северна Македонија – луксуз. За среќа, во неколку земји низ светот, постојат исчекори во последните години, од кои се издвојува прогресивниот закон донесен во Шкотска, кој изминатата недела е изгласан после четиригодишната кампања на Моника Ленон, членка на Лабуристичката партија. Преку донесувањето на овој Закон локалните власти во Шкотска се обврзани да обезбедат бесплатни продукти за менструална хигиена на оние на кои им се најпотребни. Во борбата против менструалната сиромаштија, неопходно е и нашата држава да ги следи овие успешни практики кои ќе се пресликаат во политики со кои ќе се унапреди достапноста на производите за менструална хигиена, а со тоа ќе се унапреди и женското здравје.

Ова истражување се спроведува во рамките на проектот Крај за менструална сиромаштија - Застапување за намалување на менструалната сиромаштија во РСМ, финансиски поддржан од Програмата за поддршка на граѓанското општество Цивика Мобилитас на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ). Истражувањето е предвидено да даде сеопфатна слика за повеќе аспекти од менструалниот циклус и тоа, достапност до продукти, менструални искуства и практики (стигма, срам, менструални болки) и услови за одржување на менструална хигиена, проценка на индивидуалните месечни трошоци за санитарни производи и др.

Лице за контакт: Јана Коцевска 075 299 877